Палестинците се „измислен“ народ кој сака да го уништи Израел, вели републиканскиот кандидат за претседател на Соединетите Држави, Њут Гингрич. Неговите коментари, во интервјуто на една еврејска телевизија, предизвикаа бес и потсмевање кај интернет-корисниците од арапскиот свет.
На Твитер, Саудиецот Мохсен Ал Мохсен реагира:
@MolMoHsen: Њут Гингрич: Палестинците се „измислен“ народ [а белите Американци сигурно се староседелците на САД]
Египќанката Зеинобиа има слично мислење за кое пишува на својот блог, Египетски хроники:
Според стандардите на Гингрич и неговата дефиниција за „измислен народ“ и Американците спаѓаат тука, на крајот на краиштата, тие се група имигранти кои дошле од целиот свет да живеат во земја во која веќе 200 години живееле и ја поседувале домородните Индијанци!!
Еван Хил, он-лајн продуцентот на Al Jazeera English, со седиште во Доха, Катар, вели:
@evanchill: Се прашувам дали Гингрич би се сложил дека и Ирачаните, Јорданците, Сиријците и Либанците исто така се „измислени“ народи
Ентони Пермал, кој живее во Дубаи, ОАЕ, одговара:
@anthonypermal: Драг Гингрич, велиш дека #Палестинците се измислени луѓе. Па ни Израел не постоел пред 1948 година. #justsaying
Во меѓувреме, Марк Линч , кој е во посета на Кувајт, споделува прашање од локалните весници кое најверојатно ќе биде поставено во ходниците на моќта низ арапскиот свет:
@abuaardvark: Прво прашање од кувајтските весници: Како можеме да веруваме на САД кога Гингрич го негира палестинскиот идентитет?
А пак, Палестинецот Селин се шегува:
@Selintellect: Дали Њут Гингрич навистина постои? Мислам, според него, Палестинците се измислени. Неговото име звучи како изум од Хари Потер..
Насер Али Касавнех, кој живее во Дубаи, ОАЕ, однапред предвиде:
@Nasserak: Ако Њут Гингрич е најдоброто нешто што републиканците можат да го понудат, тогаш Обама убедливо ќе победи на изборите дури и без кампања!
На 6-ти ноември 2012 година, по 57-ми пат, ќе бидат одржани изборитe за претседател на САД кои се одржуваат на секои 4 години.