Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

Данокот на друштвени мeдиуми во Уганда ќе го продлабочи дигиталниот јаз помеѓу мажите и жените

Јуни 2018, марш на „Работна група за женски протести“ во Кампала, Уганда. Фотографија на Катумба Бадру, искористена со дозвола.

На 1 јули Уганда воведе нов дневен данок за користење друштвени медиуми и платформи за допишување бидејќи – како што изјави претседателот Мусевени – друштвените медиуми се „луксузни добра“.

Данокот несомнено ќе го прошири дигиталниот јаз за сите Угандијци со пониски примања. Но исходот би можел да биде најлош за жените, кои веќе се соочуваат со големи пречки при пристапување и користење на интернет.

Според извештај од Фондацијата „Ворлд Вајд Веб“, во Уганда, 1 ГБ интернет-податоци чини колку 22% од просечната месечна плата. Државите со скап интернет, како Уганда и Мозамбик имаат најмал број жени на Интернет. На регионално ниво, само една од девет жени во Африка има пристап до Интернет. Интернет користат само околу 37% од испитаните жени во десет одбрани градови низ светот, вклучувајќи ја Кампала, во споредба со 59% мажи.

Истражувањата спроведени од мрежата „Жени од Уганда“ и Фондацијата „Ворлд Вајд Веб“ укажуваат дека како резултат на феминизацијата на сиромаштијата многу Угандијки кои живеат од земјоделство не можат да си пружат паметен телефон или интернет-пакети. Оние кои можат да си дозволат мобилни уреди и услуги често имаат проблеми поради јазикот и слабата писменост.

И културата и општеството имаат улога во дигиталниот јаз помеѓу мажите и жените. Во општеството во Уганда вкоренет е негативен став кон ангажирање и учество на жени во јавните простори. Ова се однесува и на кафулињата и телецентрите, каде често има пристап до Интернет. За дигиталниот јаз придонесуваат: моделите на родова неедаквост, како што може да се забележи преку политичкото учество и застапеноста во институциите кои носат одлуки, заедно со разликите во економските можности, пристапот до образование (со тоа и писменоста) и поделбата на трудот во економијата.

И покрај сè, некои Угандијки се на Интернет. Со дигиталната револуција Угандијките добија глас да се активираат политички, да ја бранат својата вистина, да го рушат патријархатот, да бараат совет од своите пријатели, да пристапуваат до информации, да се поврзат со клиенти, да ги рекламираат своите производи, да отворат добротворни организации, да формираат групи за психолошка поддршка, да координираат штедни здруженија, да договорат соседите да внимаваат на децата кога тие не се дома и уште многу повеќе. Претседателот Мусевени подзаборава нешто кога вели дека друштвените медиуми служат само за озборување. Па дури и да е така, комуникацијата е основна човечка потреба.

Данокот го занемарува критичниот недостаток од дигитална писменост, особено меѓу сиромашните Угандијци. Кога интервјуирав жени што живеат во Бвајси, сиромашен кварт во Кампала, дознав дека за нив Интернетот се „Ватсап“ и „Фејсбук“. Овие се единствените платформи што знаат да ги користат. Значи, со новиот данок тие ќе бидат целосно отсечени.

Ако владата на Уганда се придржува до Резолуцијата за унапредување, заштита и уживање на човековите права на Интернет од Советот за човекови права на ОН (2016 година), би знаела дека Интернетот треба да биде отворен. Членот 6 бара „да се надмине дигиталнот јаз помеѓу мажите и жените и да се засили употребата нa овозможувачката технологија, особено информациската и комуникациската технологија, за да се поттикне еманципирање на сите жени и девојки“. Членот 10 ги осудува „мерките за намерно спречување или нарушување на пристапот до интернет или ширење информации на Интернет што го кршат меѓународното право човекови права, и ги повикува сите држави да се воздржат од или да ги прекинат таквите мерки“.

Мусевени вели дека друштвените медиуми се луксузно добро и дека луѓето имаат избор дали да ги користат или не. Навистина боли да се слушне ваква изјава. Живееме во 2018 година. Додека остатокот од светот се движи кон вештачка интелигенција, иновации во областа „Интернет на нештата“ и бесплатен пристап до Интернет на јавни места, Уганда оди во спротивна насока.

Кога парламентарците, многубројните советници на претседателот, и Министерството за информациска и компјутерска технологија би сопреле за миг за да го чујат крикот на Угандијците – кој беше јасен и гласен откако се воведе данокот на 1 јули – би го укинале данокот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.