Што порачуваат маскотите за Олимписките и Параолимписките игри во Јапонија 2020 во однос на инвалидитетот

Tokyo 2020 Olympic and Paralympic Mascots

Маскоти за Олимписките и Параолимписките игри во Токио 2020. „Маскота на Олимписките игри“ (лево) и „Маскота на Параолимписките игри“ (десно). Сликата е преземена од официјалниот канал „Токио 2020“ на  „Јутјуб“.

Јапонија обожава маскоти. Најпознатата веројатно е Кумамон (くまモン) , мечката што е маскота на покраината Кумамото, која стана уште попопуларна по земјотресите што ја зафатија покраината во април 2016 година. Ваквите маскоти се корисни, дури и пресудни кога создавате бренд, и се од суштинско значење за проектот „Кул Јапонија“, кој сака да ја популаризира јапонската култура во светски рамки. Маскотите секако, можат да бидат многу слатки и забавни. Мојот личен фаворит е Домо-кун, маскотата на јапонскиот јавен сервис НХК.

Кон крајот на февруари 2018, Јапонија ги претстави своите маскоти за Олимписките и Параолимписките игри во Токио 2020 година. Овие маскоти немаат привлечни имиња – познати се како „Маскота на Олимписките игри“ и „Маскота на Параолимписките игри“ – но изгледаат како аниме или манга херои, имаат супермоќи и специфични карактерни особини.

Запознајте ги слатките официјални маскоти на Олимписките и Параолимписките игри во Токио!

Еве како е опишана маскотата на Олимписките игри на англиски јазик на нивната официјална интернет страница:

The Olympic Mascot is a character that embodies both old tradition and new innovation. While cherishing tradition, it is always up to date with the latest news and information. The Mascot has a strong sense of justice and is very athletic. The Mascot also has a special power allowing it to move anywhere instantaneously. The Olympic Mascot was born from a traditional chequered pattern and a futuristic vision of the world.”

Маскотата на Олимписките игри е лик кој ги спојува традицијата и иновациите. Ја негува традицијата, но секогаш е во тек со најновите вести и информации. Маскотата има силно чувство за правда и е вистински спортист. Маскотата има и посебна моќ со која се движи насекаде. Олимписката маскота е создадена од традиционалната карирана шара и футуристичката визија за светот.

Олимписката маскота со својата способност да се движи „било каде во секој момент“ звучи навистина супер. Тоа е супер-моќ која би ја посакал и јас, а обединувајќи го традиционалното и новото, оваа маскота го претставува најдоброто од Јапонија, народ кој го цени минатото но се радува на новото и ја прифаќа иднината.

Меѓутоа, како личност со инвалидитет, повеќе ме заинтересира маскотата за Параолимписките игри во Токио, која е опишана на следниов начин:

The Paralympic Mascot is a cool character with cherry tactile sense [i.e., shaped like a cherry blossom] and a supernatural power. The Mascot is usually calm; however, it gets very powerful when needed. It has a dignified inner strength and a kind heart that loves nature. It can talk with stones and the wind. It can also move things just by looking at them. The Paralympic Mascot was born from a traditional chequered pattern and cherry blossom flowers.

Параолимписката маскота е неверојатен лик налик цвет на цреша и со натприродни моќи. Маскотата обично е смирена, но станува силна кога тоа е потребно. Има достоинствена внатрешна сила и грижливо срце кое ја сака природата. Може да разговара со камењата и ветрот. Исто така може да поместува работи само со поглед. Параолимписката маскота е создадена од традиционалната карирана шара и цветовите на црешата.

Како личност со инвалидитет, навистина би сакал да имам натприродни моќи и би копнеел да имам моќ над ветрот – замислете колку тајфуни би можел да спречам – и дефинитивно би бил нестрплив да слушнам какви приказни би ми раскажале камењата. Љубовта кон природата, е исто така типична јапонска особина, која е дополнително нагласена со „налик цвет на цреша“, затоа што нема ништо појапонско од „сакура“, цветот од цреша.

Навистина ми се допаѓа Параолимписката маскота.

Но, ако внимателно го прочитате описот на нејзиниот карактер, ќе воочите дека за разлика од својот колега, Параолимписката маскота не е експлицитно дефинирана како „атлетски тип“. Како личност со инвалидитет, се прашувам зошто е тоа така, бидејќи ова може да укажува дека параолимпијците не се „способни за атлетика“. Со внимателно читање може да се забележи дека иако маскотите немаат род, оттука и генеричките називи, Олимписката маскота е сина, боја што се поврзува со мажите, а Параолимписката маскота е розева, боја што во Јапонија и секаде во светот се поврзува со жените. Параолимписката маскота има и стереотипни женски карактеристики како „грижливо срце“.

Овие карактеристики не поминаа незабележани кај Денис Фрост, вонреден професор на Колеџот „Каламазо“ во Мичиген, кој ги истражува Параолимписките игри во Јапонија.

„Изгледа… дека овде постои некоја игра со родовите која се подразбира,“ Фрост ми пиша во приватна порака на „Фејсбук“. „Навистина ме изненади начинот на кој се опишани. Го проверив и описот на јапонски јазик, и се уверив дека проблемот не е во чудниот превод. Всушност, разликите се уште поголеми на јапонски, така што Олимписката маскота е карактеризирана како силна и активна, а Параолимписката како речиси целосно пасивна и слаба.“

Постои веројатност и премногу да навлезете во овие нешта, а никој не сака песимисти. Ако маскотите се продаваат и во форма на сувенир, сигурно би ја купил Параолимписката маскота да ми одговара со Домо-кун. За крај, би сакал да ги споделам зборовите на Грејс Охаши, поранешна џудистка која сега живее со мултиплекс склероза и често соработува со емисијата за лица со инвалидитет „Различност без пречки“ на НХК телевизија.

„Кога го прочитав описот, помислив дека станува збор за стара слика од луѓе со инвалидитет,“ изјави Охаши. „Но, не сум сигурна колку луѓе ги читаат описите.“

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.