Фото-есеј: без државјанство во поранешната советска република Грузија

Написот кој следи е напишан од партнерот на „Глобал војсис“ „Чаи-кана.орг“. Текст на Моника Елена. Сите фотографии се на Џејкоб Борден.

Пасошот на Мигел Мкиртичијан е сив, како и неговиот досегашен живот.

„На грузиски е. Ми го пишува името, датумот и местото на раѓање,“ тивко вели 22-годишникот, покажувајќи кон документот.

„Не сакам да го покажувам. Не е црвен како другите и кај државјанство пишува ’нема‘. Не припаѓам ниту овде, ниту никаде.“

Со патната исправа Мигел Мкиртичијан може да патува, но на неа не стои никаво државјанство. Во моментов му претстои последната фаза од процесот на добивање целосно грузиско државјанство.

Мкиртичијан е без државјанство, еден од вкупно 595-те лица без национална припадност во Грузија, според УНХЦР, агенцијата за бегалци на Обединетите нации. Станува збор за само мал дел од вкупно 10 милиони лица без државјанство ширум светот, но последиците не се помалку сериозни.

„Ако немате лична карта вие сте фантом,“ објаснува Јоханес ван дер Клаув, претставник на УНХЦР во Грузија.

„Немате пристап до здравствена заштита, образование, работа. Не можете да гласате, не можете да отворите сметка во банка, не можете да стапите во брак, не можете да возите.“

Дури немате право ни на умреница.

Мигел немал документ за идентификација сè до 2015-та година. Имал 20 години кога му го утврдиле статусот на лице без државјанство.

Мкиртичијан не знае кога правно останал без државјанство. Тој е роден во Москва, татко му е Нигериец и мајка му етничка Ерменка родена во Тбилиси, и имал руски пасош до неговата трета година.

Кога мајка му отишла да го посети семејството во Тбилиси, дедо му наводно го уништил пасошот. Не сакал внук му да биде Русин, му рекле на момчето.

Тоа била судбоносна одлука. На почетокот, Мкиртичијан и мајка му живееле кај нејзините родители. Но, морале да си одат оттаму откако настанала семејна расправија, раскажува Мкиртичијан.

Тој ги раскажува спомените додека си гледа во дланките, избегнувајќи директен контакт со очи. Сфатил дека може да биде опасно, исто како и поставувањето прашања.

„Се сеќавам дека јас и мајка ми си отидовме и почнавме да спиеме на улица,“ продолжува. „Имав 11 години. Престанав да одам на училиште и ја следев неа.“

Изгледа, документацијата на Мкиртичијан едноставно исчезнала.

Роден во Москва, 22-годишниот Мкиртичијан се преселил во Тбилиси со својата мајка кога имал 3 години. Татко му, наводно нигерски државјанин, исчезнал пред тој да се роди.

По една случајна средба со познаник во 2015 година, Мкиртичијан одново постои на документ благодарение на адвокат кој работи во Програмата на УНХЦР за искоренување на статусот без државјанство.

Неговиот случај бил пренасочен до Агенцијата за развој на јавниот сектор при Министерството за правда на Грузија и една година подоцна, добил лична карта како лице без државјанство.

Со овој документ за лична идентификација тој ги има сите права како и државјаните, освен право на глас и право на работа во јавниот сектор. Сега живее во засолниште за бездомници во Тбилиси и во 2019 година му претстои конечна одлука за државјанство.

Но, за Мкиртичијан, грузискиот пасош е многу повеќе од обичен документ.

„На лицето ми пишува дека сум различен,“ вели тој додека седи на работ од својот кревет на спрат во засолништето.

„Зборувам грузиски, но не личам на Грузиец. Зборувам ерменски, но не личам на Ерменец. Зборувам руски, но не личам на Русин. Ми треба државјанство за да си ја излечам раната од неприпаѓање.“

Без документи, Мигел Мкиртичијан имал тешкотии при барањето работа. Во 2017 добил работа како хигиеничар во вежбалница, каде може бесплатно да ги користи справите секое утро пред отворање.

Тој не е единствениот со таква желба. Стотици илјади луѓе во Евроазија преку ноќ останаа без државјанство во 1990-тите откако Советскиот Сојуз се распадна и се редефинираа државните граници.

Тие станале „странци“ поради застој во администрацијата, територијални конфликти или едноставно поради тоа што не можеле да ги најдат документите од еден изумрен период.

Во изминативе неколку години, Грузија, која има илјадници внатрешно раселени лица од сепаратистичките конфликти во Абхазија и Јужна Осетија, се обидува да им помогне на луѓето без државјанство повторно да почувстуваат припадност.

