Љубовна порака од Израелците до Иранците звучи како бајка во овие тензични времиња кога владите на Израел и Иран не штедат зборови за заканување.
Ваков пример гледаме во една кампања на Фејсбук започната од Пушпин Мехина (вистинско име Рони) кој на својот профил објавил: „Никогаш нема да ја бомбардираме вашата земја. Ние ве сакаме.“
Израел гледа на Иран како потенцијална нуклеарна закана. Во истовреме иранските лидери тврдат дека нивната нуклеарна програма е мирна, но повикуваат Израел да биде отстранет од мапата.
Жителите и на двете земји објавуваат слики со логото „Иранци, ние ве сакаме“ или „Израелци, ние ве сакаме“ што го привлече вниманието на медиумите во Израел.
За многу луѓе тое е прв пат да комуницираат директно со Израелец или Иранец, а некои Иранци изразија страв од последиците кои може да ги имаат од нивната влада.
„Никогаш не сум сретнал Иранец“
Рони од Тел Авив, Израел пишува:
До народот во Иран
До сите татковци, мајки, деца, браќа и сестри. За да има војна меѓу нас, ние треба да се плашиме еден од друг, да мразиме. Јас не се плашам од вас. Јас не ве мразам. Јас не ве ни знам. Ниту еден Иранец ми нема наштетено. Никогаш не сум сретнал Иранец… Само еден во Париз, во еден музеј. Фин дечко… Понекогаш, тука на телевизија, ќе видам Иранец. Зборува за војна. Сигурен сум дека тој не ги застапува сите луѓе во Иран… Ако видите некој на телевизија кој зборува дека ќе ве бомбардира… бидете сигурни дека не не застапува сите нас. Сите оние кои го чувствуваат истото, споделете ја оваа порака и помогнете и да стигне до луѓето во Иран.
Порака од една жена од Иран која вели:
Здраво Пушпин, јас сум жена од Иран. Ја видов твојата убава и пријателска порака до моите сограѓани. Пораката ми ги насолзи очите и ми го стопли срцето. Сакам само да ви кажам дека сите ние Иранците се чувствуваме исто, сакаме само мир и убавина на земјата, мразиме војна и крвопролевање, ние сме дел од едно тело и не боли кога ќе видиме дека некој страда, бидејќи тој или таа е дел од нашата душа. Отсекогаш сум била љубопитна дали вие не мразите, бидејќи бев сигурна дека не го знаете вистинското лице на Иранците… За крај, би сакала да ви се заблагодарам за вашата убава порака и да кажам дека сите ние ве сакаме бидејќи вие сте наши браќа и сестри. Единствената важна работа е вашето добро срце, а не вашата култура, јазик, боја на кожа, религија или татковина.
Се чини дека оваа кампања им овозможува вистинско поврзување на Иранците и Израелците за да ја споделат пораката за која можеме само да сонуваме: љубов и мир во име на човештвото.