Русија: Од „Суверена демократија“ до „Суверен Интернет“

Во текот на изминатава година видовме значителен број на владини иницијативи и акции спонзорирани од државата кои се однесуваат на рускиот Интернет. Тие вклучуваат зголемување на активноста на властите во виртуелниот простор[англиски], бескрајни дискусии за новото законско право на Интернет регулативата, предлози за нови проекти (на пр. развој на е-владин сервис [руски], национална алатка за пребарување [англиски], национален оперативен систем, состојбата на е-маил сметките, проект за пронаоѓање на нови таленти [англиски], политика за активна регулатива насочена кон намалување на дигиталниот јаз [англиски], творење на нов кириличен домен [англиски], и сл.). Алексеј Сидоренко ги сумираше овие трендови во неговиот говор на Самитот на ГВ во Сантијаго во 2010[англиски].

Следејќи ги овие случувања. треба да се постават две важни прашања: 1. Каде водат овие трендови? и 2. Кои се главните мотивации и цели на владиното тело позади нив? Би сакал да предложам дека сите овие иницијативи имаат две меѓусебно поврзани цели кои водат до одреден посакуван модел за рускиот кибер-простор:

  1. да се зголеми бројот на взаемни онлајн дејства во Русија помеѓу руските граѓани, а првично помеѓу граѓаните и владата (владата како средиште со кое е поврзан секој граѓанин)
  2. да се намалат взаемните онлајн дејства со останатиот дел од светот и според тоа, постепено да се изолира рускиот кибер-простор од глобалната мрежа.

Зголемувањето на внатрешната густина и намалување на надворешната комуникацијата се два елементи на стратегијата која се стреми кон развој на нешто повеќе од национална кибер-зона. Сегашната руска идеолошка рамка од страна на руските идеолози беше наречена „суверена демократија“[англиски]. Се смета дека виртуелниот еквивалент на „суверената демократија“ е „суверен Интернет“ кој моментално се развива во Русија. Неговата улога е многу подалекусежна од контролирањето на протокот на информации. Всушност, моделот го препознава недостатокот на способност за спроведување на овој вид на контрола. Наместо директна и тотална контрола, овој модел цели кон пресоздавање на државата низ кибер просторот и кон поттикнување на граѓаните да останат во оваа рамка.

Создавање на национална кибер-зона: зголемување на внатрешната интеракција

И покрај пропаѓањето на СССР, Русија е сѐ уште најголемата држава во светот. Големината на земјата претставува геополитички предизвик за владеење и управување. На пример, како Москва во моментов би можела контролира што се случува во Сахалин? Исто така, големината создава предизвик за одржување на граѓанскиот идентитет во однос на државата. Географската оддалеченост и кризите кои следеа од распадот на СССР, предизвикаа значителна закана за понатамошно расцепување на Русија. Многу политички аналитичари ја зацртуваат една иднина во која, регионите, посебно оние со силно национални и/или религиски заеднички именители, ќе се борат за своја независност и руската федерација ќе се распадне. Исто така, заедниците базирани врз интернетот можат да придонесат во процесот на државното расцепување. Истовремено, кибер-просторот може исто така да има улога на место за повторно создавање на државниот идентитет и зачувување на државното единство.

Русија не е единствената земја која се бори со сопствената географија. На пример Чиле, која исто го има истиот географски предизвик, му приоѓа на Интернетот како простор кој може да помогне во владеењето и да го зајакне државниот идентитет (ова прашање, беше дискутирано [руски] на Самиот на ГВ во Сантијаго 2010). Во случајот на Русија, постоењето на мрежа која ги поврзува сите граѓани може да биде важен елемент во борбата против државното распаѓање. Познатата песна на рускиот бенд Nautilus Pompilius од средината на 80-тите вели: „Поврзани заедно со една цел, споени со еден синџир“. Во минатото улогата на двигател на заедницата ја имаше телевизијата, но нејзиното влијание постојано опаѓа, посебно кога станува збор за помладата генерација. Интернетот е информациона инфраструктура која може да ја игра улогата на синџир кој ги поврзува луѓето и ја соединува државата.

Улогата на Интернетот како алатка за повторно создавање на државата и за соочување со предизвиците има три димензии:

