Србија: Рај за пушачите

Србија го одбележа Националниот ден на борбата против пушењето на 31-ви јануари, меѓутоа, како што забележа еден српски блогер: „Србија е рај и Ел Дорадо за пушачите.“

Следи преводот на написот на Предатор од 29-ти јануари:

Легалните трујачи владеат во српските градови, села и плоштади. Нема поголема Мека, Ел Дорадо или рај за пушачи од Србија. Луѓето пушат насекаде. […] Секојдневно гледам луѓе кои пушат во пекарници, месарници, слаткарници, болници, канцеларии, во владините згради. Секако, на сите овие места се истакнати знаците „Забрането пушење“.

Во новогодишната вечер, видов како еден пекар пуши пет минути за време на неговата пауза во пекарницата „Тома“. Тој запали цигара и тресеше пепел околу миксерот за тесто. Знаете што направи потоа? Го фрли отпушокот на подот и продолжи да меси тесто за пица.

Секојдневно има многу други слични случаи во Белград. Нема никаква реакција. Сите молчат, секој се преправа дека не гледа како го трујат пушачите.

Еден Србин, по долгиот престој во САД, дојде во Белград по повод новогодишните празници. Го прашав какви се неговите впечатоци за Србија. Што да ви кажам? Човекот беше шокиран од тоа колку луѓе пушат по улиците на Белград, фрлајќи пикавци насекаде. Ми кажа дека никогаш не видел толку многу ѓубре, пластични кеси, хартии, картони низ улиците на српскиот главен град. […]

Никола Тошиќ ги анализираше економските и здравствените ефекти од пушењето на неговиот блог пред неколку месеци:

Српската индустрија за тутун е значаен дел од злобниот круг кој го оптоварува општеството на неколку начини.

Владата го прави првиот чекор во тој круг со поддржување на производството на тутун со цел да го подобри неговиот квалитет и неговата цена да стане поприфатлива за производителите. Побарувачката за цигари е многу висока и домашното производство не е доволно. Тоа е првиот трошок за даночните обврзници. Владата манипулира со цената на тутунот на наша сметка за да ги задоволи произведувачите на тутун.

Произведувачите како Филип Морис и Бритиш-Американ Тобако го прават вториот чекор. Тие ја уценуваат Владата со отпуштање на работници доколку ситуацијата е неповолна за нивниот бизнис.

Побарувачката на цигари е третиот чекор. Процентот на пушачи во Србија е меѓу највисоките во светот. […]

Здравствените трошоци се четвртиот чекор. Тие го сочинуваат најголемиот товар на националниот буџет. Пушачите користат буџетски ресурси почесто од останатите, бидејќи тие се поизложени на рак или кардиоваскуларни болести, за кои болничкото лекување е многу скапо. […]

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.