Кинескиот интернет гигант „Тенсент“ ги вџаши корисниците – и акционерите – откако неделава излезе со нови ограничувања на возраста за своите онлајн игри, вклучувајќи ја и играта „Кралот на славата“ [King of Glory].
Новата политика на „Тенсент“ им дозволува на играчите под 12 годишна возраст да ја играат играта само еден час секој ден, а повозрасните тинејџери се ограничени на не повеќе од два часа секој ден. Компанијата исто така го зголеми родителскиот надзор и го подобри системот за верификација на идентитетот на самата игра.
Новата политика е одговор на владините грижи околу зависноста од играњето компјутерски игри, што доаѓа како значителен финансиски ризик за компанијата – борбената игра со повеќе играчи има повеќе од 200 милиони регистрирани играчи, од кои 20 проценти се под 17 годишна возраст.
Но, забелешките на медиумите и коментаторите блиски до Комунистичката партија на Кина во врска со играта одат многу подалеку од нејзината наводна зависничка природа. Тие се загрижени за приказната на играта, за која велат дека ја „врши субверзија на кинеската историја“.
Едиторијалот на „Пиплс дејли“, весник по контрола на Комунистичката партија на Кина (КПК), од 3 јули 2017, ја оцени новата политика како „неадекватна“ и побара уште поголема цензура.
Написот во „Пиплс дејли“ од март 2017 цитираше експерт по историја кој тврди дека играта делотворно „ја пресекува крвната линија“ на кинеската култура:
“说得重一些,随意涂抹和戏说历史,就相当于‘抛弃历史文化传统’,‘割断民族文化血脉’,让我们的文化发展‘迷失方向和目标’
„Ако намерно ја прераскажеме историјата низ игривен и исмевачки начин, тоа е исто како да ја напуштаме историската културна традиција, пресекуваме крвната линија на нашата национална култура, што ќе резултира со загуба на нашиот културен правец и цел.“
Оваа критика на историски нихилизам била главна гледна точка на идеолошкиот спор од 2012 година. Сите историски толкувања и книжевни дела што отстапуваат од толкувањата на КПК се гледани како дисторзија или субверзија на историјата.
Блогерот Џија Жи Сијанг изјави дека со овој потег „Тенсент“ се оддалечува од моделот на корпоративно управување наречен „максимизирање профит“ кон модел на општествено управување, во кој компанијата се залага да ги рефлектира интересите на различни засегнати страни во општеството. Но во земја како Кина, каде луѓето не можат слободно да ги изразат своите гледишта, кој ги преставува луѓето и општеството на поширок план?
„Пиплс дејли“ против „Кралот на славата“
Ова не е првпат весникот „Пиплс дејли“ да ја нападне играта. Медиуми блиски до партијата имаат фрлено око на „Тенсент“ уште од почетокот на 2017 година.
Во март 2017, „Пиплс дејли“ ја критикуваше „Кралот на славата“ дека „врши субверзија на кинеската историја“ истакнувајќи дека главните ликови во играта се базирани на вистински историски личности, но и дека традиционалните легендарни херои поминале низ процес на реимагинација.
Така на пример традиционалниот легендарен херој Џинг Ке којшто се обидел да изврши атентат на Кралот на Кин – првиот император на средното царство (Кина), е претставен како депикција на заводлива жена (погледнете ја сликата). Токму тој лик стана еден од најпопуларните помеѓу играчите.
Последниот коментар на „Пиплс дејли“ продолжува да нанесува удари на „Тенсент“ и „Кралот на славата“ обвинувајќи ги дека наштетуваат на животите на луѓето:
对孩子的不良影响无外乎两个方面:一是游戏内容架空和虚构历史,扭曲价值观和历史观;二是过度沉溺让孩子在精神与身体上被过度消耗。
таа („Кралот на славата“) има два негативни ефекти врз децата: прво содржината на играта е изградена врз имагинарна историја и го дисторзира нивниот систем на вредности и историски погледи; второ преголемата внесеност во играта би го оштетила здравјето и духот на децата.
