Алармантните проблеми со безбедноста во Мексико не се ништо ново – новинарските извештаи, статистиките и перцепцијата на општата јавност упатуваат на пораст во кривичните прекршоци. Соочени со ваквата ситуација, која на моменти го надминува доменот на јавните установи кои треба да се справат неа, обичните граѓани на Мексико Сити почнаа да користат технологија за мапирање во обид да го намалат криминалот во своите заедници.
Според извештајот за кривични дела во главниот град, во вториот квартал од 2018 година Мексико Сити е на второ место во државата по бројот на насилни грабежи, на трето место од вкупно 32 држави по број на кражби на улица, и на десетто место по бројот на пробивање во домови. Ваквите статистики можеме да ги претвориме во неверојатни 96 насилни грабежи, 27 кражби на возила, 20 провали, 44 деловни грабежи и 40 грабежи дневно.
Како одговор на ваквиот пораст во криминалот, група членови од заедницата Анауак во Мексико Сити создадоа јавна карта на „Гугл“ каде луѓето ќе можат да ги обележат точните места на злосторот. Целта на картата е да ги забележи и спречи грабежите и кражбите на возила. Корисниците можат да остават и детали за да им помогнат на граѓанските организации при собирање статистички податоци.
Податоците се засноваат на сведоштва од самите жртви или од сведоци. Некои од извештаите на картите се претходно пријавени и до соодветните власти. Врската до картата се споделува на „Твитер“, каде членовите од заедницата можат да поставуваат прашања и да дискутираат за тековното урбано насилство:
Vecinos, no olviden pasar a checar el mapa delictivo del mes de junio, si no aparece su reporte, avísenos para agregarlo.https://t.co/iUelINht73
— Colonia Anáhuac CDMX (@colanahuac_cdmx) July 6, 2018
„Соседи, не заборавајте да ја проверите картата на злосторства од месец јуни. Ако го нема вашето сведоштво, информирајте нè. “
Стратегијата на користење апликации за географско лоцирање како алатка во борбата против криминалот не е нова. Од 2013 до 2016 година, веб-страницата „Хојо де Кримен“ („Hoyo de Crimen“) собираше податоци за сите видови криминал по градски блок. Податоците за инцидентите се добиваа преку безбедносните служби на главниот град. Овој проект конкретно, опфаќаше случаи како што се напади, кражби на возила, убиства и др. Проектот го започна програмерот Диего Вајес, a го продолжи Карлос Кастањеда, кој за него напиша и на „у-ГОБ“, страница посветена на користење технологија во владеењето. Во објавата на Кастањеда, Вајес коментира како неговиот проект може да им помогне на луѓето да избегнат опасност:
Con estos datos y su visualización, los ciudadanos y las autoridades podrían saber dónde se encuentran las áreas más violentas; los empresarios escogerían mejor dónde situar sus negocios, y los conductores sabrían en cuáles estacionamientos es más probable que les roben el auto.
„Со овие податоци и нивната визуелизација, граѓаните и властите знаат каде се наоѓаат најопасните места; претприемачите би избрале подобро место за да го лоцираат својот бизнис, а возачите би знаеле кои паркинзи да ги одбегнуваат.“
„Хојо де Кримен“ нагласува дека проектот побарал и изјави од полициските службеници и командирите надлежни за секоја област.
И покрај важноста од ваков проект, „Хојо де Кримен“ на крај беше принуден да престане со ажурирање на податоците откако властите одбиле да ги обезбедуваат потребните податоци и да ги пренесуваат официјалните информации.
Карти за секакво злодело
Студенти по географија на Националниот автономен универзитет во Мексико (УНАМ), ја прифатија иницијативата за следење и јавно обелоденување злодела во склоп на кампусот. Податоците се собираат преку анонимна анкета на Интернет, која е јавно споделена на „Фејсбук“. Во објава на „Фејсбук“, студент објаснува дека анкетата и картата имаат за цел „да покажат во кои делови од кампусот има злодела“. Објавата, исто така, упатува на студентските шок-групи, познати и како „порос“, кои со години се во центарот на вниманието заради насилство за време на мирните протести на УНАМ.
Студентите по архитектура на истиот универзитет исто така изготвија карта за да ги лоцираат нападите, вознемирувањата и други чинови на насилство во кампусот. Групата споделува информации на „Фејсбук“ и „Инстаграм“:
Сте биле ограбени, малтретирани или сте биле жртва на насилство во кампусот? Помогнете ни да означиме кога и каде се случило тоа. Со ваша помош, можеме да изработиме картографија која ќе ни помогне да си ги бараме своите права како студенти. Следете ги овие едноставни чекори од вашиот компјутер или мобилен телефон.
Иницијативите за изработување карти во Мексико не се однесуваат само на напади врз пешаци и кражби на возила. Од 2016 година па наваму, жена која работи под псевдоним заради лична безбедност создаде интерактивна карта за убиства на жени низ целата држава.
Развојот и проширувањето на ваквата технологија се покажа како важна алатка во борбата против криминалот и, уште поважно, во создавањето независна заедница која има за цел да собира податоци од самите корисници.