Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Африка: Дали технофобијата ќе ја уништи ИКТ забавата?

Ветувањата од придобивките на ИКТ за човековиот развој се одлични. Некои велат дека мобилните телефони ги олеснуваат и прошируваат пазарите каде што претходно не постоеше можност. Мобилните навлегоа во домените на банкарството (мобилни банкомати во некои земји), медицината (овозможувајќи им жители од рурални средини да ја добијат потребната информација од специјалисти) и јавните сервиси.

Интернет конекцијата им овозможува на учениците од руралните средини да го прошират знаењето преку истражување. Академиците можат да ги задржат врските со колегите од светот. Социјалните медиуми им овозможуваат на луѓето полесно да се организираат и да им го олеснат начинот на испраќање на парични пратки на имигрантите.

Улогата која ИКТ ја игра во човековиот развој се дебатираше и дискутираше на 23-24 септември на форумот на Универзитетот Харвард, ИКТ, човеков развој, растење и намалување на сиромаштијата.

Што со отпорот за користење на компјутерите и стравот од технолошките уреди? Дали ветувањата на ИКТ ќе водат до намалување на сиромаштијата, како технофобијата ќе влијае на оваа мисија? Технофобијата со сигурност останува глобален проблем. Меѓутоа, со влијанието на ИКТ во развојот, дали стравот од технологија и погрешните сфаќања за нејзиното користење непропорционално влијаат врз светот во развој? Ако е така, што прават луѓето во врска со таа ситуација?

Следуваат неколку примери за борба против и разбирање на технофобијата во Африка. (Доколку имате други примери би сакале да ги слушнеме. Би сакале да напишеме примери за оваа ситуација и од други делови на светот, па затоа пратете ни ги и тие идеи.)

Технофобијата во Африка, како и на многу други места, зазема многу форми. Отпорот против технологијата од наставниците е наведена (.pdf) како проблем во компјутерската експанзија во училниците во Кенија. И персоналот во болниците и пациентите во Уганда ја наведуваат „културната прилагодливост“ како пречка во имплементирање на ИКТ во здравствените центри. Девојките од целиот свет ги гледаат интернет кафињата – во многу места единствените места со пристап до интернет – како територии на момчињата.

Џејмс Кариуки, како специјалист за е-учење од Кејптаун, Јужна Африка известува за приказна на добро образуван пријател кој имал потешкотии во прифаќање на новите технологии. Ова е од неговиот блог Elearning in Africa (Е-учење во Африка):

Се сретнав со еден пријател денес и тој се жалеше за брзината со која технологијата се развива. Можев да ја видам агонијата на неговото лице кога ми кажа дека треба да направи презентација во сала и единственото нешто во таа сала за визуелна помош е компјутер и проектор. Старомодните графоскопи се заменети од овие нови технологии. Маката за преработка на неговата презентација и скенирањето на неговите слики за да може да се користат на компјутер беше голема. Го прашав дали размислува да присуствува на некои образовни курсеви:

Повеќето од нас имаат фобија од технологијата и поголем дел од жаргонот користен во обуките не остава позбунети од пред да почнеме. Знам неколку професори од мојот одел кои го имаат истото чувство за технологијата и не може да присуствуваат на обуки.

Го прашав, дали ова се причините поради кои некои предавачи не користат технологија во предавалните? Тој рече:

Да, но дополнително на тоа тука се културните карактеристики. Тие требале да вклучат антрополог да ја изучува културата на потенцијалните корисници на технологијата, за тие да можат да ги советуваат за што треба прво да се смени [во однос на културата] за технологијата да биде успешно користена.

Тука гледам проблем со тоа што технологијата е достапна, но заедницата која треба да има придобивки од неа не е. Не сум сигурен за најдобриот пристап за справување со технофобијата, особено во ситуации каде индивидуалците [со фобијата] ги имаат сите ресурси и поддршка и обука, но тие сепак не може да ги користат достапните технологии. Доколку имате решение, слободно кажете.

Како коментар, Неил Ј вели сите ние треба да ја прошириме нашата дефиниција за технофобија – бидејќи секој од нас ја има по малку.

Претпоставувам, како што кажа, дека обуките се најдобриот начин за справување со ова. Моментално работам на обврска од универзитетот за технофобијата. Мислам дека сите имаме елементи на технофобија:

- гневот кој го покажуваме кога компјутерот ќе ни се сруши

- стравот дека компјутерите ќе не заменат на нашите работни места

- стравот дека сме набљудувани!

