Во Глобал Војсис, разбираме дека сите ние, колективно, сме интернетот. Нашето индивидуално учество е она што го прави интернетот глобална конверзација со изненадувачка длабочина и разновидност, но ова е возможно единствено поради неговата отворена техничка и законска структура. За жал, постојат моќни корпоративни и владини сили кои преферираат да ја видат ограничена отвореноста и пристапноста на вебот. Тие сакаат да ја употребат цензурата и надгледувањето во името на наметнување на авторски права, користејќи ги истите алатки кои се користат за цензура на интернетот во авторитативни земји, како што се Кина, Иран и Сирија.
Игнорирајќи го предупредувањето на граѓаните и технолозите, законодавните тела во САД размислуваат за две одлуки, Закон за стопирање на онлајн пиратерија (SOPA) и Закон за кражба на интелектуална сопственост и спречување на вистински интернетски опасности за економската инвентивност (PIPA), кои се вистинска и опасна закана за отвореноста на вебот насекаде низ светот. Како одговор, заедницата на Глобал Војсис одлучи да им се придружи на веб-сајтовите како што се Википедија, Редит и БоингБоинг во „помрачувањето“ и ќе го направи недостапен сајтот на Глобал Војсис на 12 часа на 18 јануари, а ќе прикаже банер на другите сајтови на Глобал Војсис кој ќе обезбеди повеќе информации за предложените одлуки.
Ние сме меѓународна волонтерска заедница посветена на проширување на граѓанските медиуми ширум светот. Во последните 6 години, создадовме повеќе од 75.000 објави, на повеќе од 20 јазици, кои водат до блогови и друга граѓанска содржина за корисниците. Нашата содржина е слободна за употреба и споделување. Ние се потпираме на отвореноста на интернетот за да се спроведе нашата мисија, на социјалните медиуми и сајтовите на граѓанските медиуми кои овозможуваат едноставно објавување и споделување на содржина. Платформите како Вордпрес, Википедија, Твитер, Јутјуб, Фликр, Редит, Тумблр и многу други заедници за онлајн медиумска продукција хостираат содржини на кои се заснова голем дел од нашата работа.
Одобрувањето на SOPA и PIPA од страна на Конгресот и Сенатот на САД ќе ги принудат социјалните медиуми и други веб-сајтови, кои хостираат кориснички создадена содржина, проактивно да ги надгледуваат и цензорираат корисниците со цел да превенираат објава на зборови или слики кои можеби ги прекршуваат авторските права. Тоа ќе го зголеми трошокот за учество на овие сајтови за сите корисници ширум светот, и може да принуди многу проекти на социјалните медиуми да згаснат, особено помалите веб-сајтови и бизниси.
Загрижени сме дека овој закон ќе нанесе голема штета на работата на дигиталните активисти кои живеат во репресивни режими, како и ќе ја ограничи слободата на говор ширум светот. Тековните закони за авторски права се повремено злоупотребени во САД, и може да резултираат со de facto рестрикции во изразувањето. Во земји со помалку независни правни системи, едноставна и честа е злоупотребата на законите за авторски права со цел да се потисне активизмот.
Придонесувачите на Глобал Војсис во многу земји се соочуваат со значително агресивно надгледување и цензура. Некои се во затвор или бегство поради нивните онлајн активности. Одобрувањето на овие одлуки ќе испрати јасна порака дека владата на САД верува дека е прифатливо да се надгледуваат и цензурираат граѓаните за да се идентификува „прекршочна активност“ која честопати се поистоветува со политичко и религиозно несогласување. Одобрувањето на SOPA и PIPA исто така ќе и овозможи на владата на САД непропорционален износ на моќ за одредување на насоката на интернетот. Резултатот ќе биде поопасен свет за блогерите и активистите, и помалку слободен говор за сите.
Иако тековната верзија на SOPA оваа недела беше ставена на неодредено чекање, PIPA, сенатската верзија на одлуката, се уште постои. И проблемите и силите кои го придвижуваат одобрувањето на законот остануваат. Од оваа причина, Глобал Војсис се приклучува на затемнувањето на интернет на 18 јануари, 2012.
Скорешни објави на Глобал Војсис за SOPA/PIPA:
- Тревор Тим, „Како PIPA и SOPA ги прекршуваат принципите на Белата куќа за поддршка на слободниот говор и иновација“
- Катица Родригез, „SOPA ги поткопува САД во нивните преговори за слободен, отворен интернет“
- Веипинг Ли, „За кинеските корисници на интернет, SOPA е уште еден голем фајрвол”
- Јо Еун Ли, „Актот за стопирање на онлајн пиратеријата: Борбата продолжува“
Други ресурси за разбирање на ефектите на SOPA/PIPA:
- Јои Ито и Итан Зукерман, „Зошто треба да ги сопреме SOPA и PIPA”
- „Легислативата за црната листа на интернет“, Електроник Фронтиер Фоундејшн, Кампањата за електронска пошта на ЕФФ против легислативата и Водич на ЕФФ за средба со вашите претставници. ЕФФ исто така објаснува како SOPA/PIPA ќе наштетат на создавањето на софтвер со отворен код.
- Ден Ровински, „Што треба да знаете за SOPA во 2012“, ПрочитајПишувајВеб
- Википедија, „Акт за стопирање на онлајн пиратеријата“
- Ребека Мак Кинон и Иван Сигал, „Законите за онлајн пиратерија мораат да ја зачуваат слободата на вебот, СиЕнЕн.”
Што може да направите:
- Доколку сте американски жител, Americancensorship.org може да ви помогне брзо да комуницирате со вашите изгласани избраници, или да ви помогне да се придружите на штрајкот. Дознајте повеќе за штрајкот на www.sopastrike.com.