Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Зошто толку многу жени во Мексико се породуваат со царски рез?

Privado-público

Број на царски резови во приватните болници (лево) и јавни болници (десно).

Оваа статија е напишана од Daniela Guazo за каналoт за истражувачко новинарство Fundación MEPI  и беше публикувана на нивниот вебсајт на 4 септември 2014 година 

Кога Габриела Рамирез дознала дека била бремена со нејзиното прво дете, решила да направи царски рез иако немало потреба од тоа. Имала слушнато за лошите искуства што нејзината мајка ги имала при трите породувања и не сакала да ѝ се случи истото. Исто како и неа, речиси половина од сите жени во Мексико од сите социјални слоеви имале царски рез.

Земјата го зазема четвртото место во светот со највисок број царски резови без медицинска ургентност, после Кина, Бразил и САД. Овој зафат бил создаден за мајките со ризична бременост и се состои од извлекување на бебето со хируршки засек во стомакот и матката.

Светската здравствена организација препорачува само едно на секои 10 бебиња да биде родено со користење на оваа метода. Ова се должи на фактот што изведувањето на царски рез којшто медицински е непотребен, тројно го зголемува ризикот за смрт или болест за мајката и го зголемува ризикот од респираторни проблеми за детето.

И покрај ова, оваа практика во Мексико е во подем. Недостигот од информации околу природното породување и интересите на приватните болници и доктори кои можат да заработат високи профити, допринеле повеќето од породувањата да бидат изведени со царски рез.

Според цифрите на Националниот информационен центар за здравје (SINAIS на шпански), 9 од секои 10 породувања во приватните болници и 4 од секои 10 во јавните болници се изведени со царски рез.

„Бројките се неоправдани“, вели д-р Кристиан Бајрон Мера, акушер и директор на „Vicente Guerrero“ болницата за мајки и деца во сојузната држава Мексико. „80% од мајките можеле да се породат по природен пат, а постои и поголема шанса жената да добие компликации по царскиот рез“.

Првото дете на Габриела Рамирез е родено во јануари 2010 година со царски рез. И покрај тоа што таа мислела, породувањето било катастрофа. Отишла во приватна болница каде што никој не ѝ ја објаснил процедурата. „Се почувствував како крава. Целосно те соблекуваат, те мијат и потоа ти ставаат илјада нешта во тебе. Потоа, некој се качи на мене за да притисне и да го извади бебето. Останала трауматизирана со постпородилна депресија и неспособна да го дои нејзиното дете. Кога прозборела, медицинските сестри ѝ рекле: „Нема што да се стори.“

„Здравствениот сектор не се засегнал да создаде кампањи што ќе ги информираат мајките за последиците од царскиот рез“,  вели Ксавиера Кабада од граѓанската организација – Моќта на потрошувачот.

Економскиот фактор

Порастот на бројот на царски резови е поврзан со економските стимулации бидејќи операциите лесно се закажуваат и изведуваат. Приватните болници наплатуваат до 100.000 пезоси (приближно 7.500 долари) за царски рез пришто на докторот му се потребни максимум два часа работа. Спротивно на тоа, природното породување може да бара во просек 18 часа работа и чини 20.000 пезоси (приближно 1.500 долари). Петте сојузни држави со најголем број изведени царски резови се Јукатан, Нуево Леон, Distrito Federal, Синалоа и Тлаксцала.      

2010-2013

Која сојузна држава има најмалку природни породувања? Помеѓу 2010 и 2013 година, само 1 од 10 деца било родено без хируршка интервенција во овие држави.

2013

Генерална состојба во приватните медицински установи во земјата. Во последните години, 80 проценти од сите породувања во приватните болници во Мексико биле изведени сео царски рез. 

Културолошките фактори исто така допринеле за ширење на оваа епидемија во Мексико. Екстремно естетските слики на жени во бременост и рекламните кампањи што промовираат идеја за тоа како телото на жената треба да изгледа после породувањето, многумина ги уверило дека царскиот рез ќе им овозможи да ги имаат истите перфектни тела коишто се појавуваат во рекламите.

„Холивуд нè учи дека породувањето значи пукање на водењакот, трчање, крајот на светот запира и напнувањата почнуваат. Тоа не е породување,“ вели Џеки Фиолотео која работела во Мексико како бабица и помошничка, што значи професионалец искусен во породување кој им помага на родителите за време на породувањето. 

А што е со јавните болници?

Секретаријатот за здравство поставил граница од максимум 20% од породувањата да се изведуваат со царски рез во јавните здравствени установи. Сепак, 33% од сите породувања во овие болници се преку царски рез и процентот расте секоја година. На пример, на Институтот за социјална заштита и социјални услуги за државните работници (ISSSTE на шпански), седум од секои десет деца се родени со хируршки зафат.

SecretaríaSalud

Три од секои 10 породувања во SSA се со царски рез. Сопствените норми предвидуваат максимум 20% за царски резови. 

Причината за ваквата висока бројка е различна помеѓу различни јавни болници. Иако за владата породувањето со царски рез е поскапо отколку вагиналното породување, недостигот на кревети и доктори во јавните установи се одлучувачкиот фактор. Се проценува дека има 50% дефицит на кревети и доктори. За да им се помогне на сите родилки, болниците мора да изведуваат брзи породувања и притоа опцијата секогаш е царски рез. 

Доколку само Мексиканскиот институт за социјална заштита (IMSS, на шпански), којшто се грижи за 3 од секои десет мајки кои се решаваат за јавниот здравствен сектор, успее да ја намали  практиката на царски резови на еден од секои 10 породувања како што и препорачува Светската здравствена организација, би се заштедувале повеќе од 3 милијарди пезоси (околу 224 милиони долари) секоја година. Според националното истражување за здравје и исхрана од 2012 година, секој царски рез ја чини државата 21.600 пезоси (околу 1.600 долари). 

„На секоја жена ѝ треба бабица, а на некои им треба акушер“

Болницата „Vicente Guerrero“ за мајки и деца во сојузната држава Мексико изведува до 18 породувања дневно, со само пет кревети. Нејзината инфраструктура е презаситена од големиот број на луѓе што ги бараат нејзините услуги. За да се излезе во пресрет на таквите потреби, д-р Кристиан вовел модел којшто се состои од користење акушери, бабици, помошнички и сестри за породувања. За докторот, користењето на ваков персонал е ефективно за болниците бидејќи тие ги третираат помалку комлицираните породувања а гинекологот-акушер се фокусира на породувањата со висок ризик.     

Џеки Фиолотео e една од породилните помошнички која работи во болницата „Vicente Guerrero“. Со шест години искуство како бабица и породилна помошничка, таа вели дека има неколку техники за да се подобри породувањето. На пример, поставувањето на мајките во различни положби може да го скрати времето на породување.

„Една бабица може лесно да се погрижи за сите случаи каде што не постои непосреден ризик,“ потврдува Филотео. 

Пред осум месеци, Габриела го родила нејзиното второ дете. Овој пат, таа се обидела да се породи по природен пат. Нејзина породилна помошничка била Џеки Фиолотео. Сепак, при крајот на бременоста, нејзината ситуација станала деликатна: нејзиниот крвен притисок се покачил и царски рез бил неопходен.

Џеки, нејзината породилна помошничка, била покрај неа за време на целата постапка. И дала ароматерапија, ѝ пуштила музика во операционата сала и ѝ го објаснила секој потег што докторите го направиле. „Овде се почувствував како човек, а во другата болница се почувствував како крава“, вели жената која станала мајка по втор пат.      

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.