Љубителите на стрипот и колегите се простија од починатиот италијански стрип-мајстор Џовани Романини

Џовани Романини на мотор. Фото: Кадар од документарниот филм „Магнус – – знакот на друмникот“ (“Magnus – Il segno del viandante”) продуциранод TSW films во режија на Џовани Eкер. Објавено со дозвола.

Италијанскиот автор на стрипови Џовани Романини умрел на 75-годишна возраст на 20 март 2020 година во неговиот роден град Болоња од аневризма на мозокот. Одржување јавен погреб е одложено за по завршувањето на мерките на карантин против Ковид-19 во Италија.

Колегите, кои со љубов го нарекуваа „велемајстор“ или просто Џо, го ценеа Романини поради широкиот опсег на неговиот уметнички талент како автор на стрипови, од цртање со молив, туширање, сликање и пишување  сценарија.

Последен поздрав за Џовани Романини и Магнус, на кој се прикажани како нивните автопортрети од „Дружината од бесилка“ – трубадурот и борец со праќа Берто и витезот Сер Крумп . Карикатура на  илустраторот Џани Таконела, објавена со дозвола од авторот.

Во родната земја Романини е познат како долгогодишен соработник, ученик и помошник на починатиот легендарен автор на стрипови Магнус, псевдоним на Роберто Равиола (1939-1996). Италијанскиот весник „Ла Стампа“ во нивниот некролог Романини го нарече „штитоносец“ на Равиола.

Нивната соработка започнала во шеесеттите години со стриповите „Криминал“ и „Сатаник“, кои се сметаат за класици на жанрот на „црни стрипови“ (fumetti neri), трилери со елементи на страв и ужас и секс нацртани во црно-бела техника.

Заедничката работа продолжила со „Алан Форд“, гротескна пародија на жанрот со тајни агенти создадена од сценаристот Макс Бункер и Магнус како цртач на ликовите. Романини имал низа улоги во илустрирањето на серијата. Оваа ценета стрип-серија во 2019 година ја прослави педесеттата годишнина и има постигнато култен статус низ цела бивша Југославија, а сè уште е во печат во Италија и Србија (од каде што се увезува и во Северна Македонија).

По смртта на Романини, некои балкански медиуми објавија некролози во кои го опишуваа како „цртачот на славниот „Алан Форд““, имплицирајќи дека тој бил единствениот цртач. Всушност тој беше еден од неколкуте илустратори кои работеа на серијалот, додека како цртач е потпишан само на неколку броеви – 114, 121, 124.

Во доцните седумдесетти години Романини пак се здружил соМагнус за да ја создадат „Дружината од бесилка“ (на италијански „La Compagnia della Forcа“), епска фантастична сага полна со хумор во формат сличен на „Алан Форд“.

Серијата се состои од 20 броеви по 120 страници, а јунаци на нејзината приказна е една разновидна група ренесансни платеници кои имаат авантури исполнети со незгоди низ цела Европа, Блискиот Исток и Југоисточна Азија. Дел од сториите се инспирирани од патувањата на авторите низ некои од тие места, меѓу кои и Далмација.

„Дружината од бесилка“ се смета за ремек-дело на Романини и Магнус.

Во текот на осумдесеттите, Романини ги илустрирал стриповите со Пајо Паторот за италијанското списание „Тополино“ кое објавува стрипови од Дизни. Паралелно во тоавреме, Романини работел со Лучио Филиполучи на стрипови во кој главен лик била Чичолина, италијанска порно-ѕвезда по потекло од Унгарија која стана пратеничка во италијанскиот парламент во 1987 г.

„Дружина од бесилка“ („Družina od vješala“) на хрватски, објавена во Југославија  во 1986 г. Фото: Филип Стојановски, CC BY.

