Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Колумбија: Надеж да се стави крај на граѓанската војна

Оваа статија е заедничка публикација на NACLA (North American Congress on Latin America) и Foreign Policy in Focus, првично објавена на 4 јуни 2014 година. 

ColombiaNACLA

Mauricio Moreno / Flickr

Колумбија е место на некои од најекстремните и најбрутални насилства во историјата на Латинска Америка. Конфликтот кој трае веќе половина век во земјата ги одзема животите на близу 250.000 жени, мажи и деца и расели уште приближно 6 милиони луѓе. САД го финансирале поголемиот дел од конфликтот во последните години, вложувајќи од 2000-та година до сега, 9 милијарди американски долари главно наменети за зајакнување на безбедносните сили на Колумбија.

Сепак, мирот може да е на повидок. На 16-ти мај, колумбиската влада и револуционерните  вооружени сили на Колумбија (FARC), најголемата герилска група во земјата, потпишале прелиминарен договор за третата од петте преговарачки точки во тековните мировни разговори во Хавана, Куба: за нелегалните дроги.  Спогодбата им нуди практичен план на FARC да ја прекинат нивната вмешаност во колумбиската трговија со дрога, алтернативи за малопоседниците на посеви со халуцогени растенија наменети за нелегалните пазари на дрога и значајни реформи на  политиките на национално ниво заради решавање на проблемите поврзани со консумацијата на дрога и јавното здравје.

Соопштението коешто било објавено порано истиот ден донело и надеж. По националниот и меѓународен притисок, вклучително и интерпарламентарното писмо потпишано од 245 претставници од САД, Велика Британија и Ирска, FARC објавиле едностран прекин на огнот. Дури и покрај тоа што владата го задржала правото да не ги прекине воените операции се додека не се потпише спогодбата, и иако привремениот прекин на огнот од страна на FARC завршил на 28 мај, ваквиот чин е охрабрувачки бидејќи значително го намалил насилството и веројатно ќе ја зголеми довербата на преговарачката маса. Според Меѓународниот комитет на црвениот крст, стотици илјaди Колумбијци и понатаму остануваат засегнати од конфликтот секоја година. Давањето гаранција дека сите партии ќе го почитуваат меѓународното хуманитарно право  е неопходно и  тоа  би требало да помогне во напредокот на мировните разговори.   

Сепак, домашните политички потреси се закануваат да го нарушат овој прогрес. Во првиот круг од претседателските избори во Колумбија од 25 мај, актуелниот претседател Хуан Мануел Сантос, кој ги започна преговорите на разочарување на многу поранешни политички сојузници, заврши втор зад конзервативецот Оскар Иван Зулуага. Зулуага, кој е сојузник на поранешниот претседател (и актуелен кандидат за сенатор) Алваро Урибе, јасно го ставил на знаење својот скептицизам во поглед на преговорите. Иако сега ја има омекнато (ја омекнува) неговата позиција пред изборната трка, неговиот долготраен отпор кон процесот и понатаму загрижува. Сантос и Зулуага ќе се соочат во вториот круг на гласање на 15 јуни (Хуан Мануел Сантос бил реизбран за претседател на 15 јуни 2014 година).

Договорот околу прашањето за дрогата – наречен „делумна спогодба“, бидејќи ниеден посебен договор не е конечен се додека не се постигне согласност за сите точки на агендата, не е недоволно релевантен. Текстот, којшто беше усвоен од двете страни, содржи значајно повлекување од прохибиционистичкиот пристап за политиките за дрога. Со усвојување на некои од предлозите на сè поголемата заедница која повикува на реформа во политиките за дрога, договорот потврдува дека „алтернативи засновани на докази“ на тековните политики се потребни за да се решат проблеми кои можат да бидат поврзани со консумација на дрога, и дека се прави разлика помеѓу одгледувањето посеви за нелегалниот пазар и трговијата со дрога.

Притоа, договорот предвидува проширување на програмите за замена на посевите, земајќи в обзир дека многу од руралното население живее од одгледувањето кока и опиумски афион. Сепак, договорот пропишува дека „мерките на поддршка“… ќе бидат условени со… спогодби за замена и без право на повторна сеидба што значи дека од одгледувачите би се барало да ги отстапат нивните приходи од обработувањето на тековните посеви пред да ги видат предностите од алтернативните посеви. Искуството од Латинска Америка покажа дека условената помош за целосно искоренување штети на можноста за развивање трајни алтернативи бидејќи одгледувачите немаат значајни извори на средства помеѓу времето кога одгледувањето на посевите за нелегалниот пазар завршува и времето кога приходите од алтернативните посеви стануваат ефективни. Разбирливо во вакви услови, многу одгледувачи се навраќаат на одгледувањето кока и афион. Поефективен модел би бил да се понуди фазен период на елиминација или пак да им се понудат субвенции на одгледувачите се додека значајните алтернативи за заработка не се реализираат.

