Оваа објава е дел од нашата серија Латинска Америка: Патека на мигрантите, во соработка со Северноамериканскиот Конгрес за Латинска Америка (NACLA). Подоцна ќе следат повеќе статии и подкасти.
Да се каже да, додека смртта ги раздели не е секогаш лесно за американските граѓани кои склучуваат брак со странци кои имаат бурно минато со имиграциските власти.
Како тие пристигнале во САД, колку долго престојуваат во земјата: за имигрантите, овие информации можат да направат разлика за започнување живот со нивното ново семејство и неможноста да останат легално.
Да го земеме примерот на Лео и Корин. Лео е бразилец а Корин е државјанин на САД. Се сретнале во САД, каде што се вљубиле и склучиле брак, но Лео влегол во земјата ‘неконтролирано’ – како што се вели, преку Мексико – пред помалку од 10 години и веќе 6 години незаконски престојува, како што објаснува Корин на својот блог Корин во егзил.
Таа објаснува дека „Законот за имиграција и државјанство наложува дека секој имигрант кој незаконски престојува во САД за време подолго од една година има забрана за престој на територијата за времетраење од 10 години – дури и во случај кога тој е во брак со државјанин на САД“.
Корин и Лео имаа три можности. Првата е да поднесат барање за „ослободување заради тешкотии“, и во тој случај американскиот сопружник мора да „докаже дека отсуството на неговиот односно нејзиниот сопружник предизвикува ‘екстремна тешкотија’“. Тие не можеа да го докажат тоа. Нивна втора опција беше да останат во САД и да чекаат реформа на законот за имиграција. На крај, можеа да ја напуштат земјата и одново да започнат нов живот на друго место.
Бидејќи ослободувањето не беше опција, двојката одлучи да ја напушти земјата и да оди да живее во Бразил, зошто, според Корин, ниту едниот ниту другиот „не можеше да го поднесе стресот да живее во САД додека Лео беше без документи“.
Корин и Лео не се единствени: многу семејства се соочуваат со ваков вид ситуации.
Како нив, многу лица кои во моментов живеат надвод од САД заради законите за имиграција кои се во сила, започнаа со блогирање за да зборуваат за нивниот случај и за животот „во прогонство“.
The Real Housewife of Ciudad Juarez е без сомнение блогот кој доби најголемо медиумско внимание, и на тој начин придонесе во подигнувањето на свеста за овој проблем.
На нејзината профил-страница, Емили Бондерер Круз вели дека почнала да го пишува овој блог во 2010, кога се преселила во Мексико зашто нејзиниот сопруг „немал право да поднесе барање за регулирање на неговиот статус во САД до 2020“.
Емили ги раскажува деталите од неговата приказна во едно неодамнешнно пишување со наслов “Mi Casa” (Мојот дом):
Во 2007, имиграциските власти му доделија на мојот сопруг рок за доброволно заминување. Доделија. Тоа е смешно како концепт, нели? Како да се работи за подарок или нешто друго.
Емили раскажува дека паднала во депресија, не знаејќи ниту каде се наоѓа нејзиниот сопруг ниту пак дали тој е се уште жив, зашто „се загубил некаде во системот, без документи, без социјално осигурување, тој беше фантом, некој од оние мигранти изгубени измеѓу“. Таа продолжува:
Кога конечно ми се јави од кабина од Ногалес (Мексико), беше како да ми се симна огромна тежина од рамениците. Тој беше жив. Тој одново беше достапен. Работите ќе профункционираа за него. Собрав доволно пари за да си купам автобуски билет за Парал и, наеднаш, се одеше кон подобро. Знаев дека е безбеден. Токму во овој момент знаев дека сум донела добра одлука и дека тоа е човекот на мојот живот. Во овој момент животот ми се смени засекогаш зошто знаев дека порано или подоцна работите ќе се променат.
Требаше да се преселам во Мексико.
На листата на пријатели на блогот на Емили има неколку блогови напишани од страна на семејства кои ги напуштиле САД заради законите за имиграција. Еден од нив е Destination Paradise, во кој Ејми го раскажува нејзиниот и животот на нејзиниот сопруг Карлос и нивните две деца во Јужна Кореа.
Во една објава со наслов “Why?” (Зошто?), Ејми објаснува дека Карлос, по потекло од Мексико, како адолесцент бил присилен од член на неговото семејство да емигрира во САД. Таму тој завршил средно училиште, потоа факултет и по врска од четири ипол години, склучил брак со Ејми, американска државјанка.
