Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Цените на горивата продолжуваат да растат

Постојаното растење на цените на горивата се причина за загриженост за граѓаните на Македонија, а некои од нив напнатоста ја намалуваат со хумор. Цените не се одредени на слободниот пазар, туку ги пропишува регулаторно тело, па расте и бројот на корисници на социјалните медиуми кои забележуваат дека лавовски дел од приходот всушност го контролира Владата, попречувајќи го растот на деловниот сектор.

На неговиот блог, Зорив објави споредби на цените на нафтени деривати во Македонија, ЕУ и САД, како и пресметки колку гориво може да се купи со просечна месечна плата во разни земји.

Според Зорив, Латвија има најниска цена на бензин во Европа (1,20 евра), а Норвешка највисока (1,94 евра). Потрошувачите во Македонија се приморани да плаќаат по 1,4 евра. И додека официјалното објаснение за подигањето на цените на горивата е секогаш цената на сировата нафта на меѓународниот пазар, Зорив укажа дека важен фактор во формирањето на крајните цени се акциите кои се уплаќаат директно во државните буџети на државите со највисоки цени, како Норвешка, Холандија, Италија, Велика Британија и Грција. Тој додаде:

Во Македонија на пример, вкупните оптоварувања заедно со маржата на трговците изнесуваат сса 70% (Службен весник на РМ“ бр. 138/09 и 52/11). Она што не’ oдделува од земјите на ЕУ, освен што платите не можеме воопшто да ги споредуваме со ниедна земја во Унијата, уште потешко  и потрагично е што и најмалото зголемување на нафтените деривати се’ повеќе и повеќе ја загрозува личната и материјалната егзистенцијата на секој граѓанин во Македонија, а како најнов податок, дури за 30% е намалена потрошувачката на нафтените деривати во Македонија. За жал, со сè поголемото зголемување на цените на нафтените деривати, спиралата пропорционално се зголемува, растат сите други животни трошоци, а домашниот буџет станува се’ потенок и потенок…

Македонската влада привремено ги укина акцизите пред изборите во јуни 2011 година, но ги врати подоцна, причинувајќи  подигање на цените во август.

Преку пресметување колку горивограѓаните може да купат со различни плати, Зорив се обиде да укаже на разликите во стандардот: во САД, со месечна плата може да се купат 4.296 литри бензин. Во Европа, на првите три места се Швајцарија (3.441 l), Луксембург (3,439 l) и Германија (3.075 l). Најниските места ги заземаат Македонија Macedonia (243 l) и Албанија (194 l), каде „Соодносот со првата земја е катрастрофален – 1:14“.

Според публикацијата  „200 најголеми компании во Македонија“ за 2010 година, која ја подготвува и издава Евро бизнис центарот од Скопје, две најголеми компании во земјата се: единствената рафинерија за нафта ОКТА (во сопственост на грчки интереси, приватизирана во времето кога тековниот премиер Груевски служеше како министер за финансии) и најголемиот дистрибутер на нафтени деривати  Макпетрол, со приходи од 512, односно 350 милиони евра.

Во оваа област, нема очекувања за светла иднина. Според извештајот на УНДП „Проценка на економското влијание на климатските промени“ (на англиски), Македонија ќе треба да се соочи и со низа други предизвици во енергетскиот сектор.

Корисниците на социјални медиуми споделуваа различни видови податоци поврзани со зголемувањето на цените на горивата, меѓу кои и табелата која покажува како се формира цената на литар гориво, оригинално објавена во напис од Срѓан Стојанчов на Радио Слободна Европа:

Составните делови на цените на горивата во македонски денари.

Многумина објавува различни реакции на тековните настани поврзани со цените на гориво, а најсподелувани беа хумористичните, како шегата: „Сакаш да излезете со девојка ти на некое скапо место? – Однеси ја на бензиска!“ Меѓу најновите финти е и мемот во стил на демотивација со фотографија од покојниот југословенски лидер Јосип Броз – Тито и наводна изјава на хрватски:

Tito advises on gasoline

Фотографија од Тито и наводен цитат: „И велите, поскапел бензинот. А зашто, богати, не се договорите со неврзаните?“

Во времето на Студената војна, Тито бил познат по балансирање меѓу Западниот и Источниот блок, при што Југославија служела како еден вид бафер-зона, а нејзиниот народ имал финансиска полза. Во 1961 година, тој бил еден од основачите на Движењето на неврзаните, чии членови биле многу земји-производители на нафта. Една од последиците биле поволни трговски односи со СФРЈ. Една друга политичко-економска изрека која му се препишува на Тито (во Лексиконот на Ју митологијата – пренесен „во оригинал“ и во македонското издание на Темплум, стр. 85) е: „Нас данас нападају што смо примили ову америчку пшеницу. А ја тврдим да је она боља од оне совјетске коју уопште нисмо добили“.

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.