Меѓутоа, иако редоследот за намалување на посевите за нелегалниот пазар ќе треба да се преразгледа, страните се согласни околу вклученоста на локалното население. Користејќи го она што еден колумбиски аналитичар го опишал (опишува), како „градење на државата од темелите“, развојната програма би се потпрела во најголем дел на активното ангажирање на и со поддршка на локалното население за да се обезбеди нивно одржливо учество, а со тоа и одржливост  на програмата.

Најважен момент бил оној кога владата одлучила да го деприотизира, но не и целосно да го повлече, деструктивното и неефективно авионско хербицидно прскање на посевите со кока, избирајќи го најпрво алтернативниот развој и рачното искоренување пред прскањето на посевите. По повеќе од  една деценија употреба во Колумбија, авионското прскање служело само за ширење на полињата со кока, уништување на приходите на сиромашните фармери и предизвикување недоверба кај локалното население кон властите, земајќи в обзир дека многу заедници единствениот контакт со државата го имале само за време на повремените посети на авионот кој врши авионско прскање.

Во договорот е вклучена и консумацијата на дрога, проблем за којшто главно се смета дека треба да биде надвор од рамката на мировните разговори. Иако има малку детали за ова, поврзувањето на ова прашање со мировните разговори ќе помогне да се продолжат локалните дебати околу реформата на политиката за дрога. Признавањето на тоа дека политиката за дрога треба да биде заснована на почитување на човековите права и јавното здравје е важен придонес.

Но целосен договор, доколку најпосле биде потпишан, нема да биде крајното решение. Излегувањето на FARC од одгледувањето и тргувањето со опојни дроги нема неминовно да го реши прашањето со дрогата или насилството со коешто е поврзана. Се додека има светска побарувачка, и тоа особено во САД, криминалните организации ќе најдат начин да ја задоволат ваквата побарувачка. Притоа, евентуален договор најверојатно ќе направи вакуум на власт во руралните региони на земјата кога FARC ќе ги демобилизира и ќе ги отстапи тие територии. Постои ризик десноориентираните паравоени групи и криминалните банди да ги наследат и да се обидат да ја пополнат таа празнина. Воспоставувањето на активно државно присуство и снабдувањето основни услуги ќе биде главен предизвик, особено во региони каде вооружените сили биле главното лице на државата.

Поради ваквите постојани предизвици, САД имаат важна улога за одигрување во фазата на имплементација, како при давање финансиска поддршка на Колумбија така и при обезбедувањето политички простор на колумбиската влада за имплементација на договорите, па дури и ако тие се контрадикторни со приоритетите на политиките на САД.  Едно комунике на Стејт Департментот за спогодбата за политиката на дрога, што го поддржува насилното искоренување, отвора прашања околу тоа дали САД ќе помогнат или ќе го закочат напредувањето на мировниот процес.   

Речиси два од секои три долари помош наменети за Колумбија одат за јавните безбедносни сили. Ќе сака ли американската влада да ја пренамени помошта за градење мир отколку за продолжување на војната?

Постигнувањето трајни намалувања на посевите со афион и кока за нелегално производство на дрога ќе бара воведување на алтернативни приходи и поврзување на долго време заборавените рурални реони со националната инфраструктура. После децении водење главно неефикасна „војна за дроги“ во Колумбија, ќе допуштат ли САД нивниот долготраен сојузник да го прекине прохибиционистичко – ориентираниот модел и да изнајде алтернативи за тековниот воен пристап? Некои од најреволуционерните решенија во договорот коишто се и најголем дел, освен оние кои се однесуваат на ставањето крај на авионското прскање, би се судриле со тековниот американски пристап.

Овие прашања, како и многу други коишто ќе бидат отворени сразмерно со напредокот на разговорите, најверојатно ќе ги налутат конзервативците во владата на САД кои не се подготвени да ја променат тактиката за контрола на дрогата. Но, после малиот видлив прогрес постигнат после децении насилство и потрошени милијарди долари, преговарачите на Колумбија и на FARC направија важен чекор кон окончување на децениите насилство. САД треба да ја поддржат Колумбија во идните месеци и години, како финансиски така и политички и треба да знаат кога да се повлечат.

 

 

 

 

Канцеларијата во Вашингтон за Латинска Америка (WOLA) промовира човекови права, демократија и социјална правда во соработка со партнери од Латинска Америка и Карибите се со цел елаборирање на политиките во САД и во странство. 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.