Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Лингва  »

Србија: Проект за дигитални училишта

Напорите за имплементирање на информациски и комуникациски технологии во образованието во Србија, не се ништо ново. Од раните 2000ти па се до денешен ден, имаше неколку иницијативи генерално поддржани од интернационални организации и фондации, кои спроведуваа проекти за подобро образование и имплементација на слободен софтвер во српските училишта, во урбаните и руралните средини.

Неодамна, српскиот министер за телекомуникации и информациско општество, спроведе проект во основните училишта – наречен Дигитално училиште [српски]. Оваа акција е само дел од еден голем проект, наречен Дигитална Србија, чија цел е нега и подобрување на функционирањето на информациското општество. Во првичното соопштение и јавен повик [српски], стои дека Министерството наменило 650 милиони динари (620,000 евра) за дигитализирање на школските училници и лаборатории, до крајот на наредната учебна година.

Програмата ќе овозможи опремување на 1,100 основни училишта во Србија со компјутерски хардвер, а секоја дигитална лабораторија ќе може да собере 30 ученици. Според најавата на Министерството, покрај компјутерска единица за секој ученик, ќе се обезбеди и соодветна опрема за наставниците. Софтверска и компјутерска опрема ќе биде поставена во сите училници во кои учениците следат настава, а не само во оние во кои се држи настава по компјутерски науки.

Од Министерството велат дека ќе им помогнат на 40те најнеразвиени општини и ќе создадат соодветни услови за настава, од електрична енергија до интернет врска. Наставниците ќе бидат одговорни за техничката поддршка во дигиталните училница, за што претходно ќе поминат соодветен компјутерски тренинг. Иако белградскиот регион е 7 пати поразвиен од јужниот дел на Србија, од овој проект се очекува корист и за урбаните и развиени, како и за руралните, неразвиени средини.

Како што дневниот весник BlicOnline неодамна известуваше [српски],

[…] Имплементацијата на оваа програма им дозволува на сите училишта кои учествуваат во проектот, да им овозможат третман на своите српски ученици, еднаков на оној кој го уживаат учениците во рамките на Европската Унија.[…]

Граѓаните на Србија, фрустрирани од тешките услови за живот, не покажуваат некој посебен интерес за плановите за подобрување на образованието и сè уште е непознат бројот на училишта кои ќе одговорат на јавниот повик. Некои сметаат дека компјутеризираните училници ќе бидат покорисни за средношколскиот кадар. Еден студент остави горчлив коментар на овој напис [српски]:

…На почетокот имавме мултимедијални училници кои беа бескорисни, сега сакаат да воведат дигитални… кои повторно ќе бидат неупотребувани и празни… а нашите тетратки се секојдневно потенки… Професорите кои ми предаваат компјутерски науки учеле за компјутери пред 20 години, а обичен човек кој ги разбира компјутерите знае повеќе од нив. Работиме на стари компјутери кои се од пред нашата ера, а новите компјутери се во училиштата и не ни дозволуваат да ги користиме, тие се таму само за фалење… Нека ги посетат училиштата и нека видат кој, како и каде предава компјутерски науки.

Во Србија, 55.9% од целокупната популација од 7.3 милиони, се интернет корисници. Србија е земјата со највисока стапка на интернет пенетрација на Балканот: 39.5% од корисниците користат DSL конекција, 29.3% се уште се врзуваат на интернет со помош на модем и 23.4% користат кабелски интернет (според последните податоци од заводот за статистика на Република Србија, [српски]). Сепак, кога станува збор за целокупната стапка на писменост меѓу возрасните лица, според извештајот за човечки развој спроведен од UNDP во 2009та година (.pdf документ), Србија заостанува позади своите балкански соседи.

Следните точки се дел од предизвиците кои треба да се надминат за проектот Дигитално училиште да биде успешен:

- Властите мора да обрнат внимание на недостигот на примарните услови за удобност во основните училишта во Србија (на пр. електрична енергија, санитарни потреби и други услови кои овозможуваат нормално, секојдневно функционирање).

- Покрај обезбедениот компјутерски тренинг за професорите, потребна е соодветна промена и на наставната програма во основните училишта. Наставниците кои предаваат предмети од областа на информациска и медиумска писменост, треба да спремат нови планови кои ќе бидат посоодветни на новата работна околина, со цел мотивирање на учениците да бидат креативни и отворени за колаборативна работа. Потребни се и нови, образовни модули кои ќе бидат приспособени за интеракција меѓу учениците и компјутерите, бидејќи во спротивно, целиот хардвер ќе остане неупотребен.

- Наставниците треба да бидат подготвени да предаваат критичко мислење кое учениците би го искористиле при користење на интернет. Како дигитални почетници, децата прво учат да играат компјутерски игри (64% од српската популација го користи интернетот за играње игри), но често се немоќни да се запрашаат за кредибилитетот на информациите кои се достапни онлајн. Промоцијата на информациите и зголемувањето на дигиталната писменост треба да се дел од условите за соработка меѓу училиштата, библиотеките и образовните центри.

- Мора да се одлучи дали земјата е спремна да одвои дел од буџетот за купување на нов софтвер или да користи програми со слободен софтвер.

- Широкопојасна или безжична интернет конекција треба да биде поставена на сите места на кои е возможно, а посебно во руралните и малите, далечни региони.

Сепак, овој и сличните проекти во Србија или била која земја во транзиција, се потребни за развојот на информациското општество но, од особено значење е и соработката меѓу властите и образовните институции во однос на подобрување на наставните планови, со цел ефективно користење на хардверот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.