По забраната од „Фејсбук“, корисничките сметки на мјанмарската војска се префрлаат на рускиот друштвен медиум „Вконтакте“

Кадар од екранот од корисничката сметка на шефот на војската на „Вконтакте“

Откако беше отстранет од „Фејсбук“, шефот на мјанмарската војска веднаш создаде нова корисничка сметка на веб-локацијата на рускиот друштвен медиум „Вконтакте“.

На 27 август 2018, „Фејсбук“ ја објави својата одлука да отстрани вкупно 18 кориснички сметки и 52 страници поврзани со војската на Мјанмар, вклучително и сметката на Генерал Мин Аунг Хлаинг, врховниот командант на Татмадав (војската на Мјанмар). Страниците беа прилично застапени на „Фејсбук“, со речиси 12 милиони следбеници севкупно.

Веднаш по спроведувањето на забраните, од канцеларијата на шефот на мјанмарската војска отворија нова сметка на рускиот друштвен медиум „Вконтакте“ и собраа 2,000 следбеници во рок од 24 часа. Страницата има повеќе од 35,000 следбеници во моментот на пишување на статијава.

„Фејсбук“ го оправда отстранувањето на сметките на војската со објаснување дека тие ја користеле веб-локацијата за да промовираат етничко насилство кон Рохингите, тврдење кое беше поддржано од мисијата за наоѓање факти на Обединетите нации. Во следниот извештај, „Фејсбук“ дополни дека на нивната платформа била откриена прикриена воена пропагандна кампања.

Групата од ОН објави извештај со кој ја обвинува мјанмарската војска дека вршела геноцид врз Рохингите. Рохингите се луѓе родени во Мјанмар што државата Мјанмар не ги признава ниту како етничка група ниту како граѓани. Минатата година, конфликтите и воените операции во северозападната држава Мјанмар резултураа со раселување на повеќе од 700,000 Рохинги, од кои голем дел пребегаа во соседниот Бангладеш.

Неј Зин Лат, писател и поранешен советник на претседателот, преку „Фејсбук“ ги повика своите следбеници да отворат сметки на „Вконтакте“. Неговата објава, со која го обвини „Фејсбук“ дека е „диктатор“, доби повеќе од 5,000 допаѓања и 1,400 споделувања.

 VK ကိုပြောင်းကြပါ။ အာဏာရှင် FB ကို စွန့်ကြတော့။ အမျိုးသားရေးသမားတွေအတွက် ပိုသင့်တဲ့နေရာ။

Напуштете го диктаторот „Фејсбук“. Префрлете се на „ВК“, посоодветно место за патриоти [националисти].

Блогот со анонимен автор, „Миочит Монитор“ објави пост насловен „[Националистичка] Mиграција на Миочит од Фејсбук“, каде авторот објасни како националистичките сметки реагирале на забраната од „Фејсбук“.

Авторот напиша:

…not being able to log on to social media and post your daily propaganda hurts your ego and ability to change public opinion. But the military is adapting well.

No doubt the reason Myochit are migrating to this Russian platform is the Facebook’s tightening of its policy. That means they are now spreading their hate freely on the site without any moderation.

… неможноста да се уклучите на социјалните медиуми и да ја објавите дневната пропаганда ви го повредува егото и способноста да го промените јавното мислење. Но, војската се прилагодува добро.

Несомнено, Миочит се префрлаат на руската платформа затоа што „Фејсбук“ ја заостри оваа политика. Тоа значи дека тие сега слободно шират омраза на мрежата.

Блогерот исто така истакна дека неколку медиуми отвориле свои страници на „Вконтакте“ иако не се знае дали станува збор за официјални кориснички сметки.
Кога станува збор за друштвени медиуми и онлајн комуникација, „Фејсбук“ дефинитивно е најпопуларната платформа во Мјанмар, така што по префрлањето на „Вконтакте“ Мин Аунг Хлаинг и другите воени лидери можеби нема веднаш да го соберат огромниот број следбеници што претходно го имале.

Одлуката на „Фејсбук“ да ги забрани сметките на мјанмарските воени офицери наиде на измешани реакции на Интернет. Некои го пофалија како навремена интервенција за да се запре ширењето говор на омраза, но некои го покренаа и прашањето за цензура и дали е во согласност со политиката на „Фејсбук“ за отстранување сметки.

Дали „Вконтакте“ ќе биде погостопримлива платформа за овие сметки? Не би рекле. И покрај толкувањето на „Миочит Монитор“, „Вконтакте“ (слично како „Фејсбук“) забранува содржини кои „пропагираат и/или придонесуваат за расна, верска, етничка омраза или непријателство, пропагираат фашизам или расна супериорност“. Исто така, слично на „Фејсбук“, не е познато дали руската компанија доследно и транспарентно ги имплементира своите Услови за користење.

Времето ќе покаже дали стратегијата ќе ѝ биде од корист на војската.


Написот е изготвен од гостин соработник кој сакаше да остане анонимен заради безбедносни причини.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.