Два дена откако Косово и Србија не успеаја да постигнат договор во спорот за одлуката на косовската влада да ги забрани регистарските таблички издадени од Србија, по долга расправија, ЕУ на 23 ноември објави дека проблемот е решен.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, кој одржа бесплодни разговори на 21 ноември во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, во обид да го реши овој долготраен спор за регистарските таблички на возилата два дена подоцна изгледаше ентузијастички кога ја објави веста за договорот:
We have a deal!
Very pleased to announce that Chief Negotiators of #Kosovo & #Serbia under EU-facilitation have agreed on measures to avoid further escalation and to fully concentrate on the proposal on normalisation of their relations.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) November 23, 2022
Имаме договор!
Со големо задоволство објавувам дека главните преговарачи на Косово и Србија под фацилитација на ЕУ се договорија за мерките за избегнување понатамошна есалација и целосно да се концентрираат на предлогот за нормализација на нивните односи.
Борел рече дека Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на автомобилите; а пак Србија повеќе нема да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови.
Владата во Приштина тврди дека регистарските таблички што претходат на Косовската војна за независност од Србија во 1999 година веќе не може да бидат валидни. Таа вели дека 50.000 Срби во Северно Косово, коишто ги прифаќаат само локалните српски институции, сега мора да ги користат косовските таблички.
Проблемот со регистарските таблички е причина за кавги веќе извесно време, со тоа што локалните Срби во Косово претпочитаат да ги користат табличките издадени од Белград, коишто Косово ги смета за нелегални. Спорот поттикнуваше постојани препукувања во текот на летото.
ЕУ во август посредуваше за постигнување договор со кој ќе се дозволи слободно движење меѓу Косово и Србија, во обид да се намалат тензиите по серијата насилни инциденти. Но, ситуацијата се влоши. Претходно овој месец косовските Срби поднесоа оставки од нивните позиции на пратеници, градоначалници, судски функционери и полициски службеници, во координиран протест против наводното кршење на договорите меѓу Србија и Косово склучени во Брисел.
Косово им се заблагодари на САД за интервенцијата
Косовскиот премиер Албин Курти најави одложување на изрекувањето на казните за табличките, по неуспехот да се постигне договор во понеделникот, бидејќи САД го побара тоа.
No time for small ambitions, it’s time for big steps. Yesterday's accordance paves the way for intensive talks on the full normalization of relations w/ Serbia based on the EU's Proposal supported by 🇫🇷, 🇩🇪&🇺🇸. Thankful to @USAmbKosovo Hovenier for his role, support & dedication.
— Albin Kurti (@albinkurti) November 24, 2022
Не е време за мали амбиции, туку за големи чекори. Вчерашниот договор го поплочува патот за интензивни разговори за целосна нормализација на односите со Србија според предлогот од ЕУ поддржан од 🇫🇷, 🇩🇪 и 🇺🇸. Благодарност за амбасадорот на САД во Косово Ховенир за неговата улога, поддршка и посветеност.
I want to thank @USAmbKosovo Jeff Hovenier and the U.S. Government for their active engagement in reaching today’s deal in Brussels. Their support for the dialog process b/w Kosovo & Serbia is indispensable. 🇽🇰 is grateful.
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) November 23, 2022
Сакам да се заблагодарам на амбасадорот на САД во Косово Џеф Ховенир и на Владата на САД за нивното активно учество во постигнувањето на денешниот договор во Брисел. Нивната поддршка за процесот на дијалог меѓу Косово и Србија е незаменлива. 🇽🇰 е благодарно.
Вашингтон многу набргу го поздрави договорот:
The United States welcomes the agreements reached between Kosovo and Serbia to avoid further escalation of tensions and to concentrate fully and urgently on normalizing relations under the auspices of the EU-facilitated dialogue. https://t.co/MoQGmRAxlL
— Ned Price (@StateDeptSpox) November 24, 2022
САД го поздравува договорот меѓу Косово и Србија за избегнување понатамошна ескалација на тензиите и целосно концентрирање на итна нормализација на односите во рамки на дијалогот поддржан од ЕУ.
Но, Србија избра поинакво толкување на договорот со Косово постигнат во Брисел.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека постојните „КМ“ регистарски таблички издадени за косовските Срби во северниот Град Митровица, кои се користат низ цело северно Косово, каде Србите се мнозинство, ќе останат во употреба и покрај договорот, според БИРН.
