Азербејџан: Поглед од надвор

Фотографија од http://shekiazerbaijan.blogspot.com/

За тие што живеат во одредени држави, многу работи може да се земат здраво за готово. Но, кога другите од надвор ќе го откријат тоа за прв пат, често соочувајќи се со нови бои и традиции, често резултатот е нов поглед.

На пример, во еден поопширен блог пост, Meaning Full изнесува детали од нејзиното искуство во Азербејџан, нафтено богата, поранешна советска република во Јужен Кавказ и допира многу аспекти од животот- од културата и идентитетот до мисли за Исламот и родот. Португалската блогерка вели дека на моменти таа се чувствувала како во бајка.

Јас само не можев да замислам дека до некоја мера ќе се чувствувам како Алиса во земјата на чудата на оваа патување во сосема нова земја за мене. Всушност, многу нешта едноставно не работат по иста логика како што јас сум навикната, но сепак е прекрасна земја со фини, топли и пријатни луѓе.

[…]

Понекогаш, она што станува очигледно- барем во внатрешните азербејџански села […] е богатството, распространетоста, концентрацијата на мажите. Мажи, мажи, мажи насекаде. Неколку жени на улиците, неколку жени вршат работи, барем надвор, само неколку на работни места во хотелите.

[…]

Се чини дека Азербејџан силно сака да стане модерна земја. Го почувствував тоа неколку пати, по неколку детали. Владата и официјалните структури сакаат да добијат на брзина и „да го фатат возот“ на надворешниот свет. Азербејџан се претпоставува дека е „умерено исламска“ земја. Една од првите работи што го прашав Рачад, нашиот Азери водич, беше како треба да се облечам. Кратки панталони? Дали можам да облечам маица без ракави? Азербејџан е модерна земја, тој ми одговори!

Сепак, блогерката исто така признава дека, пред нејзиното доаѓање, била загрижена во однос на безбедноста, но вели дека грижите веднаш исчезнале на теренот. Иако идентификувала некои проблеми типични за патријархални и умерени исламски земји, таа била фасцинирана од живоста на главниот град Баку и неговите жители.

Кога доаѓав во главниот град на Азербејџан, Баку, немав претстава како ќе биде. Јас бев загрижена дали ќе можам безбедно да шетам сама низ градот или не. Моите грижи исчезнаа кога мојот колега Фарида љубезно се понуди за туристички водич. Ја имав можноста да го видам задоволството од зоните за пешачење на градот. Толку многу жени и деца, семејства се шетаат, релаксирано и едноставно уживајќи во градот. Толку многу игри на вода и свежи градини и ноќе премногу луѓе кои шетаат покрај мирното Касписко езеро. […] Го почувствував чукањето на градот кој се движи и дише колективно, каде луѓето вистински уживаат во нивниот град.

Сепак, многу странци во државата често го покренуваат прашањето за улогата на половите. Потпирајќи се на искуството со матријархат во семејството со кое таа живее, верно повикувајќи ја „мамо“, блогот „Правење од јајце волна“, на волонтерката на Мировните трупи во Азербејџан, ги забележува исклучоците кои општеството ги прави за жените.

[…] Неделата пред Денот на благодарноста одлучив да направам пита за моето семејство. Кога стигнавме во мојата куќа, почнав да го месам тестото и Алис почна да ги лупи јаболката. Мајка ми внимателно нè гледаше и беше импресионирана од моите способности да правам и виткам тесто. Всушност таа беше толку импресионирана што ми кажа: „Ти можеш да направиш нешто!“. Таа ми рече дека сум била „подготвена за мажење“. Овде, кога една жена ќе научи да готви, таа е подготвена да се мажи и да готви за нејзиниот сопруг. Сепак, мојата пријателка Алис не е подготвена за мажење. На мојата мајка не ѝ се допаѓа како ги лупи јаболката. […]

Дури и така, странците во државата се понесени од тоа колку едноставен изгледа животот во Азербејџан. Сонувај, планирај и направи!, друг блог на волонетр на МТ, на пример, ги дели своите мисли за начинот на живот споредени со нејзините од САД.

Секој ден, јас имам време да читам, да пишувам, да работам, да правам појадок, ручек и вечера. Јас имам време за моите дневни вежби, да пазарам во чаршијата и дури имам време и да правам торта. Моето работно време во банката е од 9.30 до 16 часот. Нема краен рок, нема притисок, нема шеф да ми го загорчува животот и дефинитивно без работни викенди. Што се однесува до материјални нешта и луксуз, признавам, немам. […]

Но, овој едноставен живот ме прави многу здрава и ме исполнува. Се погледнувам наутро во огледалото, високата влажност во оваа земја прави моите брчки да исчезнат, моите дневни вежби ме прават појака, многу балансирана, исхраната без маснотии и холестерол ме држи во добра форма. И за крај, но не и помалку важно, средината без стрес ми помага да одржувам оптимистички став. Јас се чувствувам помлада и посреќна секој ден.

Можеби всушност јас живеам во сон. […]

Волонтер на Мировните трупи избира суво овошје на локалниот пазар во Азербејџан

Слично, на блогот „Од земјата на огнот“, поранешен волонтер на МТ исто така, се присетува на добрите моменти од животот во Азербејџан каде поминала повеќе од 3 години и како ова поминато време ги сменило нејзините приоритети во животот.

[…] Сфаќам како ми недостигаат толку многу мали работи за Азербејџан што прави да се чувствувам фрустрирано кога се прилагодувам на животот во САД. Често се чувствувам како да не припаѓам овде, сега, откако поминав толку долго време во странство.

Ми недостигаат евтините свежи производи секој ден. Ми недостига `рѓосаниот, стар, смешно брз јавен превоз кој ме носеше каде и да сакам да одам за само 20 гепики. Ми недостига да имам работа, место каде можам да се чувствувам вредно и чувствувам дека мојата работа е важна и значи нешто. Ми недостига мојот шеф и моите колеги од работа. Ми недостига да имам каде да одам секој ден. Ми недостига да се чувствувам поврзана со мојата заедница.

[…]

Понекогаш ние овде во Америка имаме тенденција да мислиме дека животот е многу подобар овде отколку на друго место. […] Искрено, јас чувствував и сèуште чувствувам, дека животот во Азербејџан беше поедноставен. Ми даде шанса да ја сакам мојата работа, да ги откријам моите страсти и ми даде шанса да уживам во животот и во се што тој нуди. Се чувствувам малку носталгично за Азербејџан.

Навистина, животот во држава како Азербејџан за странец може да биде попривилегиран отколку за многу локални жители кои сèуште на некој начин водат тежок живот, но и тие исто така нудат живописна слика за животот што некогаш се зема здраво за готово и се заборава од многумина, особено во овој болен период на транзиција.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.