Исто така ги потсетува своите читатели на постоечките регулативи и повикува на уште поголема цензура:
即便几年前就发布了《关于保护未成年人身心健康实施网络游戏防沉迷系统的通知》,但监管的滞后性仍旧明显。是否强化游戏审核?如何建立游戏监管规范?可否实行手机游戏分级制度?这些问题都需要相关部门抓紧论证、出台并落实。“汝之蜜糖,彼之砒霜。”游戏究竟是魔鬼还是天使,不能让研发者一人说了算,监管主体有必要让游戏多一些“善意”。
Пред неколку години се усвои регулативата за Системи против зависност од онлајн игри за заштита на физичкото и психолошкото здравје на малолетници. Но спроведувањето на тие регулативи заостанува. Властите треба да се вклучат за да дискутираат за прашања поврзани со зајакнувањето на цензурата на онлајн игрите, нормите за регулирање на игрите и системите за возрасната категоризација.
Дали играта е ѓавол или ангел не треба да биде одлука само на дизајнерите. Регулаторите треба да направат игрите да носат попозитивен дух.
Но едиторијалот на „Пиплс дејли“ не беше добронамерно пречекан од сите читатели. Подолу има дел од популарните коментари од групата коментари на „Веибо њуз“ :
家长和社会的责任,推到别人游戏厂商身上,有本事自己完善未成年人网络条例别整天阴阳怪气的说一句说一句,而且人民网还有资格说架空扭曲历史
Родителските и општествените одговорности се претворени во одговорности на компанија за игри. Зошто само не се подобрат Интернет регулативите за малолетници? Не ми зборувајте за ова или она. „Пиплс дејли“ нема право да зборува за грабнување или дисторзија на историјата.
还要说吗,这种游戏必须应该取缔啊。。。另外还有很多人看报纸瘾大,比如我每天沉迷看报纸,我觉得应该把各种日报社给关了。
Нема потреба од дискусија. Таквите игри треба да бидат забранети… исто така премногу луѓе се опседнати со читањето весници, како мене, толку сум секојдневно опседнат со читањето весник, што мислам дека медиумите треба да се затворат.
Од друга страна, медиумите блиски до државата продолжија да пишуваат вести во кои ги критикуваат „Тенсент“ и играта. Во еден од весниците, родители од Сужу напишаа долг напис во кој ја критикуваат ја „Кралот на славата“ и ја изразија својата загриженост за дисторзија на историското знаење. Друг медиум објави дека 13 годишно девојче украло 50.000 јуани од својата мајка за да се сретне со 14 годишен пријател кој го запознала преку играта „Кралот на славата“ (新余13岁女孩偷妈妈5万 去见玩王者荣耀的14岁网友).
Со тоа што корисниците се ограничени од нови правила, „Кралот на славата“ избледува на пазарот на акции
Откако новата политика беше имплементирана на 3 јули, „Тенсент“ има изгубено повеќе од 10 милијарди хонгконгшки долари (околу 1.28 милијарди американски долари) со тоа што опадна цената на нивните акциите за четири отсто на берзата во Хонгконг на 4 јули. Ова беше голем удар за „Кралот на славата“, која од пуштањето во ноември 2015 година, стана најпрофитабилната игра во светот, со проценка на приходи во првиот квартал од годината од околу 6 милијарди јуани (околу 833 милиони американски долари).
Иако цената на акциите на „Тенсент“ полека се искачи откако пазарот ги свари вестите, останатите акции поврзани со игри кои паднаа претходно останаа во опаѓање бидејќи луѓето очекуваат да се наметнат понатамошни контроли врз останатите популарни онлјан игри во Кина.
Според „Тенсент“, на 340.000 играчи им бил ограничен пристапот до играта на првиот ден од спроведувањето на новите мерки во часовите кога играта најмногу се игра. Досега се регистрирани 450.000 сметки на играчи преку платформата за родителски надзор. Но мерките веројатно нема да ги спречат сите помлади деца да учествуваат во играта. Корисниците на друштвените мрежи јавуваат дека малолетниците веќе наоѓаат начини како да ги заобиколат рестрикциите, што прераснува во „пазар на идентитети“ каде се купуваат кориснички сметки на возрасни лица за најавување во играта.