Палестина: Во сеќавање на убиениот италијански активист Виторио Аригони

Долго пред истекот на рокот даден од неговите киднапери, киднапираниот италијански активист Виторио Аригони беше убиен, очигледно обесен. Блогерите во Газа и на сите други места реагираа со неверување, гнев и тага.

Vittorio Arrigoni by Carlos Latuff

Виторио Аригони од Карлос Латуф (@CarlosLatuff)

Аригони, активист при Интернационалното движење за солидарност (ИСМ) во Газа, планираше наскоро да ја посети Италија заради влошеното здравје на неговиот татко [италијански].

Џаред Малсин, кој што го познавал Аригони, пишува:

Го сретнав Виторио неколку пати минатата година кога бев во Газа. Прв пат го сретнав кога го придружував него и неколку други активисти во посета на палестински семејства настрадани во серии од израелски воздушни напади во реонот на средишниот дел на Газа. Беше крупен, брадест човек, облечен во црно и широко насмеан. Зборувајќи за политика во текот на целиот пат, го делевме предното седиште во комбито на патот од градот Газа се до Деир Ал – Балах. Имаше тетоважа од зборот „отпор” (“muqawama”) на арапски на внатрешниот дел од десната рака.

Беше човек кој живееше и умре за да ја изрази солидарноста со Палестинците. Беше широкоград и храбар, двапати учествуваше во спречување на блокадите на поморските патувања кон Газа, три пати затворан од Израелците за неговиот активизам.

Тој отелотвори извесен дух на европски антифашист од 1930-тите и 40-тите, кој отиде да се бори и умре како партизаните во Италија и Шпанија. „Доаѓам од партизанско семејство”, во една прилика му одговори на интервјуерот. „Моите дедовци се бореа и умреа борејќи се против окупација, друга окупација. Таа беше наци-фашистичка. Од таа причина, веројатно, во мојата ДНК, има нешто што ме води кон борба.”

Неговото убиство е шок и огромна трагедија.

Мухамед Рабах Сулиман беше пријател со Аригони:

“Ween?” (арапски збор за „каде”) беше првата работа за која што Виторио ме праша. Ми го побара телефонскиот број и ми прати ФБ порака насловена, “ween”. Денес јас го прашувам истото прашање: “ween?”

Не можам да помислам ниту на една причина што ќе натера „Палестинец” да убие некој како Виторио. Човек кој го посвети сопствениот живот на борбата против неправдата. Човек кој го напушти луксузот на Рим и дојде во еден од најтурбулентните региони во светот со цел да ги обелодени израелските ужаси против Палестинците. Човек на чија десна рака имаше голема брилијантна тетоважа: отпор. Херој во чии очи имаше премногу непогрешливи значења на продлабочена љубов, лојалност, надеж, жртвување, вистина и храброст. Виторио има направено за Палестинците во Газа и Западниот брег повеќе од тие што го убија.

[…] Виторио е човек кој ја сакаше Газа, ја сакаше земјата на Газа, нејзиното море и нејзиното небо. Две работи очигледно Виторио сакаше да ги прави: да го вее палестинското знаме и да пее “Onadikum” (Те повикувам!). Виторио пееше “Onadikum” со цело срце, повторно и повторно. Го истураше своето срце додека го пееше тоа. Тоа е веројатно единственато нешто кое што тој можеше флуентно да го изговори на арапски.

Сега кога се пресели во нашите срца, ќе бидеме посилни и пожестоки во борбата против окупацијата, понижувањето и неправдата. Виторио. Таква инспирација за сите нас. Не научи дека животот не е вреден да се живее ако не сме спремни да се бориме против неправдата, тоа е тоа што дава значење, тоа е тоа што прави да биде се убаво. Сега, зајакнати со „сеќавањето за тебе“, ќе ја продолжиме борбата заеднички.

