Потврдени или сомнителни случаи на свински грип, кои што беа забележани во Мексико порано овој месец, сега се откриени во најмалку седум други земји во светот. Светската здравствена организација (СТО) вели дека оваа појава претставува „опасност по глобалното здравје која треба да се разгледува од меѓународен аспект“.
Исто така, познат како свински грип од тип А или H1N1, свинскиот грип претставува болест на респираторниот систем на свињите која што може да се пренесува меѓу луѓето, особено преку кашлање и кивање. Во Мексико, има преку 100 случаи на смрт кои е можно да се поврзани со свинскиот грип и повеќе од 1600 луѓе се заболени меѓу кои се наоѓаат случаи со потврден или со сомнителен вирус. Досега, потврдени случаи на свински грип се откриени и во САД и Канада, додека во Нов Зеланд, Шпанија, Франција, Израел и Бразил има сомнителни случаи. Лиз Боровски, блогер на The Pump Handle, објаснува зошто постои грижа од ширење на свинскиот грип:
Свинскиот грип до одредена мера е општопознат, но обично се пренесува само од свињи на луѓе. Овој вид на болест по се изгледа е способен да се пренесува од човек на човек, и да напаѓа помлади, инаку здрави возрасни луѓе. Ова значи дека вирусот има сериозен потенцијал да предизвика пандемија, па така соодветно е тоа што Мексико ги затвори училиштата до 6 Мај и забрани големи јавни собири, вклучувајќи и црковна служба.
На 26 април, американските здравствени лица објавија опасност по јавното здравје откако беа потврдени 20 случаи на свински грип во државите Калифорнија, Канзас, Њујорк, Охајо и Тексас. Повеќето од овие случаи се умерени, а не е пријавен ниту еден случај на смрт од овој грип. И Канада потврди шест умерени случаи на свински грип во провинциите Нова Скотија и Британска Колумбија.
Веста за свинскиот грип брзо се прошири на Интернетот, како што луѓето бараат одговори и како што ги делат нивните мислења за болеста. Во моментов, свинскиот грип и #swineflu е топ тема на Твитер и се креирани различни мапи на Гугл со цел да се следи појавата. Блогерите ширум светот, исто така, зборуваат за свинскиот грип.
Даниел Хернандез, блогер на Intersections, ја опишува следнава сцена од Мексико Сити:
Во неделата, додека врвот на СТО свика итен состанок во Женева, војници во Мексико Сити се онесвестуваат со маски на лицето на автобуски постојки, станици на метро и плоштади. Изморен војник ми подаде маска на влегување во метрото Белас Артес, но маската падна пред да влезам во метрото. Внатре, патниците сите до еден се гледаа сомнително и правеа напори да избегнат контакт со други.
Метју Иглезијас, блогер на Центарот за Американскиот акционен фонд за напредок, изразува загриженост за тоа како оние без здравствено осигурување во САД ќе се справат со оваа болест:
Немам мислење за оваа тема и покрај набљудувањето дека ќе биде убаво да се живее во земја во која, ако се почувствуваш сериозно болен поради вирусна инфекција, вашиот пристап до ефикасни медицински лекови не е одреден од вашето богатство, вашите приходи, или вашиот работен статус.
Џим Мек Вејг, блогер на MacDoctor од Нов Зеланд, мисли дека мора повеќе да се направи во неговата земја и во светски рамки со цел да се задржи вирусот. Во Нов Зеланд, 13 студенти што неодамна го посетија Мексико се сомнителни дека се заболени од вирусот. Мек Вејг вели:
Земајќи ја предвид претераната реакција која што се случи со птичјиот грип, секој би се надевал за поригорозен одговор на ова од обично набљудување. Би помислил на изолација на случаи и ограничување на патувањето во Мексико кои би биле минимален одговор сé додека не добиеме повеќе податоци. Бидејќи ЦКБ (Центарот за контрола и превенција на болести во САД), се буди дури сега, една недела подоцна, а СТО инсистира да не се презема ништо, безгрижниот одговор на Нов Зеланд изгледа речиси сериозен во споредба со нивните реакции. Додека ова навистина може да прерасне во еден немил настан, добро би било ако здравствените власти преземат нешто пред ситуацијата да се случи отколку да се соочат со нецелосни информации.
Многу земји спроведуваат безбедносни мерки за да го спречат ширењето на свинскиот грип. На пример, некои аеродроми ги проверуваат патниците од Мексико за симптоми од свинскиот грип, додека Кина и Русија планираат да го стават во карантин секој кој пројавува симптоми. Виџај Садасивам, блогер на scan man, вели дека не се преземени никакви превентивни иницијативи во Индија, иако Боинку, блогер на Finestkind Clinic and fish market, ја опишува мерката која ја преземаат Филипините:
Филипините ќе престанат со увоз на свинско месо од САД и Мексико да го запрат ширењето…ова е смешно, бидејќи грипот се шири од човек на човек, а нашите сопствени свињи имаат Ebola Reston…но сепак ова е време за забава, и досега не се зборува за тоа дека некој човек е ставен во карантин, како што беше случајот со SARS…
Многу блогери укажуваат на тоа дека треба да ја сфатиме оваа закана сериозно и да бидеме подготвени, но сé уште нема потреба од паника. На пример, еден пост на Utah Preppers вели:
Набрзина некои белешки против паника …
- Свинскиот грип НЕ МОЖЕ да се пренесува преку храна. Јадењето свинско НЕ ве доведува во опасност.
- Ова НЕ е прв пат свински грип да се пренесе на луѓето. Претходно се случувало, но без да се претвори во пандемија.
- Оваа варијација на свинскиот грип, како и секој грип, е вирус и првично се шири од лице на лице преку кашлање и кивање.
- Ова е само грип! Клучот е да НЕ го ЗАКАЧИМЕ.
СТО засега не препорачува ограничување на какво било патување или ограничување на трговијата, и вели дека потребни се повеќе информации за вирусот пред да одлучат дали да го кренат нивото на глобална пандемија, кое моментално се наоѓа на третото од шест нивоа.
Фотографијата за заштита од свински грип е од Sarihuella на Flickr