Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Бразил: Видливите и невидливите Индијанци и ексклузивноста

Неделава, бразилските Индијанци беа во центарот на вниманието на светските медиуми и локалната блогосфера реагираше на тоа. Од фотографиите на изолираното племе во Амазон, кои „протекоа“ прво на блог кој сега бара да биде наведен како извор на информацијата, до снимките од бесниот протест против градење брани на реката Ксингу во басенот на Амазон, при што функционер на Бразилската национално електростопанство беше исечен со традиционални мачети и боздогани. Блогерите имаа различни погледи од доминантните приказни во главните медиумски текови.

Еве го видеото од Бразилскиот ГЛОБО за средбата меѓу инженерот и Индијанците.

Од средбата во Алтамира, бразилските медиуми главно беа фокусирани на прашањето на насилство. ГЛОБО објави специјален извештај во исклучително популарниот викенд-ТВ-магазин Фантастико и еве го текстот преведен со помош на компјутер на груб англиски. Како што може да видите, фокусот на инженерот и Индијанците поврзани со конфронтацијата и има многу малку информации за последиците од изградбата на браната. Додека бразилските традиционални медиуми се преокупирани со „жешката“ тема, различни блогови и НВО-и со тешка мака се обидуваат да ги пренесат подлабоките пораки. Енконтро Ксингу ’08 нуди одлично покривање на целиот настан со подлабока анализа на Дејвид Канингем и многу прекрасни фотографии од Сју Канингам. За настанот на Ксингу исто така пишуваа Интернешнал Риверс, кои објавија и англиски превод на декларациите на народите од Ксингу. Достапен е и компјутерски превод на изјавата на широка коалиција бразилски локални организации кои се спротивставуваат на градењето на браната Бело Монте.
ВајоленсВижн шер.

Многу е интересно што токму додека траеше дебатата за вистинскиот фокус, особено поради силните слики од насилството, Алтино Мачадо – познат блогер од сојузната држава Акре од регионот на Амазон, реши да ги прикаже на светот првите фотографии од едно од последните изолирани племиња во бразилските амазонски дождовни шуми – таканаречените „Невидливи Индијанци“.

Слика од невидливите Индијанци

Ако го имате гледано незаборавниот говор на Вејд Дејвис на ТЕД во 2004, кога потсетува на магијата на светската културна разновидност, како и за загрижувачкиот степен на умирање на културите и јазиците, тогаш фотографијава може да ви го запре срцето, како што ми направи и мене. Толку е надреалистична што на почетокот мислев дека е измама. Но и Ројтерс тукушто ја пренесе сторијава, па ќе претпоставам дека тие ми имаат направено услуга на проверка на фактите. Фотографијата ги покажува членовите на едно од последните племиња на светот кои не биле контактирани, забележани и фотографирани од воздух во далечен агол на амазонските прашуми во близина на границата меѓу Бразил и Перу. Сурвајвал интернетшнал, група која ги застапува племенските заедници, ги објави фотографиите на нивниот веб-сајт со цитат од Хозе Карлос дос Реис Меирелес Јуниор, кој работи во Одделот за индијански прашања на Владата на Бразил: „Ги надлетавме за да ги покажеме нивните куќи, да покажеме дека се таму, да покажеме дека постојат… Ова е многу важно оти некои луѓе се сомневаат во нивното постоење.“
„Случувањата во овој регион се монументално злосторство против природата, племињата, фауната и е сведоштво за целосната ирационалност со која ние ’цивилизираните‘ се однесуваме кон светот,“ изјави Меирелес. Наводно во светот постојат над 100 не контактирани племиња, а половина од нив живеат во Бразил или Перу. Неверојатно.
Неверојатна фотографија од едно од последните не контактирани племиња на светотТедБлог.