Назек Абуракма исто така се сеќава на него, таа пишува [арапски]:

لا أعلم بصدق كيف أسطر ما أريده ، صباح يلتف بالدموع والاستياء ، استيقظت على خبر مقتل أحد المتضامنين الأجانب في مدينة غزة ، عرفته عن قرب باسم “فكتور ” في كل مرة كنت أراه فيه كنت ألاحظ شعلة الحب لفلسطين في عيونه والعلم الفلسطيني كان وشاحا ورفيقا لكل خطوة يحركها على تراب الأرض المحتلة ..
[…] ” فيكتور ” كان متحمسا وكان يلوح بيديه بعلامة النصر دائما ، والآن نلوح ورود الوداع على جثمانه ، ودموع العزاء لن تجف على جسده ، سيبقى حيا في ذهن كل حر كل فلسطيني كل انسان يتناصف أنفاس الحرية مع الآخر ، قتل “فكتور ” لكننا لن نغفر لمن قتلوه وستبقى دمائه معلقه في زاوية الآثام يتيمة حتى يعاقب من اقترف تلك الجريمة !..
لن ننساك ، ولن أنساك أبدا وستبقى فلسطين كهفا يلجأ اليه الأحرار على ترابها وان شطرت عروقنا عليها ، فحامل الرسالة اي كانت جنسيته ، ديانته يبقى مخلدا في التاريخ روحه وجسده لا يموتان ، رحمك الله يا صديق القضية والانسانية

Навистина незнам како да го напишам тоа што сакам. Утрото беше завиено во солзи и запрепастеност: се разбудив со веста за убиството на еден од странските активисти. Го познавав како „Виктор”; со секоја средба, го забележував пламенот на љубовта за Палестина во неговите очи и палестинското знаме како придружник на секој негов чекор на тлото на окупираната земја…

[…] Виктор беше страствен, секогаш покажуваше знак за победа, а сега ние ставаме цвеќе за збогување над неговиот труп. Солзите на оплакувањето нема да се исушат на неговото тело, ќе останат живи во мислите на секоја слободна личност, секој Палестинец, секој човек кој што го дели здивот на слободата со другиот. Виктор беше убиен, но ние нема да им простиме на оние кои го убија; неговата крв ќе остане на ѕидот на гревовите се додека тие кои го сторија ова злосторство не се казнат!

Лина од Во живо од Газа пишува:

Виторио Аригони беше многу препознатлив лик во Газа. Лично не го познавав, но дознав за неговата храброст од документарецот “Да се пука во слон”. Виторио беше еден од активистите кои останаа во текот на операцијата “Cast Lead”. Тој беше еден од гласовите кои што му соопштуваа на светот за бруталноста на израелската инвазија.

Тага и гнев остануваат после убиството на италијанскиот активист. Оние кои ја преземаа одговорноста за киднапирањето и убиството на Виторио се нарекуваат себеси Палестинци и муслимани. Но, исламот ги мие рацете од овој брутален чин. Покрај тоа, интернационалните активисти кои ја посетуваат Газа секогаш ја чувствувале топлината на палестинската гостопримливост. Ова нема никогаш да се промени, единствената закана која што Палестинците и овие активисти ја имаат е заканата од израелска окупација.

Vittorio Arrigoni holding a Palestinian flag

Виторио Аригони го вее палестинското знаме (слика од профил на Фејсбук)

Исто така во Газа, Омар Граеб известува како веста за киднапирањето и убиството се разоткри и завршува:

Виторио беше Италијанец по раѓање, но неговата посветеност на Палестина и Газа го направија да биде Палестинец како и секој друг Палестинец, тој многупати доаѓаше во Газа и живееше тука. Безброј пати го доведе својот живот во опасност додека работеше како волонтер на ИСМ (Интернационално движење за солидарност) во Газа, кога се обидуваше да ги заштити фармерите и рибарите во протестите во тампон зоната.
Виторио значеше многу за Палестинците, жителите на Газа и неговите пријатели секаде низ светот. Тој е огромна загуба за сите нас, нека почива во мир.

