Мраморното море е покриено со „морска слуз“, со можни опасности за животната околина

Чамци блокирани од лигава морска слуз. Снимка од екранот од видео-клип на Јутјуб-каналот на Ал Џезира, наречен „Турската ‘морска слуз': Густи алги го гушат живиот свет“.

Мраморното Море се наоѓа помеѓу Балканскиот Полуостров и Мала Азија и се протега од Дарданелите до Босфор. Од минатиот мај ова море на територијата на Турција, од претходно познато како чисто, го привлече вниманието на меѓународни медиуми заради еколошки проблеми.

„Морска слуз“ и причините за неа

Лигава, органска пена наречена „морска слуз“ се појавува во Мраморното Море. Таа претежно се состои од фитопланктон, односно микроскопски алги. Сам по себе фитопланктонот не е штетен за околината, но во комбинација со зголемените температури на водата, отпадните води, пестицидите и глобалното затоплување, тој премногу се размножува и предизвикува штета на биодиверзитетот, го блокира влезот на  сончевата светлина во морето и го намалува нивото на кислород во морето.

Според Агенцијата Анадолу, овој феномен не се случува за прв пат. Прв пат бил забележан 1997 година околу Дарданелите, а потоа и во 2007 г. Овогодинешнo избивање е најлошо во блиската историја. Прво беше забележано во јануари 2021 година, но со тек на време густината се зголемила и до јуни морскиот брег е целосно покриен од слуз. Таа има навлезено 80-100 метри под морската површина и може да тоне на морското дно.

Во интервју со „Д Сајантист“ (The Scientist), Елис Олриџ, океанографката и професорка при Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, вака ја дефинира „морската слуз“:

Морска слуз е народски термин за слузестата материја која се лачи од многу различни видови фитопланктон. Таа може да содржи и излачевини од бактерии, па дури и остатоци клетки кои се расцепени од вирусни напади при што се излила нивната протоплазма. Така добивате лигав хаос. Претежно се состои од полисахариди, материјали кои ги лачи фитопланктонот, но може да ги има и другите елементи.

Олриџ изјави дека нејзината главна грижа е ако алгите продолжат да тонат кон дното, може да наштетат на морскиот биодиверзитет и целата животна средина. Потенцијално може да ги убие коралите, рибите и раковите бидејќи тие нема да имаат доволно кислород заради трупањето на слузта. Опстанокот на голем дел од морските организми зависи  од тоа дали ќе има доволно кислород растворен во водата. Со тековниот ритам на умирање и распаѓање на алгите, се апсрбира растворениот кислород кој инаку би требало да биде на располагање на рибите и другиот морски свет.

Професорот Бајрам Озтурк од Турскиот центар за истражување на морето сподели слични грижи во интервју со ББЦ:

Поради преголемиот раст на слузта, загрозени се неколку видови, меѓу кои школки, дагњи, морски ѕвезди… Тоа е вистинска катастрофа.

Експертите обвинуваат дека причинител е „комбинација на загадување и глобално затоплување, кои го забрзуваат растот на алгите одговорни за морската слуз“. Во интервју со Ројтерс, хидробиологот Левент Артуз ги повика луѓето да го сменат однесувањето за да се спречат вакви еколошки катастрофи.

„Додека тие  практики продолжуваат, нема смисла да очекуваме различни резултати.  Ќе продолжиме да се соочуваме со вакви несреќи,“ изјавил Aртуз, посочувајќи дека последните години има зголемено излевање на отпадни води од канализација во крајбрежните предели.

Засегнати индустриски гранки

Риболовот е еден од најголемите извори на приход  во регионот на Мраморно Море. Популацијата на риби вклучува миграторни видови како сина риба, гар-риби и скуши кои патуваат од Егејско кон Црно Море. Во Мраморното Море живеат и локални скуши, сабјарки и кањец кои ги ловат локалните рибари. Зараади излачевините од фитопланктоните, некои од рибите умираат со неприродна брзина.

Постојат грижи и дека слузта ќе му наштети и на туризмот, индустриска гранка која од претходно е погодена со рестрикциите поврзани со ковид-19.

Вадата ветува брза реакција. На Светскиот ден на животната околина, 5 јуни, претседателот Ердоган присуствувал на отворање национален парк во Истанбул каде објавил дека владата ќе се ослободи од слузта што е можно поскоро. Тој исто така изјавил дека напливот на морска слуз е предизвикан од луѓето и компаниите кои фрлаат отпад во Мраморно Море. Владата испратила тим од 300 инспектори да ги испитаат зоните зафатени со морска слуз.

„Ако Алах дозволи, ќе го спасиме нашето море од оваа проклета слуз. Се плашам дека може да се прошири и кон Црно Море. Мора да го исчистиме што побзо… Овој проблем со слуз може да се реши со колективни напори на нашите организации.“ 

Дополнително, владата креирала комитет со 19 членови со задача во рок од три месеци да ги испита и истражи слузта и причините за неа. На 15 јуни министерот за животна средина и урбанизација Мурат Карум твитнал дека за 7 дена исчистиле 2.684 кубни метри слуз од загрозените области. Во еден од неговите последни твитови, тој информираше за планот за чистење.

„Интензивно продолжуваме со напорите да се исчисти слузта, спроведувајќи истраги. Од  15 јуни завршивме 3.219 истраги и организациите за кои е утврдено дека не ги почитувале законските обврски добија казни од  10 милиони и 495 илјади турси лири.”

Министерот Карум на 16 јуни изјавил, дека 3.288,2 кубни метри слуз биле пренесени во депонии во близина на Мраморно Море. До 20 јуни уште 5.000 кубни метри слуз биле собрани на 293 локации.

Во изјава од 22 јуни, Карум рекол дека тимовите за чистење користат технологија  за оксидација со која се пумпа кислород на  длабочина од 30 метри од 4 точки во Заливот на Коџаели и од локации во морето во близина на областа Пендик во Истанбул. Министерството ова го смета како пилот-проект, кој ако успее ќе доведе до дозвола да се користи истата технологија  и на други места. До сега, тимовите за чистење користеле методи на чистење на морската површина и правење бариери со бродови, додека 18 други бродови работеле да се спречи ширењето на слузта. Во меѓувреме, властите ја прекинале работата на 14 индустриски постројки што го загадувале Мраморно Море и презеле обврска да воведат нови видови заштита за Мраморно Море до крајот на 2021 година.

Но, проблемот опстојува наспроти обидите за чистење. На 16 јуни група нуркачи го истражи нивото на штета со нуркање 30 метри под морското ниво близу до остров  во близина на брегот на Истанбул. Според Хуриет њуз, нуркачите откриле дека штетата се влошила во текот на последната недела, додека морската слуз ја оневозможува подводната видливост додека мрежа од излачевини го прекрива морското днo на штета на морскиот живот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.