Ги гледате сите јазици горе? Ние ги преведуваме сториите на Глобал војсис за светските граѓански медиуми да бидат достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

· јуни, 2015

Написи од Заокружено од јуни, 2015

Македонија: Активист го заврши штрајкот со глад за правата на мигрантите

Во сабота на 20 јуни, експертот за човекови права и активист Суад Мисини го заврши штрајкот со глад што го започна шест дена пред тоа во знак на протест против нехуманиот третман на мигрантите кои минуваат низ Македонија. Г. Мисиниј ја објависледната изјава (линковите се додадени):

Во очекување на ефектите од измените на законот за азил во пракса, состојбата со центарот Гази Баба, денес 20 јуни, не е подобрена. Бегалците се сè уште заточени во центарот кој добива карактеристики на концентрационен камп, во невозможни, нехумани и деградирачки услови, надвор од законската рамка и надвор од меѓународните стандарди за човекови права кои се дел од националниот правен систем.

Властите во Република Македонија одбраа да останат глуви на барањата на бројни меѓународни организации и институции за решавање на овој проблем. Тие остануваат слепи на фактот што Комитетот против тортура на ООН во својот најнов извештај за Македонија, третманот на бегалците во овој центар го окарактеризира како тортура и прекршување на Конвенцијата на ООН против тортура – и сето тоа во ситуација кога нашата земја е членка на Советот за човекови права на ООН.

Од друга страна, сакам да потенцирам дека Македонија, како членка на Советот на Европа, минатата есен беше посетена од Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа при што беше посетен и центарот во Гази Баба. Исто така, пролетва и претседателот на овој комитет Микола Гнатовскиј ја посети земјава и со властите разговараше, меѓу другото и за центарот во Гази Баба. Потенцирам дека нашите власти сè уште не дале одобрение за објавување на извештајот по повод оваа посета на Комитетот за превенција од тортура.

Конечно, два дена пред почетокот на штрајкот со глад, народниот правобранител на РМ на прес конференција ги изложи катастрофалната ситуација и беззаконието кои владеат во овој центар.

Денес, можеме да констатираме дека јавноста во РМ, но и меѓународната јавност и странските медиуми и организации се потполно свесни и информирани за проблемот со овој центар. Центарот во Гази Баба е денес меѓународна тема. Доколку властите решиле дека овој катастрофален проблем не е предмет на ургентна реакција и последователно решение, тогаш тоа дефинитивно ја става нашата земја во редот на оние кои отворено и без скрупули спроведуваат тортура, наочиглед на целиот свет, а властите се легитимираат како институции водени од луѓе кои немаат никаква почит за човечкиот живот. За жвотот на стотици луѓе кои се заточени во овој центар. Конечно, за мојот зивот.

Затоа, на овој ден го прекинувам штрајкот со глад. Затоа што лимитите на здравствените ризици се веќе надминати и затоа што потенцијалите на овој штрајк се исполнети.

Моите барања, кои се барања на огромен дел на јавноста во РМ, се делумно исполнети.

Мојот граѓански акт беше капка која создаде бранови кои, искрено се надевам, заедно со сите претходни, ќе доведат до решавање на овој проблем кој од нашата дрзава прави нецивилизиран простор.

Неизмерно им благодарам на илјадниците кои искрено и недвосмислено ја изразија својата поддршка, правејќи го овој граѓански чин исто толку нивен, колку што беше И мој.

Во меѓувреме, твитерџиите продолжуваат да споделуваат фотографии кои ги покажуваат условите во кои живеат затворените бегалци.

Активист за човекови права започна штрајк со глад за мигрантите пред Собранието

Растечката криза со миграциите неодамна ги погодува и земјите во југоисточна Европа, и нови проблеми се јавуваат скоро секојдневно. Реагирајќи на нехуманиот третман на мигрантите кои минуваат низ Република Македонија, реномираниот активист за човекови права Суад Мисини започна штрајк со глад пред зградата на Парламентот во Скопје. Тој го започна штрајкот веднаш штом објави три барања преку пост на Фејсбук во недела на 14 јуни. Постот се здоби со над 300 лајкови и над 90 споделувања во текот на првиот ден.

Почнувам штрајк со глад.
Пред Парламентот.

Барам итно и веднаш:

  1. Итно усвојување на измените на законот за азил, кои ќе им овозможат безбеден транзит или привремен престој на бегалците кои минуваат низ територијата на Македонија, како и слободна употреба на сите јавно достапни средства за транспорт.
  2. Конкретни и јавно објавени мерки од страна на Министерството за внатрешни работи во насока на заштита на животот, сигурноста и имотот на бегалците.
  3. Итно ослободување на сите бегалци и имигранти уапсени во центарот на Гази Баба и негово итно затворање.

Штрајкот ќе трае додека овие барања не се исполнети.