  • Повторно создавање на простор (поврзување): Развој на инфраструктура која на секој граѓанин му обезбедува пристап до Интернет. Во текот на изминатата година видовме дека е направен голем напор од страна на руската влада [англиски] за да се намали дигиталниот јаз, вклучувајќи го и регулирањето на цените, забрзување на интернетот и пошироката достапност.
  • Повторно владеење: Развојот на електронското владеење [руски] и зголемувањето на онлајн активноста на политичарите [руски] се стреми кон издигање на владата како најголем центар во земјата со кој е поврзан секој граѓанин. е-гов не е само сервис кој му помага на секој граѓанин да има пристап до владата – тоа е исто така систем кој ѝ помага на владата да има пристап до секој граѓанин. Многу проекти на е -гов создаваат врски помеѓу граѓаните и државата. Проектот за е-мејл системот на владата (во кој е-мејл сметките ќе работат како уникатни идентификатори, како на пр. бројот на социјално осигурување во САД) може да ги претвори граѓаните во јазли на државната социјална мрежа, а државата ќе ја игра улогата на нервен центар. Зголемувањето на активноста на највлијателните политичари во кибер-просторот создава чувство на директна врска помеѓу нив и луѓето и исто така, ја прави посилна поврзаноста меѓу луѓето во регионот и раководството во Москва.
  • Повторно создавање на идентитетот: Бенедикт Андерсон [англиски], реномиран социолог и автор на концептот имагинарни заедници, ја опишува замислената заедница како група на луѓе кои, меѓу другото, ја консумираат истата информација. Тој предлага дека развојот на националната состојба бил предизвикан од појавата на весници кои створија една состојба на „заедничко читање“. Интернетот не е само простор за „заедничко читање“, туку и простор за „заедничко дејствување“. Зголемувањето на онлајн активноста на владата, вклучувајќи го взаемното дејствување на државата со граѓаните, проекти во кои ќе бидат вклучени граѓаните (најчесто младите) во теми поврзани со државната агенда и врамување на кибер-просторот како национален простор кој придонесува за мешање на руските граѓани во една замислена заедница. И со помош на разни имигрантски заедници, руската имагинарна заедница се дистрибуира надвор од географските граници на земјата. Тоа ќе ѝ служи на руската идеја за глобален “Russkiy Mir”( Рускиот свет), како глобална руска мрежа.

Создавање на национална кибер-зона: Намалување на надворешната интеракција

Значителното намалување на дигиталниот јаз и развојот на структурата за информации низа целата земја, не е само дел од решението, но исто така и дел од еден нов проблем. Од една страна, Интернетот нуди нови можности за обединување на државата, но од друга страна создава пристап кон глобалната мрежа која што се наоѓа надвор од границите. Со други зборови, обидот да се најде решение за едната закана, создава друга закана.

Руската “Information Security Doctrine” („Доктрина за безбедноста на информациите“) , објавена во 2000, акцентира дека информациониот простор е користен од други држави и непријателски сили за дестабилизација на Русија. Како последица, контролирањето на просторот со информации е безбедносно прашање (оваа идеја исто така беше нагласена во неодамнешното ажурирање [англиски] на Руската воена доктрина).

Во последната книга – “Access Controlled: The Shaping of Power, Rights, and Rule in Cyberspace”(Контролиран пристап: Обликување на моќта, правата и правилата во кибер-просторот) [англиски] – Рафал Рохозински и Роналд Дајберт предлагаат дека следната генерација на интернет контрола се појавила на рускиот интернет. Тие пишуваат:

Во рускиот интернет, стратегиите на контрола се стремат кон тоа да бидат посуптилни и пософистицирани и направени така што да обликуваат и влијаат на тоа како информациите се примаат од страна на корисниците, отколку пристапот да биде потполно одбиен.

:

Рафал Рохозински и Роналд Дајберт

Авторите дефинираат три генерации на контрола на кибер-просторот. Првата генерација е фокусирана на негирање на информации и блокирање на одредена содржина (на пр. кинескиот модел), кој речиси и не се користи во Русија. Втората генерација има за цел создавање на „легална и нормативна средина и технички способности кои им овозможува на корисниците да одбијат пристап кон информациони ресурси и, кога е потребно, да се намали можноста за контра удар и разоткривање“. Третата генерација е најкомплексниот феномен. Означува промена од реактивна кон проактивна политика и е дефинирана како:

… софистициран, мултидимензионален приод за зајакнување на државната контрола над националниот кибер-простор и градење на капацитети за натпревар во просторот со информации со потенцијални противници и натпреварувачи. Главната карактеристика на контролите на третата генерација е тоа дека е помалку фокусирана кон одбивањето на пристап отколку кон успешното натпреварување со потенцијални закани преку ефективни контра-информациски кампањи кои го поразуваат, дискредитираат или деморализираат противникот.

Би сакал да тврдам дека на развојот на националната кибер-зона треба да гледаме како на вид на интернет контрола и понатамошен развој на третата генерација. Идејата да се создаде национална алатка за пребарување, лансирање на кириличен домен, е-владини проекти, на пр., обликуваат една средина со информации која ги охрабрува руските корисници да останат во националниот кибер-простор и последователно да направат природна изолација, и покрај глобалната природа на Интернетот.

Фактот дека рускиот интернет е релативно затворена онлајн средина не е нешто ново. Рохозински и Дајберт пишуваат за „Русијанство“ :

За разлика од поголемиот дел на Интернетот, во кој англискиот сѐ уште доминира и е зависен од популарните апликации и сервиси обезбедени од фирми базирани во САД (како што се Google, Yahoo, и Hotmail), рускиот интернет е автономна, јазична и културна средина со добро направена и популарна алатка за пребарување, веб портали, социјални компјутерски мрежи и бесплатни е-мејл сервиси.

