Јапонија: Спомени на еден отпадник – прв дел

После речиси три години надвор од ѕидовите, блогер, кој претпочита да биде анонимен, одлучил да ја раскаже приказната за неговиот живот позади решетките. Уапсен за злосторство, за кое тој тврди дека не предизвикало ничија смрт или повреда, тој блогира „за да преиспита живот кој неодамна бил скршен на парчиња“.

Од Mrhayata, под Криејтив комонс лиценца.

Цитатите кои се наведени се извадоци од постови кои оригинално се напишани на јапонски јазик и се објавени со согласност на авторот.

Од фактите па се до апсењето

Го извршив злосторството во зима, пред 7 години. Во тоа време на знаев зошто го направив, но бев слаб, испаничив и си заминав. Се вратив дома, ја зедов колата и почнав да возам без да знам каде ќе завршам… Со други зборови, избегав. Во моите мисли ми беше само едно: „Треба да и се извинам на мојата фамилија со тоа што ќе умрам“. Имаше и жртви, но во тој момент навистина немав време да мислам на нив… Како што реков, не повредив никого, затоа што сè се случи кога немаше никој. Сепак, два месеци бегав низ цела Јапонија. Спиев во сауни, евтини мали хотели или паркови. Кога престојував во Нара Парк ми се приближи еден елен, беше многу страшно…
Бев уапсен во еден мал хотел во Токио. Користев лажни имиња кога се пријавував, се до тогаш, не знам зошто тогаш го напишав моето вистинско име и адреса. Па, кога вработениот во хотелот го виде, повика полиција.
Полицијата ја проверувала мојата сметка во банка и знаеше дека сум во бегство низ земјата, затоа беше пуштено предупредување во секоја сауна и хотел во областите каде сум бил. Мислам дека беше 22 часот, кога завесата од капсулата (мала соба) каде спиев наеднаш се отвори и некој рече „Ние сме полиција, знаеш зошто сме овде!“ Имаше тројца детективи и полицаец во коридорот од хотелот. Кога ме одведоа не ми ставија лисици, но ме држеа многу цврсто за панталоните. Бармен од барот во близина, кој не знаеше што се случува ми прозборе, но во тој момент мозокот ми беше празен и не можев добро да разберам што се случува…

Мојот живот во полициската ќелија

Утрото откако бев уапсен, се разбудив во 7:00. Точно во 9:00, дојде детектив и бев одведен во соба за испрашување. Тоа беше првиот пат кога ми ставија лисици со рацете позади грб. Лисиците беа тесни и тешки. Сега конечно сфатив дека сум уапсен. Испрашувањето траеше цел ден. Не се сеќавав добро и имав заборавено некои работи, но ако одговарав како што се присеќавав детективот ќе ја удреше масата и викаше „лажго!“ или „сети се“! се чувствував како да гледам полициски филм и е мистерија како успеав да останам смирен. Детективот кој беше одговорен за моето испрашување не беше пушач па ми рекоа дека можам да испушам само три цигари за време на испрашувањето. После тоа сфатив дека нема смисла. Кога требаше да потпишам неколку страни за досието, истакнав дека е малку различно од тоа што го кажав. Тие рекоа нешто како „Во принцип е скоро исто, нели“ или нешто слично, но ги натерав да го поправат. Тогаш не знаев ништо за судењето, но подоцна бев многу задоволен што ги натерав да го поправат напишаното…

Во полициската ќелија имаше шефови на Јакуза, мафијаши, Кинези, Ирачани, Американци итн. Злосторствата беа различни. Странците и мафијашите беа запоставени, но шефовите беа од помош. На неискусните како мене им даваа работи за лична хигиена и крицки. Полициската станица каде бев имаше релативно добар третман и еднаш неделно одеа на пазар за тебе ако можеш да платиш. Можев да купам чипс, слатки, леб или работи за еден ден. Она што ме остави без зборови беше еден Американец кој стана насилен, па уште од почетокот го ставија во ќелија за жени или малолетници. Врискаше на вечер, врлаше со измет на полицијата… Затоа секој пат кога го преместуваа требаше да има тројца полицајци. Велеше „Вие сте насилни со Американците затоа што ја изгубивте војната!“ Каква глупост. На преведувачот му беше тешко…

Продолжува…

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.