Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Сакура – јапонски фестивал на цветање на црешите во Скопје

Иако бројот на етнички Јапонци кои живеат во Република Македонија е многу мал, голем број нејзини жители учествуваат во втората годишна прослава на Сакура [ENG]- јапонскиот фестивал на цветање на црешите во нејзиниот главен град Скопје. Главен организатор на фестивалот беше клубот за боречки вештини Самурај доџо [ENG]. Неколку истакнати локални блогери, кои неодамна основаа и колаборативен блог Japan@Mk поттикнаа ширење на веста низ македонската блогосфера.

Фестивалот се одржа на 12 април на улицата „Максим Горки“ во центарот на Скопје, на која се засадени јапонски цреши. Програмата се состоеше од презентации на разновидни боречки вештини, рецитирање на хаику на македонски јазик, придружено со јапонска флејта, правење оригами, пишување на имиња на присутните со јапонско писмо и дегустација на здрава храна направена од јапонска габа комбуха.

Благодарение на социјалното вмрежување во рамките на заедницата, десетици блогери го прифатија настанот како свој и како прилика за дружење. Некои од нив беа дојдени и од други градови. Меѓу другите, Би, Волан, Струмјан и neW1 потоа објавија фотогалерии, додека други преку постови го искажаа своето задоволство. Надежна и HibernusCorvus објавија постови зошто не стигнале да учествуваат.

Sakura in Skopje
Членови на Самурај доџо. Фото: Волан.

Би, еден од организаторите и иаидока, опиша и неколку инсајдерски искуства:

Оригамите беа исто доста успешни, а се изработуваа на три маси… [за самурајски капи, разнобојни жерави, и мачиња]. Децата беа многу радосни, а многу од нив ги носеа своите самурајски капи за да им се напише името на јапонски кај Нахоми [младата дама од Јапонија која работеше калиграфија].

Нахоми па, ги доживеа Македонците во полно светло, не ја оставија да дише. Се туркаа околу неа и и бутаа ливчиња под нос за да им ги пише имињата на јапонски а не знаеа да направат никаков ред (како и секогаш), а башка што и го бутнаа и мастилото за калиграфија. Таа беше збунета како тоа луѓето тука не знаат да застанат во линија, но поради својата воспитаност не знаеше никого да одбие…

Хаикуто иако беше многу супер и тројцата гости прочитаа доста песни и од старите мајстори како Башо, а и од наши поети кои се покажале во оваа поезија, нашата публика беше глува. Некои почнаа да си заминуваат или да коментираат како станало досадно.

[…] На неколку иаидоки (луѓе кои тренираат иаидо) им се случи да имаат непријатно искуство со публиката во однос на нивните мечеви (катаните).
Некои без да прашаат ги земале мечевите ги гледале и отварале, а на една девојка и се случило некој да проба да и го тргне од рака бокенот (дрвен меч за вежбање). […]

Како и да е, се надевам идната година ќе биде уште поинтересно и поубаво, ќе има повеќе случувања, а градот ќе помогне со повеќе отколку само со простор, а конзулатот со повеќе отколку само со поддршка. А ние и вака супер си поминавме, па дури и со нашиот невоспитан и некултурен народ 🙂

[…]

1 коментар

  • Иако ти касни постов – никојпат не е касно да се каже дека имавме прекрасна можност да се запознаеме со дел од јапонската култура и традиција …

    поздрав.

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.