Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Индија: Слободa на говор или противдржавно дејство?

Арундати Рој протестира против забраните во Индија

Во медиумите, Aрундати Рој , индијска писателка на новели, есеи и активистка, почесто е спомнувана не заради нејзиното авторско дело, туку заради отворените критики кон индијската држава. После новелата Богот на малите нешта за која ја доби наградата Букер, писателката воглавно се посветува на пишување на научна литература и излагање на нејзиното мислење околу политичките теми поврзани со социјалната неправда и економската нееднаквост.

Неодамна, нејзината поддршка на Кашмирскиот сепаратизам предизвика дебата во Индија. Во своето обраќање на конференцијата со наслов „Каде оди Кашмир – слобода или ропство?“ организирана од страна на Коалицијата на граѓанското општество на Џаму и Кашмир (JKCCS – Jammu and Kashmir Coalition of Civil Society) на 24-ти oктомври 2010 во Шринагар, Рој изјави: „Кашмир никогаш не бил интегрален ден од Индија. Тоа е историски факт.“ Еве едно видео од тој говор поставен на ЈуТјуб од корисникот Wahidfayaz:

Салил Трипати на блогот Индекс на цензурата ги сумира реакциите на Индијците:

Доколку чувствата искажани на Интернетот – преку Твитер и Фејсбук – се показател, нејзините забелешки предизвикаа бес кај многу Индијци. Некои од нив бараат таа да биде затворена за долго време. Некој дури и твитна да ѝ биде наметната смртна казна и покрај тоа што најголемата казна според Законот за противдржавно делување е доживотен затвор. Во однос на тоа, владата нема изјавено дека ќе ја гони Рој, и покрај тоа што хинду-националистичката партија Баратија Џаната од северниот дел на областа Утарканд има поднесено официјална жалба, која ги можела да предизвика некаква законска процедура.

Заедно со индиските медиуми, индиската блогосфера исто така експлодира од реакции во прилог и против нејзината изјава. Раџан Венкатесваран смета дека слободата на говорот би требало да има граници и пишува:

Речено е дека Владата нема да ја гони. Јас навистина посакувам некој да започне парница од јавен интерес и Врховниот суд да ја испрати во затвор и така да стане пример за сите останати како неа.

Travails and Travels го критикува мислењето на Рој:

Дали постои неправда во Индија? Да. Корупција? Да. Пристрасност, непотизам, комунализам, криминално однесување, опресија? Да, да, да…. Но, Индија не е толку лоша колку што вие ја претставувате. Според она што вие го велите, се чини дека една елитна група на луѓе од високата класа, се буди наутро со идентификација која вели, „измамете ги најсиромашните, силувајте неколку Адиваси, угнетете уште неколкумина од нив, прегазете ги човековите права со голема ревносност.”

Арундати Рој зборува на Харвардскиот Универзитет во април 2010. Сликата е на корисникот Jeanbaptisteparis на Фликр. Под Криејтив комонс лиценца

Чинмај Кумар ја брани Арундати Рој:

Дали ја злоупотреби слободата на говор? Можеби да, можеби и не. Доколку тоа предизвика политичка катастрофа, тогаш веројатно се работи за злоупотеба. Кашмир отсекогаш бил катастрофална политичка тема, започнувајќи од денот на ослободувањето на Индија. Нејзината изјава беше сосема доволна да предизвика неред, бидејќи Индија веќе долго време го заштитува Кашмир, нешто што таа го дефинира како колонијализам на државата. [..]

Постојат гласови кои повторно и повторно се дигаат и постојано ќе постојат оние кои ќе се обидуваат да ги замолчат. Тоа се случи пред стотици години и пред неколку децении. Од Сократ до Аун Сан Су Чи и денес до Арундати Рој.

К.Р. Сурендран од Керала информира:

Арундати Рој даде изјава во која го сожалува однесувањето на нашата нација во однос на нашиот јавен говор и дава до знаење дека сето она што го изјави е предизвикано од љубовта кон нашата нација. Водачи, слушајте…….

Рахул Басу на As I please се спротивставува речиси на се она што Арундати Рој вели или пишува, но сепак смета:

Дали нејзиниот говор е вреден за да ѝ биде наметната казна за противдржавно делување? Вчудоневиден сум што во медиумите е предизвикана толку голема дискусија.

Блогерот и писател Дилип Д'Соуза на Death Ends Fun во неговиот пост заклучува на оваа тема :

Ве молам да се привикнете на идејата дека постојат луѓе кои во огромен степен не се согласуваат со она во кое верувате и кое го сакате.

Да, тоа го вклучува и Кашмир. Прифатете го.

И дека постојат и оние различни погледи, кои кога се искажуваат во никој случај не значи дека се еднакви на противдржавно дејствување. Напротив, тоа е дефиницијата на она што значи да бидеш Индиец. Прифатете го и тоа исто така.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.