Љубовно писмо до затворениот Сириец со палестинско потекло Басел Картабил

Bassel Safadi and his wife Noura. Photo from Noura Ghazi Safadi's Facebook page.

Басел Сафади и неговата сопруга Нура. Фотографија од страница на Фејсбук на Нура Газии Сафади.

Дополнување: На 1 август 2017, сопругата на Басел Картабил, Нура Гази, дозна дека нејзиниот сопруг бил погубен од страна на сирискиот режим пред околу две години во 2015. Таа го напиша ова љубовно писмо во февруари 2015, девет месеци пред да ја прими непотврдената вест дека Басел е осуден на смрт. Оттогаш до 1 август годинава, ниту Нура ниту поддржувачите на Басел не можеа да потврдат дали тој е погубен или да дознаат информации за неговата локација, и во последните две години Нура живееше во надеж дека повторно ќе го види.

 

На 15 март 2015. беше одбележана третата годишнина откако во Дамаск беше затворен Басел Картабил, познат и како Басел Сафади, познат сириско-палестински блогер и програмер на отворен софтвер. Како водач на движењето Криејтив комонс за Сирија и активен учесник на проекти како Мозила Фајерфокс и Википедија, тој е заслужен за отвореност на сирискиот интернет и ширење на пристапот до интернет и знаењата до јавноста. Според Европскиот Парламент, неговото притворање е дел од напорите на сириската влада да го ограничи пристапот до онлајн заедниците и да ја задуши слободата на изразување во земјата.

Басел беше уапсен неколку дена пред закажаната свадба. Неговата сопруга, Нура, го одбра 14 февруари 2015 година, Денот на вљубените (Св. Валентин), да го објави ова писмо:

Не можам да напишам песна на Денот на вљубените, навистина морам да те видам, ми треба да ги украдам зборовите од твоите очи, во моментов можам да мислам само на нив.
А кога се соочувам со твоите очи, немам зборови. Не можам веќе да мислам, мислам на Сирија, леле Басел. Боли, Сирија боли.
Сирија, кога го споменувам нејзиното име плачам
за Сирија сета љубов
Би сакала да знаеме како да ја сакаме, ако ја сакавме тогаш никогаш немаше да дојдеме до ова…
Мислам дека сите ја сакаме, но не знаеме како да ја сакаме,
ние дури и не учиме како да ја сакаме нашата Сирија
Басел, многу се плашам, се плашам за земјата што ја колат, делат, која што крвави додека ја уништуваат…
Леле Басел, многу се плашам дека нашиот сон се менува од претставата за генерација што ја ослободува нашата земја во генерација што го сведочи нејзиното уништување. Леле Басел, многу се плашам…
Сакам да подарам роза
не црвена како крв
не бела како бојата што никогаш не ја носевме на нашата свадба
сакам да подарам сина роза, со иста боја каква што носев кога се венчавме,
бојата на здолништетот што го носев кога ми рече дека ме сакаш
Леле Басел, толку многу ù должиме на оваа земја
цело време сум преморена
цело време сум слаба
цело време плачам
Се чувствувам себично мислејќи само на себе и Сирија
Чувствувам дека сакам да ја напуштам, но потоа се враќам и ù ветувам на мојата Сирија дека ќе бидам силна
Сакам да кажам убава,
Сакам да кажам човечко суштество
Сакам да го истетовирам нејзиното име на мојата рака
Сирија тоа го заслужува драг мој Басел
да се обидеме овој пат заради Сирија
за Палестина
за Палестина што ја живеам преку тебе
ти си мојата прекрасна втора половина и јас живеам во тебе
ти си мојата убава палестинска половина
замисли
си недостасувам самата во тебе
ми недостасува сè од тебе
ми недостасува Сирија и Палестина во тебе

15. март, денот на апсењето на Басел е исто така денот на кој се одбележува почетокот на сириското народно востание. Пролетта 2011. година кога граѓаните од целиот регион излегоа на улиците барајќи слобода, достоинство и правда, изгледаше дека сè е возможно. По четири години, сонот на Басел, Нура и многумина други се претвори во кошмар. Сирија е под постојана закана, а страдањето на нејзиниот народ веќе не се смета ни за вест.

Неодамна, бомбардирањето од страна на Владата уби повеќе од 150 луѓе, без да биде забележано од медиумите. Денес само воените злосторства што ги врши Даеш (Исламска Држава – ИД) се во вестите, додека сирискиот народ е нивен заложник и жртва.

За нас кои ја знаеме и сакаме Сирија, длабоко нè погодува она што се случува во оваа земја, а уште повеќе бидејќи тоа станува сè поневидливо за светот. Погодени сме од страдањата на повеќе од 200.000 загинати луѓе, стотиците илјади кои се затворени, присилно преселени, претворени во бегалци, луѓето кои продолжуваат да поднесуваат незамисливо измачување во владините затвори, како и оние кои страдаат под тиранијата на групи како ИД. Таквите групи имаат свои агенди и интереси и се непријатели на богатството на сириските различности. Овие единствени и незаменливи луѓе станаа само бројки и статистики кои се толку големи што и ООН не успева да ги регистрира.

Особена болка предизвикува рамнодушноста. Сликите кои веќе не предизвикуваат индигнација, документацијата за злосторствата што се акумулира во видео снимки на интернет кои никој не ги гледа. Селективната емпатија на оние кои ги класифицираат жртвите на категории како империјалисти и анти-империјалисти, легитими и нелегитимни врз основ на геостратешки политики, како и на оние кои ја зголемуваат болката негирајќи ја.

Тоа здоболува повеќе од загубата на саканите, бидејќи нема терапија што може да излечи загуба на цела земја. Раните никогаш не заздравуваат. За оние што ја сакаат, болката што ја чувствува Сирија е непрестајна.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.