Зголемената активност на владата ја прави интернет средина не само „поруска“, туку исто така и поблиска кон државата. Прво, новите иницијативи, на пр. кириличниот домен, не само што допринесува до понатамошно „русијанизирање“ на рускиот интернет, туку исто така до имплементација на повисок степен на државно влијание. Второ, во образовниот систем се користат само оние платформи и софтвер кои се поддржани од владата. Како последица на тоа, стануваат дел од процесот на социјализација на новите генерации на „дигитални жители“.

Овие трендови нема да водат само кон зголемување на онлајн присуството на владата. Според Мајкл Гуревитич, заменик директор на големата руска интернет компанија РБЦ, развојот на национална кибер-зона поврзана со владата може да оди многу подалеку (од интервју за ГВ):

Едно од можните сценарија за развојот на рускиот интернет е примената на телевизискиот модел (кога постои ограничен број на бесплатни ТВ канали) врз Интернетот. Штом инфраструктурата ќе се развие, владата може да предложи бесплатен интернет пакет со ограничен број на слободни ресурси. Ќе бидат вклучени е-владини услуги, пребарувачки систем спонзориран од државата, ограничен број на веб страни за вести и неколку портали за забава. Сметам дека мнозинството на Руси ќе ја прифати предноста на оваа опција и дека ќе бидат задоволни. Тие нема да сакаат да го зголемат пристапот до слободни веб-страници доколку имаат таква слободна опција.

Лансирањето на национална кибер-зона со зголемено присуство на државата како дел од социјализацијата, како и развојот на интернет систем кој ја охрабрува националната изолација може да биде етикетирана како „четврта генерација“ на интернет контрола. Во овој случај, може да очекуваме појава на нови владини проекти кои ќе допринесуваат за развој на затворена онлајн контрола на информации која ја поддржува одвоеноста и оддалеченост на руската онлајн заедница од глобалната Интернет мрежа. Друг дел на национализацијата на рускиот интернет, е зголемувањето на владини инвестиции во популарните руски интернет компании, кои вмешаноста на владата ја прават посуптилна.

Исто така, изолацијата може да биде поддржана на инфраструктурно ниво преку прекршување на принципите на неутралност на мрежата. На пример, Рохозински предлага дека пристапот до содржини кои се наоѓаат надвор од границите на националниот Интернет може да биде побавно или поскапо (може да се дефинира како евтина понуда за пристап во националната домен зона).

Заклучок: Четвртата генерација на контрола

Во книгата “Power and Powerlessness” („Моќ и немоќност“), Џон Гавента дефинира три димензии на моќ. Првата димензија за моќ е кога учесникот „А“ ја користи неговата моќ за да влијае и да го порази учесникот „Б“. Втората димензија на моќ е создавањето на бариери против учеството на „Б“ преку контрола на агендата. Третата димензија на моќ е влијаење или оформување на една свест кај учесникот „Б“ за нееднаквост и одржување на непартиципација низ социјализацијата и контролата на информации. Четвртата генерација на Интернет контрола, како што е тука опишана, е развојот на интернет средина на начин на кој се олеснува немоќта и пасивноста, кога самите корисници на Интернет не се свесни за самата контрола.

Зголемувањето на кибер-активноста на владата цели кон повторно создавање на државата преку онлајн просторот. Истовремено, значи нов модел на зголемување на контролата врз Интернет. Процесот на изолирање на рускиот интернет и истовремено, зголемувањето на државното присуство е бавен и природен, спротивно на останатите модели на контрола. Во овој случај контролата не е одрекување, филтрирање или дури и натпреварување со други содржини, туку развивање на една средина која ја намалува мотивацијата на граѓаните да гледаат надвор од границите на националните и државно ориентирани извори.

Од една страна, националната кибер-зона е систем кој мотивира изолација. А од друга страна, ја зајакнува внатрешната комуникација и ја поддржува улога на владата како нервен центар, средиште на системот. Да се биде центар во овој контекст, заедно за одржување на заеднички именител, значи заштита на државниот суверенитет. Како и да е, најуникатната карактеристика на „суверениот Интернет“ е дека нејзиниот модел на контрола е базиран на слободната волја на Интернет корисниците. Тоа може да се заобиколи со технолошки средства. Во овој случај, промената нема врска со технологијата, туку првенствено со луѓето и социјалното опкружување.

Рохозински и Дајберт предлагаат рускиот интернет да е модел на развој за други национални сегменти на светската Интернет мрежа. Според тоа, прашањето што треба да се постави е дали се движиме кон реалноста на расцепување на глобалниот простор и лансирање на многу „суверени интернет простори“. За да одговорам на ова прашање, понатамошните истражувања треба да се фокусираат на компаративно аналитичко поврзување на националните кибер-зони и анализа на меѓународниот онлајн сообраќај, во споредба со локалниот Интернет сообраќај во државата.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.