На 15 март Специјалното јавно обвинителство на Словачка изјави дека бизнисменот Маријан Кочнер е обвинет за нарачување на убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата вереница Мартина Кушнирова кое се случи во 2018 година.
Пред да биде убиен, Куцијак работеше со Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) како и на неговиот медиум „Aktuality.sk“ на откривањето можни врски помеѓу италијанска криминална група и нејзиното присуство во Словачка. Тој исто така пишуваше и за бизнис зделките на Кочнер.
Убиствата предизвикаа голем шок во земјата. Барањата за правда доведоа до масовни протести по кои тогашниот премиер Роберт Фицо беше принуден да даде оставка.
Куцијак беше вистинската цел додека, пак, Кушнирова беше убиена заради тоа што едноставно била во нивната куќа во моментот кога упаднале убијците. Тие имаа по 27 години и имаа планирано да се венчаат во мај 2018.
Според обвинителството, Кочнер лично му се заканувал на Куцијак преку телефон во септември 2017, а потоа го нарачал убиството кое се случи на 21 февруари 2018 во селото Вел’ка Мача.
Словачките органи за спроведување на законот првично притворија четири лица за убиството на Куцијак и Кушнирова. Асистентката на Кочнер, Алена Жужова, беше обвинета за плаќање 50.000 евра (околу 57.000 американски долари) во кеш и за простување долг од повеќе од 20.000 евра (околу 22.700 американски долари) на три лица – сопственик на пицерија, поранешен полицаец и поранешен војник – за да го организираат и извршат убиството.
Во текот на летото, Кочнер беше уапсен за финансиски криминали кои ги истражувал Куцијак, но на властите им беа потребни уште шест месеци за да ги уапсат лицата под контроверзниот претприемач и директно да го поврзат со убиството.
„Причината за убиството е новинарската работа на жртвата“, изјави еден специјален јавен обвинител на прес конференцијата одржана на 15 март близу Братислава, кој остана анонимен заради безбедносни причини.
Обвинението беше поздравено од организациите за права на медиумите и застапниците за човекови права. На „Твитер“, пак, Гулноза Саид од Комисијата за заштита на новинари напиша:
We welcome the news that Slovak authorities have charged a suspected mastermind for the murder of investigative journalist
#JánKuciak. This is a significant step, and a rare one in murders of journalists. We hope authorities keep their promise to bring all perpetrators to justice, thereby making all journalists in Slovakia safer from violence.
Ги поздравуваме вестите дека словачките власти го обвиниле осомничениот организатор на убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак. Ова е значаен и редок чекор во убиствата на новинари. Се надеваме дека властите ќе го одржат ветувањето да ги изведат сите сторители пред лицето на правдата, а со тоа да направат сите новинари во Словачка да бидат позаштитени од насилство.
Харлем Дезир од Организацијата за безбедност и соработка во Европа исто така изјави:
I commend today's indictment against instigator of murder of journalist #JanKuciak in #Slovakia. He paid unacceptable price for investigating corruption at the highest level & has become symbol for freedom of media to tackle mafia & crime. Full statement: https://t.co/BB8bsemt6K
— OSCE media freedom (@OSCE_RFoM) March 14, 2019
Го поздравувам денешното обвинение против лицето кое го поттикна убиството на новинарот Јан Куцијак во Словачка. Тој плати неприфатлива цена за истражување корупција на највисоко ниво и стана симбол на слободата на медиумите во борбата против мафијата и криминалот. Целосна изјава: #JanKuciak [Јан Куцијак] #Slovakia [Словачка]
Во мај 2018, на Куцијак постхумно му беше доделена наградата за новинари, свиркачи и бранители на правото на информации која ја доделува Европската обединета левица/Нордиската зелена левица (ГУЕ/НГЛ) во Европскиот Парламент. Именувана по убиената новинарка од Малта, Дафне Каруана Галиција, наградата има за цел да оддаде признание за работата и храброста на поединци во откривањето корупција и незаконски дејствија од страна на моќните.
Продолжување на наследството на Јан Куцијак
По убиството на Куцијак, OCCRP и нејзините центри-членки завршија и објавија некои од незавршените истражувања на новинарот.
Во февруари 2019, тие објавија извештај со наслов „Незавршени животи, незавршена правда“. Извештајот е заеднички потфат на OCCRP, Проектот за истражувачко известување од Италија, „Investigace.cz“ и Истражувачкиот центар на Јан Куцијак (ИЦЈК) и се базира на известувањето на Куцијак за организираниот криминал во Словачка и неговата поврзаност со политиката и органите за спроведување на законот.
Но, ИЦКЈ на „Твитер“ објави дека некои од властите не соработувале со нив и биле спречени да присуствуваат на прес конференцијата за обвинението против Кочнер.
Today at 13:00, a press conference to the investigation of Martina and Jan’s murder will be held at the Special Prosecutor's Office. We will not be there. According to the prosecution, we are not journalists, just a curious public who can read it in the paper. #justice4jan
— Investigative Center of Jan Kuciak (@icjkuciaka) March 14, 2019
Денеска во 13:00, во просториите на Специјалното јавно обвинителство ќе се одржи прес конференција за истрагата за убиството на Мартина и Јан. Ние нема да бидеме таму. Според обвинителството, ние не сме новинари туку само љубопитна јавност која ќе може да се информира од медиумите. #justice4jan [Правда за Јан]
И покрај тоа што властите го обвинија човекот кој наводно стои за убиството, новинарите и застапниците за медиуми тврдат дека сѐ уште има нерешени прашања кои се поврзани со случајот, како на пример наводната вмешаност на истакнати политичари. Со други зборови, застапниците сакаат да дознаат што можеби поранешниот премиер Фицо и Роберт Крајмер, поранешниот шеф на Антикорупциската единица при словачката Национална агенција против криминал знаеле за убиствата.
Пријателите и семејството на Куцијак и Кушнирова веќе побараа од властите да ја истражат поврзаноста на новообвинетиот Кочнер со моќни функционери кои го штителе во претходните две децении. Адвокатот на семејството на Кушнирова е загрижен дека блиското пријателство на Кочнер со поранешниот јавен обвинител на Словачка, Доброслав Трнка, може да влијае на напредокот на во овој случај.