Многу од југословенските љубители на делото на Романини за прв пат дознаа за него во 1986 година, кога во земјата беше објавен превод на „Дружината од бесилка“ на хрватски јазик („Družina od vješala“). Причината за ова е тоа што југословенските издавачи на лиценцирани стрипови често не ги наведуваа имињата на сите соработници, фокусирајќи се само на „ѕвездите“ како Магнус и Бункер. Сличен случај беше и со стриповите на компанијата Дизни, кои беа исклучително популарни во сите краишта на федерацијата во тоа  време. Сите тие имаа само еден потпис – „Волт Дизни“, иако самиот Дизни умрел неколку децении претходно.

Во текот на седумте години пред неговата смрт од рак во 1996 година, Магнус работел со Клаудио Ници на специјален проект посветен на Текс Вилер, главниот лик на влијателниот италијански вестерн стрип „Текс“.

Со стрип-албумот во формат на книга „Текс: Долина на теророт“, додека здравјето му попуштало, перфекционистот Магнус настојувал да оддаде достојна почит на серијалот со кој има огромен број поклоници, па го надминал првобитниот рок за четири години. Кога решил дека не е задоволен со квалитетот на сопствените цртежи на коњи, Магнус го повикал Романини на помош.

Следниот видео-клип ја покажува вештината на Романини при туширање на цртеж со Кит Карсон, еден од главните ликови од сториите за Текс.

На крај, Џо ги нацртал скоро сите коњи во стрип-албумот, со исклучок на четири слики, а помогнал и со туширањето. Неговиот придонес бил признаен во воведните текстови на сите изданија на книгата, која во Италија за прв пат е објавена во 1996 година, во Хрватска во 2013 г. и во Србија во 2014.

Стрип-албумот „Текс: Долина на теророт“ од Ници и Магнус, хрватско издание на Стрип-Агент од 2013 г. Во огледалото се гледа корицата а во преден план слика  со коњи нацртани од Романини. Фото: Филип Стојановски, CC-BY.

Работата на Текс довела до долгогодишна соработка на Романини со Серџо Бонели Едиторе, најголемиот италијански издавач на стрипови, кој во јужна Европа игра слична улога и има слично значење како Марвел во САД.

Во текот на последните децении од неговиот живот, Романини илустрирал 30 епизоди од серијата „Марти Мистерија“, меѓу кои и неколку вредни за паметење како „Боговите на самракот“ и „Човекот што живееше во иднината“. Оваа серија на стрипови ужива значителна популарност и во Италија и во земјите на бивша Југославија, а има изданија и во многу други земји. Како дел од профитабилна франшиза од стрипот се произлезени и серија цртани филмови и неколку видео-игри.

Веднаш по ширењето на веста за неговата смрт, многу од  колегите на Романини објавија сеќавања на социјалните медиуми, меѓу другите и фотографии од моменти на заедничка работа или дружење кои не одговараат на стереотипите за интровертни „гикови“ кои им се припишуваат на авторите на стрипови во популарната култура од САД.

На пример, авторот на сценарија за стрипови и филмаџија Џовани Екер, кој во 2007 година режирал документарен филм за Магнус, објави фотографија од Романини како вози моторцикл со полна брзина, со опис „ова е Џовани Романини за мене“.

Навистина, многу од италијанските автори на стрипови воделе многу сликовити животи, исполнети со авантури кои може да се споредат со оние на нивните фиктивни ликови. Една таква вонвременскаличност е Хуго Прат (1927-1995), авторот на „Корто Малтезе“, кој минал делови на животот во Етиопија, Аргентина и создал потомство со бразилските домородците.

Авторите на стрипови кои работеле директно со Романини имаат животни приказни од сличен формат. На пример, креаторот на Текс Вилер, Џан Луиџи Бонели (1908-2001), ги носел соработниците на излети кои вклучувале возење со глисери и пикање во конзерви со „каубојски“ револвери модел Колт-45. Неговиот син Серџо Бонели (1932-2011) водел експедиции во Амазонската џунгла, просторот во кој се случуваат повеќето епизоди од неговата серија „Мистер Но“.

Романини има го има напишано следното мото на својот веб-сајт:

Un personaggio che non fa mai errori e si comporta sempre in modo impeccabile, non è affatto interessante.

Лик којшто никогаш не прави грешки и секогаш се однесува примерно и непогрешливо, не е воопшто интересен лик.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.