Студенти протестираат за академска слобода на неколку дена пред истекот на последниот рок за соросовиот Централно-европски универзитет да остане во Унгарија

Студенти во Будимпешта протестираат со банер на кој се испишани акронимите на академските институции кои се под закана во Унгарија. „Ослободете ги Корвин, ЕЛТЕ, МТА, ЦЕУ“. Фотографија на Ана Ворос. Искористена со дозвола

ЗАБЕЛЕШКА: Авторката на овој напис е студент на додипломски студии на Централно-европскиот универзитет (ЦЕУ). „Глобал војсис“ е грантист на Фондацијата Отворено општество, која е финансирана од Џорџ Сорос.

Оваа седмица е последниот рок по кој ќе се види дали Централно-европскиот универзитет (ЦЕУ), приватниот универзитет основан во 1991 од страна на финансиерот и филантроп Џорџ Сорос, ќе остане во Унгарија. Оваа институција, со седиште во Будимпешта од 1993, е во правна неизвесност уште од април 2017, кога унгарската влада ја усвои контроверзната измена на постоечките закони за високо образование во земјата.

Студентите се собраа да протестираат во саботата на 24 ноември и го окупираа главниот плоштад пред зградата на Парламентот во Будимпешта за да ја одбранат академската слобода во земјата.

Кон крајот на октомври, претседателот и ректор на ЦЕУ Мајкл Игнатиеф, изјави дека институцијата нема да ја чека владата до 1 јануари 2019 да го потпише документот со кој ќе се обезбеди местото на универзитетот како унгарско-американска академска институција во Унгарија. Наместо тоа, Централно-европскиот универзитет даде рок на унгарската влада до 1 декември 2018 и започна со воспоставување кампус во главниот град на соседна Австрија, Виена, каде што студентите од прва година би се префрлиле во академската 2019 година.

Универзитетот се подготвува да се исели во друга држава. „Универзитетот“ во случајов ги опфаќа сите засегнати од преселбата, вклучително и студентите, студентите на докторски студии, истражувачите, професорите и вработените од службата, од кои дел работат во ЦЕУ во Будимпешта повеќе од една деценија.

Разговорите кои се водат изминатиов период во унгарските академски кругови се во знакот на темата за академската слобода. Корвиновиот универзитет во Будимпешта се соочува со реформа со која би се организирале активностите на универзитетот според структура за правење профит, со што драстично би се намалил бројот на студенти стипендирани од државата. Истовремено, Катедрата за општествени науки при универзитетот ЕЛТЕ започна со штрајк и ја разгоре дискусијата за родови студии како резултат на затворањето на програмата. Покрај ова, унгарската Академија на науките се бори против намалувањата во буџетот кои се најавени од страна на унгарската влада.

Голем број студенти, истражувачи, професори и нивни поддржувачи излегоа на протест во саботата за да го свртат вниманието кон борбата за академската слобода во Унгарија. Според некои медиуми на протестот излегле илјадници луѓе а говорници биле претставници од ЕЛТЕ, Корвиновиот универзитет, ЦЕУ и унгарската Академија на Науките.

Протестирачи маршираат низ Будимпешта во моментов во знак на поддршка на ЦЕУ, универзитетот финансиран од Сорос кој Орбан изгледа дека сака да го истера од Унгарија по секоја цена. #Budapest [Будимпешта] #CEU [ЦЕУ] #Hungary [Унгарија]

Говорниците го адресираа прашањето за академската слобода и законот од април 2017 кој го присилува ЦЕУ на егзил и повикаа на солидарност со работниците поради минатонеделната најава за нов закон кој ги изложува работните на експлоатација преку прекувремено работење. Се чини дека на списокот на проблематични регулативи во Унгарија му нема крај, а говорниците, од кои голем дел се општествени научници, ја критикуваа измената во Уставот со која се криминализира бездомништвото во земјата.

Говорниците и протестирачите ја искористија оваа можност да го искритикуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан заради доделувањето азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, бегалец од законот кој беше осуден во неговата земја на двегодишна казна затвор поради корупција.

„Мафијашка влада го брка ЦЕУ а ги угостува политичките криминалци!“. Фотографија на Ана Ворос. Искористена со дозвола.

Под мотото „Слободен универзитет“, студентското движење „Студентите за ЦЕУ“ (Students4CEU) го окупираше плоштадот Кошут пред Парламентот при крајот на саботниот протест. Студентите ја слават академската слобода со отворени предавања и проекции преку седмицата.

Студено е. Врне. Но не заминуваме додека унгарската влада не престане со нападите на академската слобода. Придружете ни се утре во 11 за предавања, проекции и дискусии на единствено нашиот слободен универзитет.

Окупацијата на плоштадот Кошут ќе заврши на 1 декември. Тогаш е и крајот на можноста за Централно-европскиот универзитет целосно да остане во Будимпешта.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.