Џули Кертец е некој кој ги прославува своите 77 години како што го прославува и самиот живот. Пензионирана но многу активна, Џули се дефинира себеси како раскажувач на приказни и фотограф. Таа исто така е и активен блогер, снимател на видеа и само што започнува со стоечка комедија (стенд ап).
Таа е родена во Трансилванија (тогаш дел од Унгарија, подоцна од Романија), се преселила во Франција на 30 годишна возраст, а од месец јули, 2008 година, живее во Лондон.
Според еден од следбениците на нејзиниот профил на сајтот за споделување на фотографии, Фликр, Патрик Бари Бар, таа е „пример за луѓето од сите возрасти кои сакаат да водат исполнети и активни животи со учење и правење.“ Тој вели:
Julie70 прикажува дух кој противречи на нејзината возраст, како што мислиме за луѓето во нивните 70ти, јас се восхитувам на нејзиниот ентузијазам, начинот на кој што таа ужива сретнувајќи се со непознати и споделувајќи го својот ентузијазам со нив. Јас ќе наполнам 67 години на 11 мај, а кога ќе пораснам сакам да бидам како Џули Кертец.
Џули сака да учи и никогаш не престана да студира – ниту тогаш кога тоа беше забрането од комунистичкиот режим во Романија. Додека работеше во Париз, таа како мајка на две деца, се врати во училницата само за да го заврши универзитетот на 43 години со диплома за докторски студии по физика.
Како што таа опишува во нејзината животна приказна на нејзиниот блог, постои живот по 70тите години:
Ние не се откажуваме!
Секој од нас прави нешто, или да живее подобро или да се одмори додека е жив.
За жал, исто така, сретнав стари луѓе кои изгледаат како веќе да се откажале, а некои дури и многу млади.
Осамени, во подземната железница.
Само погледнете ги во метрото во Париз. Колку поразлично од човекот кој го сретнав вчера, работеше на пазарот. И многумина други од нас, кои го живееме нашиот живот колку што можеме поисполнето.
Ок, ние сме на одредена возраст, но не се чувствуваме стари одвнатре!
Џули го користи Фликр, блоговите и раскажувањето приказни за да ги инспирира другите. Во коментар на нејзиниот блог наречен „Поттик да се смеете на самите себеси“ (на француски) еден читател оддава признание на нејзините напори:
[…] tu sais Julie, tu es Une Sage, je le pense. Tu m'aides souvent dans des moments compliqués, je me dis “attends, l'effet Julie va se produire, ça va aller”.
Можеби изворот на таква мудрост е во подготвеноста да се осмелите да искусите нешто ново. Во снимката подолу, Џули го користи нејзиниот четврт јазик за да илустрира некои од нејзините први искуства на возраста помеѓу 25 до 70 години:
Точно на 70 години, Џули го откри фотографирањето. Во 2006 година, таа ја создаде групата !после часови!, група на Фликр каде 2500 луѓе се собираат за да научат фотографирање. Таа исто така ја создаде групата Луѓето читаат; групата Никогаш доволно стари; и не сме повеќе странци:
Не сме повеќе странци. Ги сретнав, разговарав со нив. Се сеќавам на нив.
Оваа последна група ги инспирира луѓето да си пристапат едни со други, а со секоја интеракција се открива прекрасен човек. Кликнете на сликите подолу за да ги откриете прекрасните приказни кои Џули ги откри преку „човечка интеракција“ со непознати.