Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Пресудата на Оскар Писториус означи крај на најголемиот настан на социјалните мрежи во историјата на Јужна Африка

Paralympic athlete Oscar Pistorius in court. May 5, 2014 by Ihsaan Haffejee. Demotix.

Параолимпискиот спортист Оскар Писториус во судница. 5ти мај, 2014, фотографирано од Ihsaan Haffejee. Demotix.

Оскар Писториус, Јужноафриканскиот тркач со две ампутирани нозе кој пукаше во неговата девојка минатата година, беше прогласен за виновен за убиство од небрежност. Писториус тврди, дека помислил дека неговата девојка е натрапник кој се обидува да провали во куќата низ прозорецот во тоалетот. Судијката Токозиле Масипа донесе пресуда дека Писториус е виновен, но пресуди и дека државата не успеала да докаже без сомневање дека Писториус имал намера да ја убие неговата девојка, Рива Стинкамп.

Во блог посветен на уставното право, професорот на Универзитетот во Кејп Таун, Пјер де Вос, изјави дека тој не е изненаден од одлуката на судот, односно дека Оскар Писториус не е виновен за убиство со предумисла. Тој објаснува:

Иако судијката Масипа потенцираше неколку „чудни“ аспекти на случајот (на пример, зошто Писториус испукал 4, наместо 1, куршуми низ вратата во тоалетот?), таа открива дека изнесените докази во обид да се докаже „убиство со предумисла“ на Рива Стинкамп биле речиси исклучиво посредни.

Би било тешко да се осуди некој за убиство на неговата девојка само поради докази кои државата ги пронашла на Whatsapp и (контрадикторни) докази дека соседи ја слушнале двојката како се расправа на ноќта на убиството.

Највисоката точка на расправа во однос на ова беа забелешките на државата за тоа колку било веројатно за Писториус да не забележи дека Стинкамп не е повеќе во кревет кога го земал неговиот пиштол и продолжил кон тоалетот. Но, бидејќи товарот да се докаже сево ова паѓа на државата, не е изненадувачки дека судијката пресуди дека нема доволно докази да се осуди Писториус за убиство со предумисла врз Стинкамп.

Сепак, судијката исто така утврди дека Писториус не би можел да биде осуден за убиство на некој, за кој тој тврди дека верувал дека е „натрапник“ заклучен во тоалетот.

Во законот на Јужна Африка не е валидна одбрана да тврдиш дека не си имал намера да го убиеш X бидејќи ти всушност си имал намера да го убиеш Y, а си го убил X по грешка. Така што, доколку Писториус имал намера да убие натрапник (а не Рива Стинкамп), тој се уште би бил виновен за убиство, доколку државата докаже без сомневање дека тој имал намера да ја убие личноста позади вратата за која тој можеби мислел (или не мислел) дека е натрапник.

Според Data Drive Insights, судењето претставува најголемиот настан на социјалните мрежи во историјата на Јужна Африка, продуцирајќи околу 3.5 милиони твитови од убиството на Рива Стинкамп во февруари 2013.

Повеќето Твитер корисници се чини дека реагираат на пресудата со лутина и шок. Пресудата на Писториус за помало обвинение доаѓа веднаш по пресуда на 77 години затвор за ловокрадец на носорози издадена во јули, па некои на Твитер се прашуваа дали Писториус би ја добил максималната казна затвор, доколку неговата жртва беше носорог.

@GerrieNel Ако Рива беше носорог, #ОскарПисториус веќе одамна би бил прогласен за виновен и веројатно би добил максимална казна! #СудењетоНаОскар

— Арчибалд Филисо (@bleqprinx1982) 12 септември, 2014

Јужноафрикански ловокрадец на носорози осуден на 77 години затвор http://t.co/yNJe2rPhMS#ОскарПисториус ќе добие максимум 10 години за убиство. Хмммм….

— Реда Албодоур (@RedaAlB) 12 септември, 2014

Твитер корисниците исто така го свртија вниманието на признавањето на судијката Масипа дека Писториус лажел за време на сведочењето:

Тогаш откако практично рече дека #оскарписториус бил неискрен сведок, таа го ослободува НА ОСНОВА на тој многу слаб доказ. #Лудило

— Д (@wukster) 11 септември, 2014

За некој кој се прашува што оваа (шега од) пресуда значи за @ОскарПисториус, тој ќе биде осуден на околу 8 години, а ќе отслужи 2 до 4. Смешно.

