Пензионираните нигериски генерали се „борат“ за влијание врз претседателските избори во 2019

Олусегун Обасанџо, поранешен претседател на Нигерија. [Криејтив Комонс (CC BY 2.0)/ „Фликр“, 27 јуни 2011]

Со наближувањето на уште едни претседателски избори во Нигерија кои се закажани за февруари, пензионираните армиски генерали, кои сега се политички активни, се клучот за разбирање на нигерискиот политички простор. Властa во Нигерија досега ја имале или поранешни генерали или оние кои ја уживале нивната поддршка, почнувајќи од 1999 година, кога демократското владеење се врати во земјата.

Неодамнешната јавно препукување помеѓу поранешниот претседател Олусегун Обасанџо и сегашниот претседател Мухамаду Бухари – и двајцата пензионирани воени диктатори – има големо влијание врз изборите закажани за февруари 2019.

Во ретко отворено писмо до Бухари, Обасанџо го обвинува дека планира да ги намести изборите во 2019. Тој пишува:

Democracy becomes a sham if elections are carried out by people who should be impartial and neutral umpires, but who show no integrity, acting with blatant partiality, duplicity and imbecility.

Демократијата станува лага ако изборите се спроведат од луѓе кои би требало да се непристрасни и неутрални судии, но тие не покажуваат интегритет, се однесуваат со очигледна пристрасност, нечесност и имбецилност.

Обасанџо инсистира на тоа дека Бухари нема да овозможи „слободни, фер, кредибилни и мирни избори“ и предупреди дека она „што се случува под будното око на Бухари може да наликува на тоа што го посведочивме додека генералот Сани Абача беше на власт.“

Во 1998 воениот диктатор Сани Абача, повика на избори меѓутоа стана очигледно дека Абача нема намера да ја предаде власта на цивили. Петте политички партии во тоа време го поддржаа Абача како нивни единствен претседателски кандидат. Абача, кој е починат, се прослави со неговата репресија на човековите права и корупцијата. Обасанџо инсинуираше дека Бухари се приближува кон „истиот пат“ како Абача „со краен очај“.

Шеху Гарба, медиумскиот асистент на претседателот Бухари, го отфрли писмото на Обасанџо:

The elections starting in February will be free and fair as promised the nation and the international community by President Buhari.

Изборите во февруари ќе бидат слободни и фер како што е ветено кон државата и кон меѓународната заедница од страна на претседателот Бухари.

Обасанџо, писмописецот?

Олусегун Обасанџо, поранешен воен владател (1976-1979) и подоцна демократски избран претседател (1999-2007), континуирано ги критикува владите кои ја наследија неговата во Нигерија.

Минатата година, Обасанџо го советуваше Бухари да не се кандидира повторно за претседател туку да „размисли за заслужен одмор во овој момент за државата и на оваа возраст.“ Овој совет предизвика бранувања во Нигерија бидејќи Обасанџо беше силен поддржувач на кандидатурата на Бухари за претседателските избори во 2015.

Претходно, Обасанџо го прекори Гудлак Џонатан во јавно писмо напишано во 2013. Имено, Обасанџо го обвини Џонатан за „водење на државата до работ и дозволување на измамите, корупцијата и заемна недоверба да го загрозат општественото ткиво во државата.”

Иронично, Обасанџо исто така го поддржа Џонатан на изборите во 2011. И во 2007, тој го поддржуваше изборот на претходникот на Џонатан Гудлак, Умару Муса Јар Адуа. Сепак, Обасанџо се спротистави на Јар Адуа кога тој се разболе и не ја предаде соодветно власта на Џонатан, кој тогаш беше негов заменик.

Поранешниот нигериски претседател Гудлак Џонатан со новиот претседател Мухамаду Бухари веднаш по давањето на заклетвата за време на инаугирацијата на 29 мај 2015. Фотографија на Стејт Департментот на САД за јавно користење.

Пензионираните генерали во Нигерија не знаат за одмор

Политичката сцена во Нигерија ја држат пензионирани генерали или нивни блиски соработници. Обасанџо, на пример, беше голем фактор во донесувањето на власт на нигериските претседатели од 2007 до 2015. Сепак, за разлика од цивилните лица – Јар Адуа и Џонатан – кои тој ги промовираше но и критикуваше, Бухари е малку поразличен.

Иако Обасанџо го поддржа Бухари на изборите во 2015, тој не може да си ја припише оваа заслуга целосно за себе. Тоа е така бидејќи лојалноста на Бухари кон сега непостоечката Акциски конгрес на Нигерија (АКН) на Бола Тинубу овозможи да дојде на власт. Конгресот за прогресивни промени (КПП) на Бухари се спои со АКН во февруари 2013 и со тоа се оформи Конгресот за сите прогресивци (КСП).

Дополнително, Бухари кој е поранешен воен водач на државата (1983-1985) е член на „клубот“ на пензионирани генерали кој доминира со нигерискиот политички простор. Оттука, колку и да звучат сурово прекорите на Обасанџо, многу работи зависат од внатрешните динамики на моќната група на која и двајцата ѝ припаѓаат.

Обасанџо, сепак, не го критикува Бухари сам.

Теофилус Данџума, генерал во пензија, во март минатата година ги обвини „нигериските вооружени сили дека ги помагаат убиствата во Нигерија.“ Данџума, поранешен член на генералштабот и подоцна министер за одбрана, упати прекор кон војската за заземање страна во кризата со земјоделците/одгледувачите на стока во државата, но особено во неговата родна држава Тараба. Исто така, Данџума неодамна алармираше за плановите да се користат „полицијата и војниците“ за манипулирање на изборите во 2019.

Со сличен наратив, поранешниот воен водач на државата Ибрахим Бабангида во февруари 2018 јавно го советуваше претседателот Бухари да не излегува повторно на избори, со став дека дека Нигерија од 21 век треба да се повика на помладите генерации. Тој верува дека „доаѓа време во постоењето на една држава кога личните амбиции не треба да ги надвладеат државните интереси.“

Но, изгледа ќе помине уште време додека Нигерија добие претседател-цивил кој нема поврзаност со или поддршка од „клубот“ на пензионирани генерали.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.