Да бев диктатор, ќе ве сметав за непријател

Постот е дел од специјална серија статии од блогерот и активист, Марсел Шеваро, кој ја опишува реалноста на животот во Сирија за време на моменталниот вооружен конфликт помеѓу силите лојални на моменталниот режим и оние кои бараат од тој режим да отстапи. 

Marcell Shehwaro adds her voice to Free #Douma4 - leading human rights activists and opposition figures kidnapped in Douma by Islamist militants

#Douma4 постер за кампањата да се ослободи водечки активист за човековите права и противник на опозиционерите, киднапиран од исламските милитанти. Постерот гласи: „Оној кој киднапира бунтовник е предавник.“

За попрецизно да ја разберете ситуацијата, дозволете ми да ве префрлам во времето и местото кога таа се случи и да ви понудам некои детали. 

Времето:

7 октомври, 2013. Тоа беше ноќта  кога мојот пријател Абдулвахаб Алмула, бунтовник и уметник, беше киднапиран. Се случи во периодот кога киднапирањето стана честа појава, пред Сиријците да чујат за Исламската држава на Ирак и Сирија (ИСИС). Ова беше десеттото киднапирање за кое имавме чуено и овојпат не се соочувавме со непознати киднапери како на почетокот на изминатата година. Знаците јасно посочуваа на ИСИС. 

За три месеци многу работи се сменија. Чадот во медиумите исчезна. Некои мажи почнаа да пуштаат бради. Други почнаа да носат авганистанска облека. Некои одбиваа да разговараат за ИСИС, додеа други ја искажуваа нивната поддршка за оваа група. За да дознаете повеќе за овој период, треба да размислите што ќе значи ако сите околу вас ве избегнуваат како чума, настрана од убедувањето дека вие, како бунтовник, е поверојатно да бидете киднапиран отколку другите луѓе; дека треба да живеете во страв, селејќи се од куќа во куќа и во Турција; дека вашиот грб е целосно гол и дека тие веројатно ги знаат вашите чекори со неверојатна точност. 

Учесниците:

Група пријатели бунтовници, кои имаа заеднички спомени, кои ги штитеа во моментите на крах и кои се навикнаа на болката која ја искусија преку сарказам за се, вклчувајќи ги и самите нив.

Сите имаа многу прашања за тоа како ќе се заштитиме и стравуваа за себе заедно со неизмерната тага за Абдулвахаб Алмула. Губеа надеж дека некогаш повторно ќе го видат: отсуството ќе го проголта, исто како што беа проголтани Абу Марјам, Самар, Мохамед… и други.

Во овој период затворите на ИСИС беа мистерија голема колку онаа за Бермудскиот триаголник, опкружен со шпекулации, неизвесност и тајност. 

Местото:

Куќа во соседството Алмашхад каде се собиравме кога немаше струја, каде поминувавме време, разговарајќи со пријателите. Прашањето кое сите си го поставуваа: Кој е следен, по Абдулвахаб? Кој ќе биде следниот киднапиран и исчезнат?

Ова спонтано прашање, ќе се претвори во болна игра. Очекувавме следниот киднапиран да биде еден од нашите пријатели бунтовници. Се трудевме да бидеме објективни и да се прашаме: ако си ти диктатор, или на пат да станеш, кого ти би киднапирал?

Поминавме низ познатите имиња. Овој пријател е поверојатно да биде киднапиран бидејќи вреди и не би молчел пред неправдата. Шансите за исчезнување на друг пријател се поголеми, бидејќи тој е чист и ја ужива поддршката на другите бунтовници, кои веруваат во она што тој го вели. Исто така е вооружен и така претставува закана за ИСИС. И јас бев на оваа листа исто така, бидејќи она што го пишував можеше да ми создаде многу проблеми. И вака почнавме да правиме листи, барем во нашите глави за тоа кој би можел да биде киднапиран, ако сме ние тие кои ги киднапираат револуционерите во Алепо.

Ако ја проширевме листата да ја вклучува цела Сирија, секако ќе ја почнев листата со сирискиот адвокат за човекови права и активистка за граѓански права, Разан Заитунех, која има забрана за патување од сирискиот режим од 2002 година. Таа е безмилосна во одбраната на човековите права постојано ги повикува бунтовниците да пријават било какви насилства, дури и оние направени од опозициските вооружени сили. 

Ова се случи. Пет месеци порано, Разан Заитунех, Самира Калил, Ваел Хамади и Надем беа киднапирани од канцеларијата на Центарот за документирање на насилство, во градот Дума во источна Гута, од непозната вооружена сила.

