Новинарот Луис Карлос Дијаз е ослободен во Венецуела по обвинението за „поттикнување злодела“

Луис Карлос Дијаз (десно) со Марко Руиз од Националниот синдикат на новинарски работници (СНТП, лево) кратко по неговото ослободување. Кадар од видеото објавено од СНТП.

На 12 март околу полноќ во Каракас, Националниот синдикат на новинарски работници на Венецуела потврди дека новинарот и бранител на човекови права Луис Карлос Дијаз е ослободен од страна на венецуелските власти откако беше задржан речиси 24 часа.

Тој е обвинет за „поттикнување злодела“ (instigación a delinquir) и е ослободен со услов да се пријавува кај разузнавачките власти (СЕБИН) на секои осум дена и да остане на венецуелска територија. Исто така му е забрането да зборува за искуството од притворот.

Триесет и четиригодишниот новинар исчезна вечерта на 11 март. Во 2:30 наутро на 12 март, државните безбедносни службеници го донесоа во неговиот стан врзан со лисици. Тие упаднаа во домот во кој живее со сопругата и одзедоа повеќе електронски уреди по што го напуштија станот носејќи го Дијаз со нив.

Неколку часа подоцна, десетици протестирачи се собраа пред канцелариите на јавното обвинителство во знак на солидарност со овие повици и со повиците на сопругата на Дијаз, Наки Сото, која е исто така позната политичка аналитичарка и активистка.

Протестирачи собрани пред канцелариите на јавното обвинителство и бараат ослободување за Луис Карлос. На знакот пишува: „Бранењето, информирањето и давањето мислење се човекови права“. Фотографии споделени на „Твитер“.

Утрото на 12 март на Интернет се појави голема поддршка од мрежите за слобода на медиуми и човекови права низ светот кои повикаа на негово ослободување. Хаштагот  #DondeEstaLuisCarlos (Каде е Луис Карлос?) го отвори патот за #LiberenaLuisCarlos (Ослободете го Луис Карлос) кој многу брзо стана најпопуларен хаштаг во „твитосферата“ на Венецуела и го имаше меѓу најпопуларните објави на „Твитер“ од целиот свет.

Откако беше ослободен, Дијаз им се обрати на колегите од сметката на својата сопруга, изразувајќи благодарност за нивната поддршка

За крај, знаев дека имам добри пријатели, но прашањето сега ми е: Како може да се поврзат меѓу себе?

Не ни помислував што може да постигне ова. Неверојатно. Читам со часови и уште не сум завршил. Фала ви.

Луис Карлос е долгогодишен и познат член на заедницата на „Глобал војсис“. Повеќе од десет години, тој работи на бранење на слободата на говорот и користењето дигитални мрежи за одржување јавен пристап до информации за време на кризата во Венецуела. Тој и Сото се водители на мегапопуларна видео програма (претходно на „Јутјуб“, сега на „Патреон“) во која презентираат политички коментари и хумор.

Луис Карлос е познат по својата мудрост, вештини како соработник и ментор и неговиот уникатен капацитет да ја разбере и објасни сложената средина за дигитална комуникација во Венецуела.

На сите во „Глобал војсис“ им е полесно сега кога знаеме дека нашиот колега е безбеден и со своето семејство. Ќе продолжиме да го следиме неговиот случај.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.