Русија: Секс, жени, Путин и снимки

Овој напис е дел од нашата специјална репортажа за Избори во Русија 2011/2012.

Младите жени, кои минатото лето ги повикуваа истомислениците да ја искинат својата облека за Путин, се чини дека исчезнаа од сцената откако беа на насловните страни неколку недели по ред. Како што се ближи завршницата на изборната сезона во Русија, вреди да се погледне наназад на тоа како движењето се развиваше, и како инспирираше други жени – за или против Путин – да бидат креативни.

Важно е да се потсетиме на концептот „2.0“, чие користење е во подем во моментов. Википедија го дефинира Веб 2.0 како:

[…] лабаво дефиниран пресек на карактеристики на веб апликации кои ја олеснуваат размената на информации помеѓу учесниците, интероперабилноста, дизајн фокусиран на корисниците, и соработка на светскиот веб. Веб 2.0 им овозможува на корисниците да комуницираат и да соработуваат едни со други во дијалог преку социјалните медиуми како креатори (производители) на кориснички создадена содржина во виртуелна заедница, наспроти веб-сајтовите каде корисниците (конзументите) се ограничени на пасивно гледање на содржината која е создадена за нив.

Кампањата за претседателските избори во Русија во 2012, на многу начини ја заслужува титулата 2.0. Не само што онлајн и на улиците ја мобилизираше јавноста да се заземе за нејзината политика, туку исто така овозможи неверојатна креативност и за двете страни на кампањата. Интернетот стана место каде тие споделуваат се, ефективно ангажирајќи се во своевидни виртуелни видео расправи.

За Путин

„Армијата на Путин“ е еден од многуте примери. Откако го достигнаа врвот на нивната популарност, „Армијата“ направи два саунтрака – еден од кој е нивната „Химна“, а другиот е наречен „Напред, Вова Путин!“ – и уште неколку други провокативни видеа.

Едно од скорешните видеа беше обид за хип-хоп песна, која привлече – повторно – непријателски фидбек во делот за коментари::

Друго видео, објавено неколку дена пред изборите, се појавува млада жена во сугестивна фото сесија. Кон крајот таа го цитира Путин, што ако буквално се преведе може да се разбере во сосема друго светло: „Ако некој не верува дека ќе му се крене, тогаш никогаш нема да му се крене“.

Бројните коментари кои го исмеваат видеото, беа брзо отстранети.

Во истото време кога излезе „Армијата на Путин“ се појави уште една група, „Девочки За“ (Девојки за Путин), кои активно објавуваа музички траки, како и видеа за поддршка на Путин. Нивното најново видео прикажува тепачка за Путин помеѓу млади жени, кои според стиховите се несреќни со сите други потенцијални заменици:

Во февруари, беше објавена уште една серија на видеа, во кои се појавува нов тим на млади жени кои во различни опкружувања дискутираат за нивниот „прв пат“ (во однос на сексуално искуство), поврзувајќи го со Путин. Организацијата „Первји Раз“ (Прв пат) – ги охрабрува младите избирачи да излезат и да гласаат. Поточно, ги охрабрува да гласаат за Путиин, затоа што, како што мотото вели, „првиот пат мора да биде од љубов“.

Во првото видео, млада жена дискутира за нејзиното искуство со психолог:

Второто се одвива кај гинеколог, каде тој ја нагласува потребата од заштита:

Во третото видео, младата жена го слуша советот на гатачката, која мистериозно отвара карта на која е Путин со нешто што наликува на ореол:

Кометарите од гледачите се далеку од пријателски, и иако се објавени десетина дена пред постов, веќе имаат стотици илијади прегледувања.

Против Путин

Сепак, од друга страна на спектарот има доста големо исмевање и отпор од страна на младите жени. Можеби првиот пример за тоа се појави уште во август, набрзо откако се појави Армијата на Путин. Ф1 Студио го направи следното видео во кое се појавуваат млади жени кои ја разоткриваат Армијата на Путин, и ги прашуваат до каде би оделе за да имаат „нормален претседател“:

Како одговор на проектот „Прв пат“, популарната и ТВ лице Ксенија Собчак го објави следното видео еден ден пред изборите, каде дискутира за нејзиниот „трет пат“ кај гинеколог, кој и предлага да го промени партнерот. Изненадувачки таа прашува дали е тоа можно. „Се плашам дека ќе добијам некоја бактерија!“ вели таа. „Некоја… портокалова.“ Докторот ја убедува дека може да се заштити со „белата“ (мислејќи на белата лента, симболот на демонстрантите).

Потоа, постои и еден феминистички панк бенд „Мачкин немир“, кој изведува брзи свирки низ цела Москва во изминатите неколку месеци, вклучително изведба на Црвениот плоштад (од каде беа приведени од страна на полицијата):

Исто така, тие се истите кои предизвикаа узбуна на почетокот од февруари поради одржување на „молитвена сесија“ во најголемата катедрала во Москва повикувајќи ја Богородица да го тргне Путин:

Одтогаш, Црквата поднесе тужба против женскиот бенд за предизвикување на религиозна омраза.

Дека „сексот продава“ е добро познат факт за специјалистите од маркетинг и односи со јавноста. Таквите кампањи покажуваат дека во Русија, оваа идеја е исто така вистинита и за политиката, како и дека жените се и можат да бидат гласни политички активисти онлајн и на улиците.

Овој напис е дел од нашата специјална репортажа за Избори во Русија 2011/2012.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.