Изјавата на активистите во врска со киднапирањето гласи: „Разан Заитунех е адвокат, писател и активист, кој неуморно работеше од пресвртот на земјата за да ги одбрани правата, слободите и дигнитетот на нашиот народ, колку и да беа различни нивните идеологии и политички предрасуди. Разан претставуваше нов модел на едуцирана активистка за човековите права и за сириската жена преку посветеноста на својата работа, нејзината хуманост и храброст. Таа беше креативна, мотивирана и го сакаше животот и луѓето. Таа е извонреден пример за жена, интелектуалец и активист во Сирија. Мајката, таткото и сестрата на Разан немаат чуено ништо за неа, откако исчезна и не се знае дали контактира со сопругот Ваел Хамади, кој беше киднапиран заедно со нејзе.“ 

„Што се однесува до Самира Ал Калил, која беше притворена четири години, затоа што застанала против режимот на Асад: таа учествуваше во сите демократски активности во Сирија од формирањето на државата. Таа беше активна во комитетите за заживување на граѓанското општество и во собирот за прогласувањето во Дамаск и беше меѓу оние кои учествуваа во подготовките кои кулминираа во потпишувањето на Декларацијата Дамаск-Бејрут/Бејрут-Дамаск. Таа е олицетворение на скромност, посветена е на националната кауза, ги сака луѓето и е желна да им помага на другите. Сопругот на Самира, Јасин Алхај Салех, нема информации за неговата сопруга, ниту пак имаат нејзините сестри, браќа и деца. Додека, нејзините стари родители, не ни знаат дека таа е киднапирана.“

„Со истата посветеност, Ваел Хамади се посвети себеси низ изминатите 10 години на спротивставување на режимот и беше активен од почетокот на револуцијата во локалните координациски комитети кои им обезбедуваат олеснување и хуманитарна помош на Сиријците. Ваел е двапати апсен и е измачуван од режимот. Неговата мајка и браќата немаат информации за него, а тој не знае дека неговиот татко почина пред неколку недели.“

„Да не беше Надим, многу семејства низ земјата немаше да добијат хуманитарна помош. Со Ваел, тој ја  координираше испораката на помошта, преку активните координациски мрежи на комитетот, кои ја покрија речиси целата земја. Семејството на овој исчезнат поет и адвокат немаат чуено ништо за него.“

За група мирни опозиционери кои се спротиставуваат на режимот на Башар Ал Асад да бидат киднапирани во „ослободена“ средина без сериозни обиди од страна на вооружените сили да ги бараат, е алармантно за сите нас. Патот кон слободата на Сирија е долг и има многумина на наша страна кои не сонуваат за држава на еднаквост и слобода. Она што за многу е потрага по слобода, за која се подготвени да убијат, е реално потрага по авторитет и тие се подготвени да убијат и за тоа исто така. И тоа што мислиме дека сме се ослободиле е всушност само првиот чекор напред во процесот во кој испишуваме нов општествен договор кој ќе го елиминира периодот на потиснување на слободите и осудувањето на луѓето заради нивните ставови и политички активности. Можеби  погрешивме што станавме премногу благи во поглед на безбедносните договори, на кои сакавме да се фокусираме кога живеевме во областите контролирани од режимот.

Во Сирија денес, каде оружјето е достапно и поседувано од луди луѓе, насилници и екстремисти, треба да разберете дека сте под закана, ако вистински верувате во сириската револуција и дека грбот ви е постојано откриен. Треба да си ја преиспитате вашата подготвеност да жртвувате се што ви е драго, без разлика дали тоа е вашата слобода или дури и вашиот живот, со цел да се отвори пат за Сирија, ослободена од затворски казни, киднапирања и тајни затвори.

Во Сирија денес, ако не се чувствувате загрозен и загрижен за својата слобода и, ако пријателите не ве тргаат на страна за да ја изразат својата загриженост за вас, поради она што го имате напишано, тогаш треба да се запрашате за основните отстапки кои треба да ги направите од страв и по чии начела, вие сте одлучиле да игнорирате и да ја вртите главата на оние третирани со неправда. 

Со оваа статија, сакам да им порачам на 46-те интернационални организации кои се залагаат за права, меѓу кои и Human Rights Watch и Amnesty International, да ја задржат исламската војска, раководена од Захран Алоуш, одговорна за исчезнувањето на Разан Заитунех, нејзиниот сопруг Ваек Хамада, Самира Калил и Надим Хамади. 

Ќе се осмелам и да кажам дека, од другата страна, киднапирањето на овие активисти рефлектира диктаторски амбиции да се киднапира цела нација и да се потисне револуцијата.

Ги повикувам сите, да земат учество, заедно со сириските активисти, во кампањата за ослободување на активистите под хаштагот #Douma4, и би сакала да ги поздравам многуте од вас кои волонтираа и со тоа се ставија себеси на листата на таргетирани од диктаторите ширум светот. 

Да бев јас диктатор, или да планирав да станам, ќе ве сметав сите вас за мои непријатели, едноставно зашто можете да читате и пишувате или само затоа што можете да размислувате.

Марсел Шеваро објавува на блогот marcellita.com и на Твитер @Marcellita, првенствено на арапски. Прочитајте ги другите постови од серијата овде.

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.