Навистина неверојатно. Ова беше пренесено како главна вест на ГВО на 23 мај, преведено на португалски и кинески, за преку блогосферата да ја дигне свеста низ целиот свет. На традиционалните медиуми им требаа недели да ја пренесат оваа „стара вест“, но сликите се сѐ уште чудесни и блоговите набрзо укажаа дека медиумите објавија стории без да ги почитуваат елементарните правила за наведување извор.

Какво ниско ниво. Чекаат да помине некое време (пет дена) и потоа ја објавуваат информацијата како да е нивна. Продолжуваат да се однесуваат кон Амазон како кон егзотична земја, бидејќи не истражуваат подлабоко за прашањата и не ги пренесуваат грижите на експертот за регионот Хозе Карлос дос Реис Меирелес Јуниор. Ваквата игнорантност е „почетокот на крајот за перуанскиот Амазон.“ Прочитајте ја пораката што денес ја добив од новинарот Том Филипс, дописникот на Гардијан од Бразил: „Мој драг Алтино, дали е сè во ред со тебе? Дали има шанси да го имаш контактот од Хозе Карлос дос Реис Меирелес Јуниор? Гушки!“ Добив многу други барања за контакт со истражувачот, кои ги пренесов поради извештајот за не контактираните Индијанци. Русите се чесни. Проверете. Или Бразилецот Хозе Муриљо Јуниор, од Глобал војсис.
Ниско нивоАлтино Мачадо

Алтино, истото го прават дури и медиумите од Акре! Онаа Рената Бразилеро, од Пагина 20 (прочитај овде) е аматер. Таа напиша „вестите ги објави агенцијата ББЦ, по што вчера попладне се појавија на насловните страници на сите интернет-портали за вести. Според агенцијата, фотографиите се направени во текот на мисија на ФУНАИ (Бразилска национална фондација за Индијанци) во рамките на која е изведен и „лет преку изолиран регион.“ Ме навредува испуштањето на вистинскиот извор од страна на националните и меѓународните медиуми, но не ни можев да замислам дека твоите соседи ќе го сторат истото.
Јас сум со Алтино до крај!сајтот на Чико Бруно

Кој ќе заработи или нема да заработи некој долар од откривањето на „Невидливите Индијанци“ од Акре? Не се залажувај, Алтино Мачадо. Ја разбирам твојата новинарска фрустрација што не си бил соодветно наведен како извор во написите кои се објавуваат низ целиот свет. На некој начин, сметам дека истражувачот на дивината Хозе Карлос дос Реис Меирелес е среќен што неговата работа добива признание бидејќи дава интервјуа за десетици глобални весници и списанија, итн. Но каква е врската на [НВО] Сурвајвал интернешнал со фотографиите и мисиите на ФУНАИ? Никаква! Наспроти тоа НВО-то доби на лото, а со нивните техники за маркетинг, тие успеаја да го залепат името на нивната организација на сликите на не контактираните Индијанци, без да вложат ниту цент во остварувањето на она што прво го видовме на твојот блог и во Тера магазин.
Вратете ги парите, Сурвајвал!Амбиенте Акреано

Блогот на Алтино е навистина посебен извор на информации за Амазон и не е случајно што неговите постови сега ги пренесува Тера магазин, иновативен проект за пренесување вести преку интернет кој исто така тврди дека се заслужни за информацијата за „Невидливите Индијанци.“ Но додека медиумите на интернет сѐ уште се борат со многу променливи поврзани со таа средина, можеби стануваме сведоци на тренд во кој оригиналните „ексклузивни“ информации стануваат минато. Дискурзивниот и протечен разговор на многу гласови кои во отворена дебата се спротивставуваат на авторитетните традиционални медиуми може да оформуваат колаборативни „ексклузивки“ кои се подобри за сите.

Првиот чекор кон изградбата на овој нов отворен медиумски простор може да биде признавањето на вредноста на сите тие гласови, што може да почне со едноставното и лесно почитување на правилата за добро однесување за наведување извор кај традиционалните медиуми… и блогерите.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.