Дигиталниот јаз не е само рурално наспроти урбано и богати земји наспроти сиромашни. Родовите прашања остануваат важен фактор, вели Оре Сомолу, пишувајќи во The Networking Success Project од Нигерија.

Жените се справуваат со голем број на лимитации за да може слободно да ја користат технологијата, продолжува Оре, меѓу кои ниски примања, ограничено време за користење на технологијата, ниско ниво на писменост. Едно решение е да се започне со обуки за технологија на девојки уште од рана возраст.

Младите жени мора да се вклучат повеќе во науката и технологијата уште од рана возраст. Ова може да биде и формално (основно или средно школо, компјутерски училишта, програма после часови). Тимот за родови прашања од KnowledgeHouseAfrica организира работилници за обука на млади жени за добивање на вештини за користење на слободен софтвер. Фондацијата Фантсум нуди школарини за квалификувани и заинтересирани жени за ИКТ обуки.

Мајките исто така влијаат на своите ќерки и ако тие искажат чувства на технофобија, некои девојки можат несвесно да прифатат слични чувства. Многу е важно да има охрабрување од домот, преку запознавање од млада возраст до понатамошно надградување со покомплексни форми на технологија.

Лорен Слифорд-Холмс, студент на Универзитетот Родес во Јужна Африка, во едно време почувствувала дека ИКТ не ги исполнува своите ветувања бидејќи неколку проекти дале многу лоши резултати. Таа наведува неколку примери за добри практики за користење на ИКТ за да се зголеми развојот. Од нејзиниот блог, The Soap Box:

Она што најмногу ме зачуди со оваа приказна беа две работи: Прво дека вметнувањето на технологија во заедница е бескорисно доколку тие не се учат да ја употребуваат и користат за продуктивни цели. Второ, овој случај ја истакнува потребата од фокусирање на училиштата и запознавањето на учениците со технологијата која може да им помогне во нивното учење и да ги научи вештини кои им се потребно за да се вклучат во економското/информатичко општество.

Таа известува за пример кој го промовира вистинскиот тип на присвојување на технологија, проектот за обука на Интел.

Пред неколку години средното училиште Мхебула доби донација од компјутери од Телекомот, но ниеден од наставниците не ја применуваше технологијата во нивните часови. Учителот Мерси Нлемо ова го препишува на недостигот на учителите на „специфично знаење и обука за интегрирање на технологијата на било каков начин“. Ова значи дека компјутерите собираат прашина, одвај користени за добивање на основни информации и пишување документи.

Овој пример допринесува за пошироката дебата за ИКТ и развојот: развојот мора да се случи на повеќе различни нивоа. Нема логика да се мисли дека се допринесува во развој со донирање на технологија како компјутери на оние кои немаат вештини да ја искористат технологијата ефективно.

Во овој случај, Нлемо ја помина програмата на обука на Интел, професионална програма која е дизајнирана да им помогне на наставниците во ефективно интегрирање на технологијата во часовите, со цел да им се помогне на учениците да добијат вештини од 21 век. Нлемо се чувствуваше како навистина да имаше корист од обуката и по нејзиниот успех, многу други наставници се вклучија во програмата, со цел да ја „победат нивната технофобија“.

Оваа обука ги запозна наставниците со нови приоди кон оценувањето и подобрување на лекциите со образовни цели и стандарди. Дополнително тие открија нови начини да ги вклучат користењето на интернетот, веб-дизајнот и проектите на студентите за подобро учење.

Како резултат на програмата за обука на Интел, Нлемо вели дека технологијата сега е составен дел од наставниот план на средното училиште Мхебула, а учењето базирано на проекти е норма. Програмата го револуционираше начинот на кој наставниците ги користеа компјутерите – одличен ресурс кој дотогаш беше комплетно неискористен. Нлемо вели дека програмата „го револуционираше начинот на кој предаваме“.

Значи што ни покажува една ваква приказна? Ни кажува дека треба да имаме холистички пристап кон развојот и дека развојот се случува во одреден контекст – како на пример недостаток на компјутерска писменост. Треба да го разбереме контекстот на заедниците кои имаат потреба од развој во ИКТ за развојот да не стане безвреден обид, туку значаен процес на промена.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.