Антифашизмот ја обедини Унгарија

Во неделата, на 2 декември, илјадици Унгарци заедно застанаа против антисемитизмот на протестен собир во Будимпешта. Политичари од владеачки и опозициски партии зборуваа против контроверзната изјава на пратеникот Мартон Ѓенѓеши, член на екстремната десничарска партија Јобик (Jobbik), која држи скоро 17% од местата во Унгарскиот парламент. Ѓенѓеши на 26 ноември повикал „Евреите да се регистрираат на списоци како закана за државната безбедност“.

Ова беше втор таков протест.Првиот се одржа на 27 ноември, но учествуваа многу помалку луѓе, само неколку стотици.

Протестот на 2 декември го организирала фондација наречена Сите заедно за Ерусалим. На него, според Ројтерс, учествувале околу 10.000 луѓе. (За споредба, според проценки на унгарската полиција, околу 150.000 луѓе присуствуваа на прославата на државен празник организирана од Владата во октомври, 20.000 дојдоа на протест од граѓанско движење, а околу две илјади на собир на екстремно десна партија.)

Ѓенѓеши подоцна се извинил за неговата изјава, но јавната дебата за тоа дека екстремната десница добива сè повеќе поддршка во Унгарија е повторно отворена – и до некоја мерка, ја има обединето унгарскта нација.

Копе од блогот Koppány mondja напиша [hu] дека ова е крај за преправањето на Јобик во Парламентот дека се фини:

[…] Ако тој [Ѓенѓеши] е е нацист, сигурно не би рекол вакво нешто. Ако Јобик не е нацистичка партија, би го исвиркале, или во најмала мерка би го исфрлиле од партијата. Но ова не се случи. Бидејќи Мартон Ѓенѓеши е нацист, а Јобик е нацистичка партија. […]

Балас Бецкеи од Институтот за демократска алтернатива (IDEA) се запраша во пост на неговиот блог зошто ниту еден од 386 пратеници не ја напушти салата кога „ги покри темницата“ (односно, кога Ѓенѓеши ја дал својата озлогласена изјава).

Унгарски спектар напиша дека на 27 ноември, еден ден по инцидентот, четири пратеници, меѓу кои и спикерот на парламентот, протестираа во Парламентот носејќи жолти Давидови ѕвезди врз облеката – истото го сторија и луѓето кои протестираа надвор, на првиот собир, како и на вториот на 2 декември.

Жолта Давидова ѕвезда на палтото на учесник на протестот. 2 декември 2012. Фото: Redjade, објавено со дозвола.

На протестот на 2 декември до масата се обратија следните политичари: лидерот на фракција на владеачката партија Фидес, Антал Роган; поранешниот „в.д. премиер“ Гордон Бајнаи; и претседателот на Социјалистичката партија, Атила Местерхази. Најголемото унгарско граѓанско движење на интернет, „Еден милион за слобода на печатот во Унгарија“ [huen], забележа на нивниот блог дека е дојдено време Унгарците да размислат каква е ситуацијата во нивната земја:

[…] Заедничиот протест е добра можност за да се искаже не само нашата огорченост и длабока осуда на нацистичкиот говор што буди најмрачни времиња, туку и шанса да се прашаме: зошто и како Унгарија дојде толку далеку што цивилизираниот свет шокирано гледа што се случува во Парламентот во Будимпешта. […]

Учесници на протестот на 2 декември. Фото: Redjade, објавено со дозвола.

Блогерите од Кетош Мерче (Kettős Mérce) укажаа дека говорниците воопшто не ги споменаа прашањата кои се однесуваат на Ромите и ЛГБТК-луѓето во Унгарија. Блогерите исто така гледаат вина за тековната ситуација во земјата кај сите политички партии:

[…] Иако многу беше кажано за грешките на десничарите и конзервативците кои ја доведоа Унгарија до тука, за жал не се споменаа грешките на левичарите и либералите. А и тие ја споделуваат одговорноста!

Следниот пат кога некој ќе протестира против дискриминација и фашизам, се надеваме дека ќе се сети на ова, со што ќе се создадат шанси да се учествува во уште подобар протест.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.