Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

Мароко: Постот наспроти индивидуалните слободи

За муслиманите, светиот месец на Рамазан е период на длабоко размислување, на соживот и секако, на постење. Но, за неверниците кои живеат во земји каде постот е обичај — па дури и должност — Рамазан може да претставува голем товар. Минатата година, Глобал Војсис пишуваше за една група на марокански активисти, Алтернативното движење за индивидуални слободи (чијшто акроним MALI на даријски исто така значи и „а што е со мене?“). Групата се обиде да протестира против мароканскиот закон со кој на муслиманите им се наложува да постат, со тоа што насред пладне активистите јавно јадеа сендвич.

Оваа година, како што известува „The Economist“, борбата продолжува. Во статијата се вели дека иако бунтовниците оваа година не планираат да отпочнат јавен протест, тие ќе продолжат да ги вложуваат своите напори преку преземање онлајн активности, со креирање на група на Фејсбук, но исто така и надвор од интернет сферата.

Jeune Afrique објави интервју со лидерот на групата, Ибтисам „Бети“ Лачгар, кое Marocco Board (мароканска медиумска куќа) го преведе на англиски. Кога прашавме дали жали за протестот кој го организирала минатата година, Лачгар одговори:

Воопшто не жалам. Нашата мисија беше успешна и многумина ни дадоа поддршка. Овој протест отвори дебата околу член 222 од Кривичниот закон, каде се вели дека за оние кои отворено и јавно ќе го прекршат постот во месецот на Рамазан ќе следува затворска казна. Ние не сме против исламот, но бараме слобода на мислата. Сакаме секој Мароканец, без разлика дали е атеист, христијанин или муслиман да биде еднакво и праведно третиран.

Во делот за пишување коментари, читателката „MoroccoGurl” е една од ретките која изрази поддршка за Лачгар:

На оваа страница ги поканувам моите браќа Мароканци да бидат отворени и без предрасуди по ова прашање. Претпоставувам дека повеќето од читателите живеат или во САД или во некоја друга западна држава. Ние бараме еднаков третман за муслиманите, а ќе се бориме и за еднаков третман и на немуслиманскиот и нерелигиозниот народ во нашата татковина. Можеме да дискутираме за разните мотиви кои стојат позади ваквото движење и дека едноставно многу пољубезно ќе биде ако одолееш ја јадеш пред толпа луѓе која знаеш дека пости, но сепак останува фактот дека постои закон кој всушност бара од луѓето да кријат дека не постат за време на Рамазан. Ако некој е задоволен со своето придржување кон некоја религија, тогаш нема причина зошто би му пречело ако некој друг не го прави тоа.

Сепак, од коментарите кои кружат во блогосферата јасно е дека Лачгар и нејзините придружници имаат уште голем пат да изодат. И на Morocco Board и во „The Economist“ се појавија голем број коментари на потсмев кога станува збор за кампањата на MALI.

Во однос на последново, еден коментатор се изјасни дека сепак работите и не се толку црни:

Со децении, заедно со евреите, христијаните и другите религии кои не го наметнуваат постот, постојат и Мароканци кои не постат, и никој никогаш не бил казнет поради тоа. Но, сепак треба да се почитуваат чувствата на мнозинството муслимани. Ние не сме против тоа дека некој не сака да пости, секој е слободен да го прави она во што верува, но сепак тој некој треба да ја земе предвид и слободата на останатите околу него. Малку е чудно да јадеш во јавност знаејќи дека мнозинството пости. Ваквиот гест ја повредува слободата на тоа мнозинство. Постојат многу ресторани отворени од странци и Мароканци наменети за оние кои не сакаат да постат, и тие можат да отидат таму и да ја уживаат својата слобода без да бидат нападнати. Немам слушнато дека некој бил нападнат дома само затоа што јадел за време на Рамазан, иако постојат многу Марконаци за кои соседите знаат дека не постат, но бидејќи тие ги почитуваат останатите и јадат во своите домови, никој не ги напаѓа.

Сепак, неодамнешниот пост кој мароканскиот блогер Качем Ел Газали го напиша на својот блог зборува поинаку. Ел Газали, самопрогласен атеист, пишува:

Во последниве неколку години од мојата адолесценција, секоја година пред Рамазан државата и општеството го најавуваат отпочнувањето на постот, но бидејќи јас не сум религиозен таквите заповеди не ме засегаат, така што јас јадам скришум, помеѓу четири ѕида, едвај оддалечени како растојанието помеѓу моето колено и грбот (во седечка позиција): ѕидовите од тоалетот кој го користам за голема нужда. Таму отприлика поминувам еден час јадејќи остатоци од s’hour (оброк кој се јаде пред да зазори за време на Рамазан); навистина е тешка поза за телото, но секако е подобро тоа отколку цел да се борам со она што се вика „празен стомак“.
Не смеам да јадам во јавност, а не можете ни да си замислите што сè би можело да ми се случи ако некогаш се осмелам да го направам тоа.

Блогерот Јусеф Дебаг ваквиот бунт ѝ го припишува на мароканската генерација Y, за која Дебаг пишува дека „претпочита да се обединува под капата на граѓански иницијативи отколку да стане дел од некоја институција или политичка партија водена од старци“. Тој продолжува:

Les Y marocains n’hésitent pas à accroitre de plus en plus leur champ de libertés individuelles, même au risque de choquer ou de bouleverser l’équilibre socio-culturel du Royaume. Le meilleur exemple de cela est l’initiative du mouvement alternatif des libertés individuelles (MALI) qui, en utilisant Facebook, a décidé de défier l’autorité de l’état en rompant le jeûne en public durant le mois de Ramadan.

Мароканската генерација Y без никаков проблем сè повеќе го проширува кругот на своите индивидуални слободи, дури и по цена тоа да ја навреди или наруши социо-културната рамнотежа во Мароко. Најдобар пример за тоа е иницијативата на Алтернативното движење за индивидуални слободи (MALI) кое користејќи Фејсбук им се спротивстави на државните власти со тоа што јавно го прекрши постот за време на Рамазан.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.