Ги гледате сите јазици горе? Ние ги преведуваме сториите на Глобал војсис за светските граѓански медиуми да бидат достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

Во Мозамбик потпишана третата мировна спогодба во време на поделби во опозицијата и индиферентност на јавноста

Потпишувањето на спогодбата, 6 август 2019. Кадар од екранот, видео на „Телевисао д Мозамбик“

Владата на Мозамбик и опозициската РЕНАМО на 6 август ја потпишаа Спогодбата за мир и национално помирување „Мапуто“, среде општа јавна индиферентност и внатрешни поделби во партијата и нејзиното вооружено крило.

Оваа е трета ваква спогодба потпишана помеѓу спротивставените страни од 1992 година наваму, кога се стави крај на 16 годишна граѓанска војна помеѓу силите на власта и вооруженото движење РЕНАМО, кое тогаш стана политичка партија.

Мировниот договор од 1992 ѝ овозможи на РЕНАМО да ја задржи вооружена групација за заштита на, тогаш, лидерот на партијата, Афонсо Длакама.

Токму поради оваа вооружена групација, насилство повторно избувна во 2013 година, кое заврши со мировниот договор во 2014. Потоа, во 2015, повторно започнаа вооружени судири, кои прекинаа со потпишувањето на договор за прекин на огнот во 2016 година.

Двата вооружени судири беа предизвикани од отфрлувањето на изборните резултати од страна на РЕНАМО со обвинувања за изборна измама од владеачката ФРЕЛИМО. ФРЕЛИМО е на власт од првите повеќепартиски избори во Мозамбик во 1992 година.

Со мировниот договор од 2019 се предвидува разоружување на околу 5,000 герила борци на РЕНАМО, со намера да се гарантира безбедноста во очи посетата на Папата Франциск, закажана од 4 до 6 септември, како и парламентарните избори закажани за 15 октомври.

Договорот беше потпишан во „ Пис плаза“ од страна на претседателот на Мозамбик, и лидер на ФРЕЛИМО, Филипе Њуси, и лидерот на РЕНАМО, Осуфо Момаде. На настанот присуствуваат и лидерите на Јужна Африка, Руанда, Танзанија и Намибија.

„Ние сакаме да го консолидираме нашиот марш кон траен мир“, изјави Њуси на потпишувањето, додавајќи дека „ова е договор кој докажува дека ние не сакаме повеќе војна“. Осуфо Момаде потврди дека престанокот на огнот мора да го обележи почетокот на една нова ера, карактеризирана од слободни, транспарентни избори и наизменична промена на власта.

Европската Унија, чиј претставник на церемонијата беше Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, обезбеди 60 милиони евра помош со цел да се достигне мир.

Герила борците ја одбиваат спогодбата

Во порака објавена на 17 август, самоназначениот воен совет на РЕНАМО објави дека го смета неодамнешниот договор за „ништовен“. Советот исто така објави дека фракцијата ќе го отфрли Осуфо Момаде како лидер на РЕНАМО. Во изјавата стои:

A Junta Militar da RENAMO determina e manda publicar oficialmente a partir de hoje a destituição imediata do atual presidente da RENAMO, Ossufo Momade, e anuncia a nulidade de todos os acordos que Momade assinou com o Governo da FRELIMO.

Воениот совет на РЕНАМО одлучи и официјално го објавува неодложното отфрлање, почнувајќи од денеска, на сегашниот претседател на РЕНАМО, Осуфо Момаде, и прогласува дека сите договори кои Момаде ги потпишал со владата на ФРЕЛИМО се невалидни.

Групата, предводена од Генерал Мајор Мариано Нхонго, тврди дека Осуфо Момаде е „во служба на ФРЕЛИМО“ и го обвинува за „повредување на духот на мировните договори“ потпишани од поранешниот претседател на партијата Афонсо Длакама, кој почина на 3 мај 2018 година.

Жоао Мачава, портпаролот на вооружената фракција, за медиумите изјави дека Момаде не се консултирал со военото крило на РЕНАМО во врска со договорот.

Во претходна изјава од 3 август, советот исто така предупреди дека тие нема да ги предадат оружјата сè додека не се избере нов претседател од страна на РЕНАМО.

Слаб интерес на јавноста

Третиот мировен договор наиде на слаб ентузијазам од страна на јавноста, пишува „Вердаде“. Компаниите не престанаа со работа, дури ни неколку метри од местото на потпишувањето на договорот. Додека течеше церемонијата која го означи крајот на третата граѓанска војна во Мозамбик, најголемиот дел од граѓаните на Мапуто беа на работа или беа заробени во сообраќајниот хаос на главниот град.

Бразилскиот весник „Нексо журнал“ објави:

Apesar do carácter histórico que as autoridades se esforçaram para imprimir no momento da assinatura do acordo, a verdade é que, dentro e fora de Moçambique, a notícia foi recebida com um optimismo cauteloso. A desconfiança é explicada pelo fato de esse ser ser o terceiro acordo do tipo firmado no país em quatro décadas. Nas vezes passadas, os acordos, que prometiam trazer uma paz definitiva, estabeleceram apenas tréguas temporárias.

Покрај надежите на власта дека ќе успеат да евоцираат историски момент од потпишувањето на мировниот договор, вистината е дека, внатре но и надвор од Мозамбик, вестите беа пречекани со претпазлив оптимизам. Недовербата може да се објасни преку фактот дека ова е веќе трет мировен договор потпишан во државата во четири децении. Во минатите прилики, договорите, кои ветуваа дека ќе донесат траен мир, единствено успеваа да одржат привремени примирја.

Неколку часа пред потпишувањето, вооружени мажи нападнаа патнички автобус и камион во Намападѕа, во централната провинција Сафала, повредувајќи го возачот и неговиот помошник во едно од возилата. Не се знае кој е одговорен за нападите.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.