Суад Мисини

Илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Сомалија, Нигерија и други воени зони минуваат низ Македонија, патувајќи од Грција кон Србија со цел да стигнат до Германија или други побогати земји на ЕУ. Мигрантите пеш ја следеа железничката пруга, при што беа жртви на страшни „несреќни случаи“. Од неодамна мигрантите користат велосипеди, кои по наводно драстично зголемени цени ги купуваат во јужните македонски градови за да ги возат по главниот автопат. Многу од нив се жртви на разбојнички банди и трговци со луѓе. Некои од бегалците властите ги задржуваат како „сведоци“ во Центарот за прием на странци „Гази Баба“ во Скопје, каде условите за живот, според народниот правобранител Иџет Мемети се „нехумани, нездрави, недостоинствени“.

Владата треба да дискутира за амандманите на  Законот за азил на 16 јуни.

ФИФА изборите се во тек

И покрај неодамнешните апсења на претставници на ФИФА поради обвиненија од страна на Министерството за правда на САД, од светското фудбалско управно тело изјавија дека нивните избори, кои ги нарекуваат 65 конгрес на ФИФА, денес ќе продолжат според планираното. Актуелниот претседател на ФИФА Сеп Блатер, кој беше на чело на организацијата за време на дво-децениската опсада од корупција, мито и перење пари, наводно, ќе учествува и бара петти мандат на денешниот конгрес. Блатер одби да поднесе оставка во екот на скандалот, и покрај неколку повици кон него да се повлече од функцијата.

Можете во живо да ги следите изборите на ФИФА овде.

Адвокатот на затворената карикатуристка Атена Фаргдани уапсен затоа што се ракувал со неа

Мохамад Могими, адвокатот на иранската активистка и карикатурискта Атена Фаргдани бил уапсен на 10 јуни откако ја посетил својата клиентка во затвор. Обвинението се темели на фактот дека се ракувал со Фаргдани. Таа неодамна била осудена на 12,5 години робија за објавување цртежи и други содржини со кои ја критикувала владата на Фејсбук.

Според Новинската агенција за активисти за човекови права, Могими ја преместиле во одделот 10 на затворот Раџаи Шахр во Караџ. Кауцијата за неа е 20 милиони томани, или од прилика 7000 долари. Можно е и Фаргани исто така да добие слично обвинение.

Иранскиот адвокат Мохамад Могими е уапсен заради тешкиот злостор на ракување со неговата клиентка Атена Фаргадани“

Карикатура од Мана Најестани: и Атена и нејзиниот адвокат обајцата во затвор…

На социјалните медиуми, кампањата за ослободување на Фаргдани може да се следи преку хаштагот „Ослободете ја Атена“ #freeAtena.

Миграциони рути и статистика на Југоисточна Азија

southeast asia migrant crossingsМеѓународната организација за миграции издаде мапа која ги прикажува рутите по кои се движат бегалците со брод од Бангладеш и Мјанмар кога бараат засолниште во неколку земји од југоисточна Азија.

Почнувајќи од 19 мај, 2015, ИОМ проценува дека 4,000 бегалци се уште се заглавени во морето, додека 3,200 веќе пристигнале во Малезија и Индонезија.

Малезија и Индонезија првично ги отфрлија бегалците, но сега тие се подготвени да ги спасат оние кои биле жртви на трговија со луѓе.

Дали Саудиска Арабија ја бомбардираше античката брана Мариб во Јемен?

Непотврдени извештаи велат дека Саудиските коалициони сили, кои повеќе од два месеци го бомбардираат Јемен сега за цел ја земале браната Мариб, едно од инженерските чуда на стариот свет.

На Твитер, Хусаин Албукхаити тврди:

Непотврдени извештаи: #Saudi борбени авиони само што ја бомбардираа историската #Marib брана NW #Yemen http://t.co/rZYWUF2Qe6 pic.twitter.com/XTqHrXMGAk

— Хусаин Албукхаити (@HussainBukhaiti) 30 мај, 2015

Во следен твит, Албукхаити објави фотографија од руина, од тоа што тој го опишува како браната, која датира од 8 век пред нашата ера и се смета за најстарата позната брана во светот:

Браната Мариб NE #Yemen која датира од 8 век вчера беше мета на #Saudi борбени авиони претходен твит https://t.co/c746huac1P pic.twitter.com/D8nj6yA5M1

— Хусаин Албукхаити (@HussainBukhaiti) 31мај, 2015

Степенот на уништувањето на Јеменската инфраструктура и историја се уште е непознат. Ние овде собираме информации и траги за штетата, на Глобал Војсис Чекдеск, колаборациски проект помеѓу Чекдескот на Меедан, алатка за онлајн верификација на вести, и Глобал Војсис Онлајн.

Оставете коментар овде да придонесете со новости за оваа сторија или да се придружите на нашиот тим.