“КМ табличките, што се однесува до новите автомобили, а има до 90 од нив годишно, во поглед на обновувањата, тие се одвиваат нормално и нема никаква обврска во овој поглед”, изјави Вучиќ за медиумите во четвртокот во Белград.
Косово и Србија започнаа преговори за нормализација на односите во 2011 година, со посредство на Европската Унија. Процесот на преговори се очекува да заврши со правно обврзувачки договори. Иако Косово тврди дека овој договор треба да вклучува взаемно признавање, Србија не прифаќа, инсистирајќи на „компромисно решение“.
Спорот за регистарските таблички како изговор за ширење дезинформации
Во текот на втората половина на 2022 година, спорот за регистарските таблички, како најекспонирано прашање се користеше од страна на разни политички актери, како и од лиферувачите на пропаганда и дезинформации во регионот на Западен Балкан и пошироко.
Анализата на клучните про-Кремљ наративи кои се шират низ Западен Балкан спроведено од страна на членките на мрежата Western Balkans Anti-Disinformation Hub забележа неколку случаи на лажни аналогии кои промовираат и рециклираат руска пропаганда којашто ја оправдува агресијата врз Украина.
На пример, пред 31 јули, првичниот рок поставен од Косово за замена на регистарските таблички, Србија започна кампања за промовирање на лажниот наратив дека „Косово подготвува протерување на Србите од земјата, исто како што Украина ги протера Русите од источните региони на својата територија.” Заедничката регионална анализа истакнува дека покрај замената на регистарските таблички, „Белград погрешно информира дека според одлуката на премиерот Албин Курти, личните карти на Србите ќе бидат конфискувани на границата, акција којашто ќе му претходи на конечното протерување на Србите од Косово.”
Како резултат на тоа, десетици српски граѓани со тешки возила ги блокираа патиштата што водат до граничните премини во Јариње и Брњак. Но, според одлуката на владата, оние коишто имаат српски документи за идентификација, ќе добиваат само еден документ издаден на граничните премини, практика која Србија ја применува врз државјаните на Косово повеќе од една деценија.
Политичарите од двете страни на косовско–српската граница ги искористија резултирачките тензии со ширење страв од целосна војна за да добијат видливост. Во август, српските провладини таблоиди ги зголемија тензиите на регионално ниво, тврдејќи дека е неизбежен нов вооружен конфликт, и се водеше континуирана кампања за хушкање на војна и предизвикување меѓурасни тензии. Кампањата се обиде да го издвои премиерот Курти како главен виновник за проблемите и клучните пречки за изнаоѓање решенија.
Орхан Драгаш, директор на Меѓународниот институт за безбедност со седиште во Белград, нагласува дека експлозијата на дезинформации од веб страници поврзани со Русија и сметкина социјалните медиуми во Србија, кои тврдеа дека борби избувнале во Косово на 1 август, „беше агресивна руска хибридна операција дизајнирана да испровоцира уште една европска војна и да го одврати вниманието од Украина”.
Во Косово, Артан Абраши, пратеник од владејачката партија Ветевендосје, ширеше веќе раскринкано лажно тврдење дека „по мобилизацијата во Русија, има мобилизација и во Србија.” Сензационалистичките наводи на Абраши кои имплицираа темпирано насилство на 24 септември беа распространети од бројни косовски медиуми.
На 26 септември, српски таблоид објави лажни тврдења за „нелегален“ упад“” од страна на Косовските безбедносни сили против етничкото српско население во Општина Зубин Поток во Северно Косово, во близина на српската граница, што овозможи изговор за потпалувачки реакции од локалната српска политичка партија и од страна на српската Владина канцеларија за Косово. Следниот ден, српскиот претседател Вучиќ се закани дека во случај на погром против Србите во Косово, српската војска ќе интервенира ако силите на НАТО стационирани во Косово не успеат да ги заштитат.
Во напис на Еурактив, Антоанета Николова, Директорка на Балканската иницијатива за слободни медиуми, предупреди дека сите овие дезинформации насочени кон хушкање на војна и пропагандата може да поттикнат етничко насилство слично на смртоносните немири пред 18 години.
Во Косово, таквата закана носи одредена тежина. Во 2004 Година, Србите беа погрешно обвинети за давење на три деца етнички Албанци. Следеше медиумска бура, што доведе до појава на етничко насилство во кое загинаа 19 лица, а стотици други беа повредени. Според ОБСЕ„без несовесното и сензационалистичко известување на 16 и 17 март, настаните можеа да тргнат во друг правец.