По неколку години поминати на улица со мајка си, Мигел Мкиртичијан бил прифатен во засолниште за бездомници во Тбилиси, под раководство на религиозна институција. Дели соба со уште две други лица.

Грузија се приклучи кон Конвенцијата на ОН што се залага за основните права и слободи на луѓето без државјанство и Конвенцијата за намалување на стапката на лица без државјанство. Го поедностави процесот за добивање државјанство и со помош на УНХЦР го одреди бројот на лица без државјанство и ги обучи управите за водење матични книги како да ги примаат барањата за лични карти за лица без државјанство.

Во текот на последните три години ваквите лица добија државјанство, па според официјалните податоци, бројот на лица без државјанство во Грузија е намален за 49%.

На крајот на краиштата, статусот без државјанство е „проблем создаден од човекот“, вели Ван дер Клаув од УНХЦР.

„Потребна е политичка волја за да се реши проблемот.“

Но, неинформираноста продолжува да биде пречка; особено помеѓу етничките малцинства и руралните заедници.

„[Граѓанското] образование е лошо,“ коментира Нато Гагнидзе, основач на Центарот за иновации и реформи, непрофитна организација во Тбилиси која промовира пристап до државните служби.

„Луѓето не се целосно свесни што може да се случи заради немање документи.“

„Не постојат податоци за неа во централниот архив“

Малика Саидаева живее во колиба во предградито на Тбилиси и заработува продавајќи на тезга. Дознала за својот недокументиран статус кога ѝ била потребна здравствена нега и немала доказ за својот идентитет.

59-годишната Малика Саидаева е една од овие лица. Таа е родена во чеченскиот град Грозни, во денешна Русија, а во 1980 година отпатувала во Грузија да работи во фабрика во Кутаиси. Единствениот потребен документ бил нејзиниот советски пасош, бидејќи „немало граници“.

Во 1990-тите се преселила во Тбилиси, но „овде нема никаква трага од неа,“ вели Нино Ртвеладзе, адвокат специјалист за статусот на лица без државјанство и бегалци.

Кон крајот на 2016 година, кога во болница ѝ побарале документ за идентификација, Саидаева сфатила дека ѝ го нема советскиот пасош, нејзиниот единствен документ за идентификација. Не можела да го најде ни откако го пребарала домот.

Случајот на Малика Саидаева бил префрлен во Грузискиот јавен регистар, кој заедно со УНХЦР и Центарот за иновации и реформи се обидува да го утврди нејзиниот правен статус.

Да се нема документ за идентификација значи да се нема и здравствено осигурување.

Иако советскиот пасош на Саидаева веќе не е важечки, „со него би можел да се идентификува нејзиниот правен статус,“ објаснува Ртвеладзе.

„Нема податоци за неа во централниот архив, никаде нема зачувани информации.“

Преку пребарување на државниот архив и интервјуирање на нејзиното семејство и други луѓе, Ртвеладзе се обидува да го утврди нејзиното право на лична карта како лице без државјанство; процес кој може да трае со месеци.

Од војна до неизвесност

Виолета Бјанија (49) го напуштила родното село во Абхазија на почетокот на војната помеѓу Тбилиси и сепаратистите од Абхазија во 1992-та година. Не очекувала дека нема да се врати назад.

Долгорочната цел е државјанство. За 49-годишната Виолета Бјанија, грузиски државјанин од 2014 година, процесот траел две години.

Бјанија, етничка Абхазијка, ја напуштила Абхазија на почетокот на сепаратистичката војна со Тбилиси, откако се скарала со семејството заради тоа што останала верна на грузиската влада.

Виолета Бјанија, која држи нормална грузиска лична карта, добила грузиско државјанство во 2014-та година. Живее во две соби од куќа во предградието на Тбилиси.

Таа знае кога точно станала фантом – кратко по парламентарните избори во Грузија во 1992 година.

„Си ја заборавив чантата со документите во такси. Беше хаос насекаде. Не можев да го пронајдам возачот.“

Бјанија, продавачка на пазарот во Тбилиси, се заангажирала да извади официјална лична карта кога ѝ притребала медицинска нега, слично како и Саидаева.

Со нејзиниот црвен грузиски пасош, одново може да биде дел од светот. Но за стотици други луѓе, чекањето продолжува.

Овие два папагали се единствената придружба на Виолета Бјанија. 49-годишната жена нема информации за своето семејство откако го напуштила родното село Отхара во септември 1992-та година.

Забелешка на редакцијата: Мигел Мкиртичијан работи повремено, и при барањето работа добил помош од новинарката на „Чаи кана“. Моника Елена претходно работела како портпарол на УНХЦР во Косово.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.