Војната, лошото управување и климатските промени се главните причини за недостатокот на вода во Јемен

Мало девојче опкружено со празни канистери, слика од екранот од видео на „Позитив Јемен“.

Јемен, стадиумот на една од најлошите хуманитарни кризи во светот, се соочува со сериозна криза за вода: според УНИЦЕФ, 16 милиони луѓе немаат пристап до чиста вода во земјата.

„Што е полошо од тоа да се нема најосновното човеково право, вода?“, прашува Шушу, млада активистка од главниот град Сана во разговор за „Глобал војсис“.

Сана се наоѓа меѓу 10-те градови со најмали резерви на вода во светот и е пред голем ризик да остане без вода во наредните неколку години. Жителите на Јемен користат 95 проценти помалку вода од просечен жител на Соединетите Американски Држави.

Тригодишната војна несомнено влијае на изворите на вода а водоводната мрежа беше честа мета на напади. Во февруари 2016 се појавија извештаи дека саудиски авиони бомбардирале и уништиле резервоар со вода за пиење за 30,000 Јеменци. Ова се случи кратко по бомбардирањето на значајна фабрика за десалинизација во градот Мока, исто така од страна на коалицијата водена од Саудијците.

Сепак, лошото управување помага во објаснувањето за влошената ситуација. Бушењето за да се дојде до ограничени количини подземна вода долго време претставува норма за јеменската влада и мала е веројатноста дека властите ќе спроведат поодржливи стратегии како што беснее војната.

„Ја обвинувам владата за тоа што не најде решение и немаше надзор врз кризата за вода. Никому не му е грижа за луѓето“, изјави Шушу за „Глобал војсис“.

Количеството подземна вода е драстично намалено а климата во Јемен изгледа дека станува посува. Во 2009, Организацијата за храна и земјоделство при ОН (ФАО) предвиди дека Јемен може да биде првата земја во светот која целосно ќе ги исцрпи своите резерви на подземна вода.

Водата веќе е многу скапа во земјата со тоа што обичните граѓани плаќаат повеќе од 30 проценти од нивните приходи само за да ги снабдат своите домови со вода. Тоа е највисоката стапка во светот.

Како што кризата се продлабочува, борците ги користат ресурсите како оружје. Силите поддржани од Хутите и Саудијците повеќепати блокираа испораки на хуманитарна помош која се состои од храна и вода, и со тоа не им оставија избор на голем број Јеменци освен да чуваат вода колку што можат, често и во несанитарни услови.

Одењето по вода е исто така предизвик во Јемен. Одговорноста за полнење вода, кога изворите се далеку од населени места, неретко паѓа на жени и девојчиња. Долгиот пат ги изложува на сексуално вознемирување. Постојат ризици тие да се удават во отворените резервоари за вода или да доживеат спонтан абортус заради носењето тешки канистери.

Младите девојчиња кои не можат да носат тежок товар често се враќаат и по неколку пати. Мисијата може да трае и цел ден кој го губат вон училишните клупи.

Епидемија на колера

Несоодветното чување вода предизвика епидемија на колера во Јемен, најголемата и најбрзо раширената епидемија некогаш. Повеќе од 1.1 милиони сомнителни случаи на колера се забележани од април 2017 со повеќе од 2.300 жртви.

Еден од 62 Јеменци е под сомнение дека има колера. Многу од нив се деца под седумгодишна возраст. Болниците наводно примаат околу 60 до 70 сомнителни случаи секој ден.

Светската здравствена организација предупредува дека по двата големи бранови колера во последните години може да следи и трет.

Среќна околност е тоа што колерата се лечи релативно лесно. Комбинацијата од антибиотици и интравенозни течности обично се покажува како доволна дури и за тешките случаи. Сепак, третманот треба да почне набрзо по појавувањето на симптомите бидејќи тие може да бидат фатални.

Лошиот пристап до здравствена заштита претставува предизвик за лекувањето: околу 17 милиони луѓе во Јемен немаа пристап до основни здравствени услуги во 2017 година. Во моментов функционираат само 45 проценти од здравствените установи на земјата.

Покрај напорите на меѓународните програми за човекови права како УНИЦЕФ и СЗО, недостатокот остава многу Јеменци без третман. Воздушните напади во август 2018 не само што убија десетици Јеменци, туку и ја нанесоа штета на болницата Ал Тавра во Худајда.

Изразуваме сочувство до жителите на Јемен за нападот на болницата Ал Тавра во Худајда, првичните проценки за жртви и повредени се 14 жртви и 30 повредени (овие бројки ќе се зголемуваат како што ситуацијата се развива). #Yemen [Јемен] #Hudaydah [Худајда]

Просекот на болницата е околу 50.000 прегледи месечно и е главен центар за лечење колера. Бројот на случаи на колера по нападот во Худајда се зголеми за околу една третина

Проект на граѓански здруженија

Проектот #سقيا_1000‬⁩ има за цел да обезбеди бесплатна вода за оние на кои им е најпотребна. Проектот кој започна во ноември 2017 има за цел да наполни 1000 резервоари со вода во главниот град Сана и околните места. Тие ја постигнаа својата цел во февруари 2018. Проектот моментно снабдува 6194 семејства или 39.789 лица.

Активистите исто така монтираат нови резервоари и повремено ги чистат и одржуваат и новите и постоечките резервоари. Досега тие инсталираа 14 нови резервоари, а полнат 74 и помагаат во одржувањето на 21 постоечки резервоар. Целиот проект функционира врз основа на донации од луѓе од Јемен и од странство. Тоа е нивниот единствен извор на средства.

Јеменскиот активист вклучен во проектот, Омар Мохамед, за „Глобал војсис“ изјави:

The project started on social media. We got the support of people from inside and outside Yemen. Their support was the main reason we were able to succeed.  We did not receive support from any political party. Alhamdulillah, we reached our goal in February 2018. After that, the movement turned into a project that regularly ensures reservoirs are filled. In the first half of this year, the project was working perfectly and according to the plan. But recently there’s a lack of support, and the shortage is increasing day by day. Therefore we seek alternative sources from traders or donors to support the project.

Проектот започна на друштвените медиуми. Добивме поддршка од луѓе од Јемен но и од странство. Нивната поддршка беше главната причина зошто можевме да успееме. Не добивме поддршка од ниту една политичка партија. Алхамдулила (фала му на Бога, н.з.) ние ја постигнавме нашата цел во февруари 2018. Потоа, движењето се претвори во проект кој редовно се грижи резервоарите да бидат полни. Во првата половина од годината, проектот работеше перфектно и според планот. Но во последно време недостасува поддршка и недостатокот се зголемува секој ден. Затоа бараме алтернативни извори од трговци или донатори да го поддржат проектот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.