— Хери Станифорт (@HarryStani) 12 септември, 2014

„многу е неверојатно дека Оскар Писториус ќе оди во затвор“ Па, како е тоа правда?! Се обложувам дека ако ова беше просечен човек, тој ќе беше во голема невоља

— Лук Андерсон (@JustLukeyA) 12 септември, 2014

Некои веруваат дека богатството и статусот на ѕвезда на Писториус неправедно влијаеле на одлуката на судот:

Оскар Писториус. Се уште не сум изненаден. Богатството му овозможуваше да биде „слободен“ човек досега. Прогласувањето за виновен би можело да биде навреда за вредноста на „животот“

— Двејн Рејд (@DwainReid) 12 септември, 2014

Пресудата на Оскар Писториус е без врска, типот треба да биде осуден за убиство. Се чини дека на познатите спортисти постојано им се попушта. Не ми се допаѓа.

— Даенерис Таргеријан (@mindironalia) 12 септември, 2014

Денес во Јужна Африка, само сиромашните одат во затвор, завршија деновите кога никој не беше над законот, парите зборуваат #ОскарПисториус_Судење

— Делко Жералд (@delcogerald) 12 септември, 2014

Бек Муртон ги замисли последните моменти на Рива:

Замислете како #РиваСтинкамп се чувствувала преплашена во нејзиниот тоалет моменти пред #ОскарПисториус да ја застрела. Како ли тој човек се ослободи #ПисториусСудење

— Бек Муртон (@BecMurton) 12 септември, 2014

Не секој на Твитер, се разбира, е против пресудата на спортистот.

Гледајќи ги новостите за @ОскарПисториус знам дека многу луѓе мислат дека тој ја уби Рива но јас верувам дека тоа беше трагична несреќа #трагедија #тажно

— PrettyPartyThings (@prettypartybits) 12 септември, 2014

Некои можеби ќе ме мразат што го кажувам ова но јас навистина верувам дека #ОскарПисториус немал намера и не сакал да ја убие #Рива… Тој е се уште спортски херој!

— НикНеЕТолкуКул (@itsNickBarwick) 12 септември, 2014

Бидејќи ова е сепак интернет, има и доста реакции со хумор:

По ова судење, Оскар Писториус треба да почне да глуми (може да зема часови во затвор) а судијката Масипа треба да пишува драми #СудењетоНаОскар

— Елнатан Џон (@elnathan) 12 септември, 2014

Cc @Mr_SoLso. @_arsenal__news: НАЈНОВО: Луис Ван Гал патува во Јужна Африка да го регрутира одбрамбениот тим на Оскар Писториус..

— Тунде (@AliuBabatunde) September 12, 2014

Моделот за долна облека Ријан Сугден сподели совет за жени:

Девојки… отсега одете по мала и голема нужда со отворена врата! [Рива беше застрелана позади затворената врата во тоалетот] #ОскарПисториус

— Ријан Сугден (@Rhianmarie) 11 септември, 2014

И покрај пресудата, некои се уште го сметаат Писториус за инспирација:

Виновен или не #ОскарПисториус не одзема од тоа колкава испирација беше од спортист, да се натпреварува на тоа ниво покрај неговите повреди!

— Крег Монаган (@craig_monaghan) 12 септември, 2014

Во напис за Британската добротворна организација Жените низ светот, Бетан Кансфилд вели дека се надева дека пресудата ќе води кон дебата за насилството врз жените:

Живееме во свет каде 38% од сите жени жртви на убиство биле убиени од нивните интимни партнери; можеме само да се надеваме дека вниманието на случајот Реј Рајс и пресудата на Писториус ќе водат кон сериозни дебати за тоа како еднаш засекогаш да ставиме крај на насилството врз жените и девојките.

Во 2009, посочува Кансфилд, Јужнафриканскиот совет за медицински истражувања откри дека во Јужна Африка, на секои 8 часа, жена станува жртва на убиство од нејзиниот интимен партнер. Со огромното внимание на случајот Писториус, сега е најповолно време за јавна расправа во Јужна Африка, и насекаде, за насилството против жените.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.