Ејми објаснува дека на Карлос „му беше доста да живее во сенка во САД“ и дека одлучиле да живеат во северниот дел на Мексико.
Во октомври 2008, тие добиле писмо од американскиот Конзулат во Сиудад Хуарез во кое ги информираат дека Карлос, како сопруг на Ејми, нема право на американска виза.
Дополнителна компликација: Карлос не е квалификуван за изземање зашто по неговиот прв престој во САД, тој бил вратен во Мексико и потоа принуден од страна на член на неговото семејство да се врати во САД со „извод од матична книга на еден родител кој е роден во САД наместо со виза за привремен престој која тој ја поседувал“, раскажува Ејми. „Според законот за имиграција – INA 212 A 6 C ii за да бидеме прецизни – лажно барање за државјанство на САД води до доживотна забрана за престој без можност за поднесување жалба“.
Со помош на нивниот адвокат, Ејми и Карлос се обидуваа да пронајдат решение три ипол години, а за тоа време тие беа разделени. Конечно, во 2011, Ејми и Карлос ги напуштија нивните земји на престој и се упатија кон Јужна Кореја. Ејми споменува дека неодамнешните проекти за реформи „се чини имаат тенденција да водат подетална сметка за единечните случаи каде мигрантот бил малолетник во моментот на настанот, и тоа изгледа ветувачки за нивното семејство“.
Во февруари годинава, Ејми исто така напиша објава полна со чувства во врска со нивниот статус и како тоа е поврзано со тековната реформа на законот за имиграција. Овој текст со наслов “Let no man divide what God has put together” (Никој човек да не го раздели она што Бог го соединил) вклучува линк до петиција на Change.org, во која од претседателот Обама се бара „да ги донесе дома американските семејства кои се во прогон“:
Американските државјани кои склуучиле брак со имигранти на кои им се забранува престој имаат 3 опции: да живеат разделени, да ја напуштат земјата без никаква заштита и да пробаат да се вратат назад или нелегално да живеат во САД со нивниот сопружник. Ние не треба да бидеме принудени да направиме некој од овие избори.
Оваа петиција беше започната од страна на Action for Family Unity (Act4Fams) (Акција за единство на семејствата), група доброволци која се обидува да го привлече вниманието врз овој проблем. Страницата на Фејсбук на групата која раскажува други приказни како оваа на Ејми и Карлос, обезбедува информации за скорешни измени на законот за имиграција кои можат да ги засегаат семејствата кои се наоѓаат во иста ситуација како Корин, Ејми и Емили.
На блогосферата, постојат и приказни за семејства кои успеале да се вратат во САД после години битка со многу строгите закно за имиграција. За Жизел Стерн Хернандез и нејзиниот мексикански сопруг, „правдата е задоволена“ во јуни 2013, 12 години по второто протерување на нејзиниот сопруг.
Жизел, автор и мексиканско-американска актера, е авторка на блогот The Deportee’s Wife кој „ги истражува темите во текот на животот на сопругата на еден протеран човек преку мултимедијална призма“. Жизел исто така изведува претставасо ист наслов како нејзиниот блог во САД и Мексико. Тука е трејлерот на ова шоу:
Но, доколку реформата на законот за имиграција е одобрена, многу семејства нема да мора да чекаат толку долго како Жизел и нејзиниот сопруг за да ги решат нивните имиграциски проблеми и да живеат заедно во САД.
На почетокот на годината, Центарот за јавен интегритет процени дека предлог-законот за имиграција доставен до Сенатот,
повика да им се даде поголемо право на судиите и другите претставници на властите за имиграција за да ги земат предвид болката и страдањата кои се предизвикани на американските државјани од разделбата од некој драг и другите имигранти. […] Предлог- законот предвидува можност на судијата задолжен за случајот – со исклучок на неколку случаи на прекршок или злосторство – да се спротивстави на протерување или принудно протерување на имигрантот доколку тоа е спротивно на јавниот интерес или доколку тоа предизвика тешкотии за сопружникот државјанин или постојан жител или за децата на имигрантот.
Семејствата кои се засегнати од законот за имиграција кој е во сила создадоа онлајн заедница за поддршка преку блогови и социјални мрежи. Овие лица истовремено го привлекуваат вниманието за нивната ситуација и вршат притисок врз законодавството за нивните семејства да бидат земени предвид во долгоочекуваната реформа за законот за имиграција во САД.
Que vida, la mia
Borders Aside
Un-Adventures in Bolivia
Life in the armpit
Greenga Girl