Ева Бартлет работеше со Аригони во Газа:

Првпат слушнав за Вик пред пристигнувањето во Газа. Вик само што беше повреден од ИОФ [Израелските сили за окупација/Израелските одбранбени сили] во напад од воден топ кој што ги скрши стаклата на рибарскиот брод кој што тој го придружувал. Вик имаше повреди од скршеното стакло. […] Беше донесен од Газа, накратко, од морнарицата на ИОФ, кога во ноември 2008 од палестинските води киднапираа 15 палестински рибари и 3 активисти кои ги придружуваа, вклучувајќи го Вик. Во времето на неговото киднапирање, бил подложен на електрични шокови, се додека не им побегнал на киднаперите скокајќи во ладните води на Газа.

Повторно се врати во Газа, преку Слободна Газа, пред Израел да ја започне војната. Продолжи да пишува и да известува од затворениот, бомбардиран Појас (Газа).

Остани човек, секогаш велеше. Тоа беше и насловот на неговата книга за израелскиот масакр во Газа во 2008-2009. Остани човек. […] Во текот на израелската војна во Газа, ние сите работевме заедно, возејќи до болниците, документирајќи ги мачените и повредените, од кои огромно мнозинство (преку 83%) цивили. Вик беше секогаш на телефон, неговите изјави ги примаа италијанските медиуми и ги печатеа за јавноста да види. […] Беше таму за да се шегува со нас, да не советува, да пуши shisha покрај морето… Ја пишуваше вистината, ја говореше вистината, остана човек.

Друг активист, Кен О'Киф, го направи ова видео од прес конференцијата на која беше објавена смртта на Аригони.

Џеф Халпер од Israeli Committee Against House Demolitions го познаваше добро:

Вик беше навистина личност поголема од животот. Беше толку полн со енергија, мешавина од радост, другарство и нетрпеливост кон ограничувањата на чамците и затворите во Газа, што тој одеднаш ќе те кренеше во воздух или ќе се бореше со тебе – беше голем, силен, згоден човек, темпераментен и насмеан и во најопасните ситуациии – како да сака да ти каже: Yalla! Овие израелски воени бродови кои пукаат на нас и на палестинските рибари, но не можат да бидат посилни од нашата солидарност, решителност и праведноста на нашата кауза! (Вик беше ранет при една од тие конфронтации). Ќе дојдеше позади тебе и ќе речеше: Окупацијата ќе падне токму вака! (и ќе те собори на земја, смеејќи се и играјќи си со тебе).
Вик, кој исто како мене доби палестинско државјанство и пасош кога ја скршивме опсадата на Газа и отпловивме кон пристаништето на Газа во август, 2008 година, беше пример за миротворец. […] Вик работеше на Западниот брег како и во Газа, и беше заробуван три пати пред да биде протеран од Израел. Но, неговата мировна работа не беше само во форма на активизам. Вик беше мајстор на комуникацијата – физичка, вербална, пишана (неговиот блог, Guerrilla Radio, беше еден од најпопуларните во Италија) – и ги спојуваше личното искуство, репортажата и анализата без особен напор.

Вик беше она што го нарекуваме „сведок”: некој кој што себеси физички се ставил на страна на потчинетите и ги дели со нив нивните победи, трагедии, страдања и надежи. А сепак беше некој кој преку своите акции се обидува да предизвика темелна промена. […] Ќе ми недостасуваш, човеку. Но, секогаш кога ќе се почувствувам уморен или обесхрабрен, ќе почувствувам дека ме подигаш над твојата глава со твојата огромна насмевка, заканувајќи се дека ќе ме фрлиш во морето само ако се колебам да се впуштам во борба. Беше и ќе бидеш земска сила во борбата против неправдата.

Придонесувачот за Global Voices, Астерис Масурас, ги агрегираше твитовите за овие вести на Storify кои може да ги најдете тука.

За време на војната во Газа во 2008/9 година, Global Voices преведуваше и опширно цитираше од блог постовите на Виторио Аригони. За да ги прочитате, кликнете тука.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.