Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

Во венецуелската криза жените се тие што го влечат подебелиот крај

„Ви ја претставувам сестра ми Патрисија, вистинската Вондер вуман. Самохрана мајка на две деца, девет месеци води бизнис со скршен глужд. И покрај протестите и хаосот во Венецуела, смртта на татко ни и неможноста да оди на работа, таа е покул од сите луѓе што ги знам. Огромна почит за дамава. Во споредба со неа, јас сум страшливец.“ Илустрација и текст на венецуелскиот уметник и илустратор Леонардо Гонзалез, искористени со дозвола.

Постои еден аспект од венецуелската економска криза за кој не се зборува – како таа влијае на жените и девојчињата.

44% од домаќинствата во државата се водени од жени, па главно жените се оние кои ги трпат долгите редици во супермаркетите, кои се справуваат со осакатениот здравствен систем кога најблиските им се болни и кои ја оплакуваат смртта на своите деца во рацете на полицијата – сето тоа додека ги преживуваат мрачните статистики од кои страда нивниот род.

Иако е точно дека владата на Венецуела досега имала политики насочени кон намалување на сиромаштијата кај жените, боливарската влада занемари многу други аспекти на женската автономија, и покрај тоа што себеси често се декларира како „феминистичка влада“.

Програмите за трансфер на приходи како „Мадрес дел барио“ („Мајки од сиромашните квартови“) од 2006 година и „„Ихас е ихос де Венецуела“ („Деца на Венецуела“) од 2011 година создадоа клучна заштитна мрежа за семејствата што живеат во екстремна сиромаштија. Заедно, двете програми доделуваат помеѓу 150 и 350 американски долари, во зависност од бројот на деца.

Од друга страна, абортусот остана нелегален во боливарскиот устав на Венецуела, наследувајќи го својот статус од претходниот политички поредок, кој инаку беше срушен од Боливарците. Ниту Чавез ниту Мадуро не се потрудија да го променат ова во нивниот дваесетгодишен мандат. Абортусот се дозволува исклучиво во случаи кога е загрозен животот на мајката.

Аглаја Берлути, позната застапничка на феминизмот онлајн и соработничка на „Глобал војсис“, ги истакнува контрадикторностите на чавизмот во однос на родовата еднаквост:

…en Venezuela el término feminismo fue consumido, abusado y sobre todo tergiversado por el poder. […] Al mismo tiempo que se habla de la representatividad política, el Presidente Nicolás Maduro usa términos machistas para insultar a minorías […] Al mismo tiempo que se insiste en que el número de Ministras del tren ejecutivo supera al de cualquier otro del continente [las mujeres continúan]  padeciendo de una situación donde su identidad sigue siendo aplastada por una interpretación histórica que la desvaloriza.

Во Венецуела терминот „феминизам“ се употребува, злоупотребува и пред сè, се извитоперува од [оние] на власт. […] Зборуваат за политичка застапеност, а претседателот Николас Мадуро користи сексистички термини да ги навреди малцинствата […] Истовремено настојуваат во нивната извршна власт да има повеќе женски министри отколку во која било друга земја на континетот, а [жените продолжуваат] да трпат ситуации во кои се уништува нивниот родов идентитет создавајќи историско толкување кое ги обезвреднува.

Проблемите што постоеја претходно не само што не се решија, туку и опасно се влошија со галопирачката економска криза.

Стапката на фемицид во Венецуела е помеѓу 15-те највисоки во светот, според три организации за набљудување на локалните права. За време на протестите во 2017 година, биле пријавени неколку случаи на сексуална злоупотреба на жени од страна на органите за спроведување на законот.

Стапката на убиства во Венецуела во 2016 година достигна 56 на 100,000 луѓе – највисоката стапка во Јужна Америка. Оваа информација доаѓа од Канцеларијата на Обединетите нации за дроги и криминал (УНДОК), која објавува годишни податоци за стапките на убиства на светско ниво. Венецуелската опсерваторија за насилство (ОВВ), која употребува поинаква методологија, во 2017 година измери стапка од 89, што ја прави Венецуела најкрволочна нација на светот.

Исто така од Опсерваторијата за насилство велат дека во јули 2018 година, 40% од злосторствата во пошироката околина на Каракас ги извршиле полициски службеници.

Многу жени ја оплакуваат смртта на своите деца откако последниве години ескалираа криминалот и полициско насилството. Во интервју за „Ла вида де нос“ („Животот – на нас“), онлајн проект што прибира лични сведоштва од кризата, Елизабет Пулидо раскажува за убиствата на две од нејзините деца, едното од нив убиено од полициски службеник:

Como a la media hora me llamaron para decirme que fuera a buscar a los niños. El corazón se me iba a salir del pecho cuando los vi y ellos me vieron. Fueron tan increíbles nuestras miradas. ¡Jamás nos miramos de esa manera! No tenían camisa ni zapatos […Entonces] me dieron la noticia más espantosa de mi vida. Se repitió la historia: me volvieron a quitar otro hijo.

Половина час подоцна се јавија да ми кажат да одам да си ги земам децата. Се чувстував како да ќе ми пукне срцето кога ги видов и кога ме видоа. Погледите што ги разменивме беа неверојатни. Никогаш не сме се гледале така. Беа боси и без блузи. [… И тогаш] ги добив најстрашните вести во животот. Повторно се случи: ми одзедоа уште едно дете.

Дополнително, хроничниот недостиг на сексуално образование во училиштата, во комбинација со немањето пристап до контрацептивни средства заради недостатокот на лекови во државата, се одрази со голем број непланирани бремености. Адисеа Кастиљо, истражувач и основач на Центарот за женски студии при Централниот универзитет во Венецуела објаснува:

…hay una cifra, pequeña pero importante, de madres pre adolescentes […] Es un círculo vicioso. Muchas no se controlan, se practican abortos. Se mueren luego de ocho meses hospitalizadas por una infección y, las que se salvan, regresan al barrio a mantener un muchacho sin el apoyo de los padres.

Има одреден мал, но важен број мајки предадолесцентки […] Тоа е маѓепсан круг. Многу од овие млади жени не користат контрацепција, имаат [небезбедни] абортуси. Умираат по осум месеци поминати во болница заради инфекција, а оние кои ќе прежиивеат се враќаат назад во сиромашните квартови да се грижат за детето без поддршка од родителите.

И жените што ја напуштаат државата се соочуваат со тешкотии. Бројот на Венецуелки што биле жртви на трговија со луѓе во Латинска Америка и Европа се зголемил четирикратно во периодот од 2014 до 2018 година.

Во соседна Колумбија, државата која прими над милион Венецуелци изминатава година, жените се предмет на предрасуди и злоупотреби. Додека многумина ги обвинуваат венецуелските мигранти дека ги „крадат“ работните места и се бават со криминал, жените често се сметаат за сексуални работнички.

За да се спротивстави на многуте вакви заблуди, „Лас игуаладас“, феминистички канал на „Јутјуб“, направи посебна епизода за Венецуелците во колумбискиот пограничен град Кукута (на шпански јазик, без превод на англиски).

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.