Иран: Биди маж, облечи се како жена!

Маж облечен во црвен фустан со превез на главата беше спроведен од безбедносните сили низ улиците на Мариван, во иранската провинција Курдистан, во понеделникот на 15-ти април 2012 година. Локалниот суд одлучил ова да биде казната за тројца мажи кои што биле прогласени за виновни за семејни расправии. Точните околности не се јасни, но она што стои позади идејата налути многумина.

Жените во Мариван во вторникот одржаа протест против изречувањето на казната велејќи дека тоа повеќе ги понижува жените отколку осудените мажи. Според еден активист за човекови права, безбедносните сили физички ги напднале протестантите. На еден видео-клип се гледа марширањето на жените на улиците.

Men in Dress source: https://www.facebook.com/KurdMenForEquality

Споделено на Фејсбук страната – „Курдските мажи за еднаквост“

Како дел од онлајн кампањата на Фејсбук со цел да кажат, „Да се биде жена не значи да се биде инструмент за да се казнува или понижува некој“, неколкумина ирански мажи се фотографираа облечени како жени. Сликите можат да се најдат на Фејсбук страната – Курдските мажи за еднаквост.

Намо Курдистани пишува:

Сакам да ја покажам мојата солидарност и поддршка за „женскиот род“ и нивните страдања и мачења низ историјата кои во најголем дел биле предизвикани од „мажи“. Бидејќи скоро се соочивме со една глупава судска одлука да се казни личност преправајќи ја во жена, сега е еден момент кога треба да се солидаризираме и да ја осудиме оваа глупост, бруталност и нечовечност спрема женскиот род, кој што претставува половина од општеството како и половина од човештвото на Земјата. Ги поддржувам жените преку она што најмалку можам да го направам.

Фејсбук страната на Здружението на жените на Мариван исто така ја осуди оваа постапка и напиша:

Безбедносните сили влечкаа еден осуден жител на Мариван низ улиците на градот. Го облекоа како жена сакајќи со оваа постапка да го понижат. Здружението на жени на Мариван ја осудува оваа постапка и ја смета за навреда кон жените. Курдските жени протестираа против оваа постапка [еден ден подоцна].

Мохамед Мостафаи, ирански адвокат и заштитник на човековите права вели:

Иранското судство немаше право да нареди таква казна која што се спротивставува на човековото достоинство. Облекувањето како жени не е нешто што може да се најде во законите на Исламската Република.

Историјата се повторува

Пред нешто повеќе од три години, иранските власти се обидоа да го искористат истиот метод на понижување врз еден студентски активист, но не успеаја во тоа.

Иранските власти тогаш тврдеа дека Маџид Таваколи избегал облечен како жена после држењето на говор во Техеран на Денот на студентите. Сепак, активистите за човекови права во Иран објавија извештај од сведок во кој што се вели: „Сите слики кои беа објавени од државните медиуми се лажни и претставуваат јасна употреба на неморални средства против студентските и граѓанските активисти во Иран.“ Во тоа време, стотици Иранци во знак на поддршка на Таваколи се фотографираа облечени како жени кои носат хиџаб.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.