Новинарот Луис Карлос Дијаз е исчезнат во Венецуела

„Каде е Луис Карлос?“ Слика од јавната кампања на Интернет споделена од „Провеа“. На сликата тие покажуваат кога било стапено во контакт со него за последен пат и кога последно објавил твит.

Вечерта на 11 март, политичката коментаторка Наки Сото и сопруга на венецуелскиот новинар и медиумски активист Луис Карлос Дијаз на „Твитер“ објави дека тој е исчезнат 5 часа.

[ажурирано] Синдикатот на новинарски работници (на шпански СНТП) извести дека Луис Карлос бил притворен од страна на Боливарските разузнавачки служби (СЕБИН):

ВОНРЕДНИ ВЕСТИ Комисија од СЕБИН потврди дека новинарот Луис Карлос Дијаз е притворен од тој полициски организам. Тие го впериле оружјето кон новинарите [и членови на Синдикатот на новинари] Марко Руиз, Луз Мели Рејес и Федерико Блек.

Неколку часа претходно, Сото на „Твитер“ објави дека Луис Карлос Дијаз го нема веќе пет часа:

Драги сите: Изгубив контакт со Луис Карлос во 17:30 попладнево, кога ми кажа дека се враќа дома да се одмори бидејќи требаше да води специјална емисија за „ Унион радио нотисијас“ од 22:00 до 5:00 #DóndeEstáLuisCarlos

Луис Карлос е со својот велосипед, но не сме се слушнале од 17:30 и:
– не е во радиото
– не е дома
– нема твитнато
– не одговара на повици
– не враќа на СМС или „Ватсап“
#DóndeEstáLuisCarlos

[Ажурирано] Луз Мели Рејес се јави во живо од домот на Дијаз додека членови на СЕБИН го вршеа претрес на домот на Дијаз и Сото. Од Синдикатот на новинарски работници исто така известија за инцидентот:

ВОНРЕДНИ ВЕСТИ Во моментов, 2:30 наутро, комисија од Разузнавачките служби пристига во домот на новинарот и активист за човекови права Луис Карлос Дијаз, кој е исчезнат од 17:30 #КадеЕЛуисКарлос

Други организации за човекови права и слобода на говор се приклучија на кампањата прек хаштагот  #DondeEstaLuisCarlos (Каде е Луис Карлос?) кој во моментов е најпопуларен хаштаг во „твитосферата“ во Венецуела.

Дијаз е новинар и застапник за човекови права и слобода на говор кој е добро познат и ценет како во Венецуела така и во странство заради своите коментари и критики кон владата на Николас Мадуро. Долго време работи со својата сопруга и позната политичка коментаторка, Наки Сото, прави видео и радио програми на Интернет со фокус на политиката и човековите права во Венецуела. Има работено и како едукатор и промотер за создавање простор за граѓански медиуми и независни медиумски проекти. Дијаз е исто така дел од заедницата на „Глобал војсис“ повеќе од една деценија.

За мене, Луис Карлос е брилијантна личност со големо познавање од областа на информациите и мрежите во нашата хаотична Венецуела. Тој создаде врски со општеството (од критикување до културни простори) #КадеЕЛуисКарлос.

Само неколку дена пред да исчезне, емисијата „Кон ел мазо мундо“ која е блиска до државата, објави видео од една неодамнешна емисија на Дијаз. Водителот на програмата, политичарот Диосдадо Кабељо, инсинуираше дека Дијаз помогнал да се оркестрира снемувањето струја низ државата заради кое жителите на Венецуела останаа во мрак повеќе од 24 часа на 7 и 8 март.

Не постојат никакви докази за ваквите инсинуации.

#DenounceEP Од 17:30 му се губи трагата на новинарот Луис Карлос Дијаз. Обвинет е дека е „влијателно лице налик фашист“ од страна на сметката на „Твитер“ на „Кон ел мазо дандо“.

Нашиот пријател Луис Карлос е едно од најистакнатите лица на критичкото новинарство во Венецуела. Пред неколку дена, емисијата на Диосдадо, „Кон ел мазо дандо“, го нападна ЛК со пропагандна кампања и го поврза со снемувањето струја низ држава кое е „планирано од САД“.

Како што минува времето без цврсти информации, Синдикатот на новинарски работници (на шпански СНТП) се приклучи на кампањата која ја започна потрагата во штабот на Разузнавачките служби (СЕБИН).

Веќе седум часа поминаа откако исчезна Луис Карлос Дијаз. [Дијаз] е новинар на „Унион радио нотисијас“ и е застапник за човекови права. Ние сме во штабот на СЕБИН и тие негираат дека го држат [овде во притвор] #КадеЕЛуисКарлос

[ажурирање: Тие подоцна потврдија дека Дијаз е во притвор]

Од друга страна, новинарот Владимир Виљегас негираше дека бил притворен од владините сили:

Добивме информации дека новинарот на „Унион радио нотисијас“ Луис Карлос Дијаз е притворен од страна на државните безбедносни сили. Ја искажуваме нашата загриженост за неговиот физички интегритет. Бараме информации за неговата локација и почитување на неговите човекови права.

Заедницата на „Глобал војсис“ ја изразува својата солидарност за Луис Карлос, неговото семејство и сите други независни новинари кои работат за отчетна и одговорна власт во Венецуела. Посакуваме безбедно и брзо враќање и ќе продолжиме да ја ажурираме оваа сторија.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.