Стареењето на општеството и исцрпувањето на демографскиот удел беа дискутирани за време на Националниот народен конгрес и Политичката консултативна конференција на кинескиот народ, која се одржа помеѓу 3 и 14 март, каде многумина побараа да се преиспита директивата за едно дете.
Џанг Јин, најбогатата жена во Кина и членка на Консултативната конференција, повика на „постепено ослободување” од триесетгодишната политика, предлагајќи воведување на пробен период од три до пет години за да им овозможи на неколкумина да имаат второ дете, пред тоа право да го добие нацијата како целина.
Во интервју за Southern Weekend, Јин објасни дека е само една од многуте луѓе загрижени за ниската стапка на наталитет во Кина и следственото стареење на општеството.
Во отвореното писмо објавено од Централниот комитет на Комунистичката партија во септември 1980 година, директивата за едно дете беше предложена за да се ублажи демографската тензија предизвикана од многуте раѓања. Во писмото е наведено дека по три децении контрола на планирање на семејството од страна на државата „може да се усвои поинаква демографска политика.”
Сега кога на периодот од триесет години му доаѓа крајот, иднината на планирање на семејството стана тема на дебата. Иако во Кина постои долга традиција на многудетни семејства, во блогосферата се читаат спротивставени мислења во врска со можното воведување на „политиката за две деца.”
Блогерот Јоу Син смета дека политиката за едно дете е неопходна за долгорочен раст и за зачувување на ресурсите.
Планирањето на семејството е клучна политика во мојата земја. И во иднина ќе продолжи да се применува строгата контрола на популацијата. Соочени со огромен недостиг на ресурси, само со контрола во соодветен размер, може да се спречи сериозен недостиг на ресурси по глава на жител. Само на овој начин може да се подобри квалитетот на животот на луѓето.
Јоу Син вели: Кинескиот демографски удел, најголемата група на работоспособните луѓе во светот, која работи како главен мотор на индустриското производство на земјата, не придонесе да се развијат соодветни работни позиции за дипломираните студенти.
Зошто студентите не можат да најдат работа? Сигурно не затоа што нема работа, туку затоа што не можат да најдат соодветна работа. Студентите, како интелектуалци, секако не се заинтересирани да работат како работници … Со прогресивниот развој на економијата [кинески] може да се следи примерот на развиените земји и пренос на производствените активности во големи размери во посиромашните земји.
Блогерот Grassroots Public Servant не се согласува, вели дека порастот на производствената работната сила е од суштинско значење за иднината на Кина и можеби ќе влијае на предвремено воведување на политиката за две деца.
Ако кинеската економија закрепне релативно брзо со значително зголемување на побарувачката на работната рака, повеќе отколку во изминатиот период, тогаш тоа би можело да ја забрза смената на националната политика за две деца. Големо ограничување за идниот развој на Кина секако ќе биде работната сила, особено недостиг во снабдувањето со нискоквалификувани работници.
Блогерот Ван Ју, која се нарекува офицер за планирање на семејството, објаснува како политиката за единствено дете била применета за решавање на економските предизвици од Културната Револуција, која завршила во 1976 година, оставајќи голема невработеност во земјата. Таа вели дека политиката била насочена кон одредена генерација граѓани и треба да се преиспита.
Влошувањето на односите во традиционалното семејство е само еден од многуте проблеми кои Ван Ју ги предвидува со продолжувањето на политиката за едно дете.
Еднаш во една музичка продавница слушнав една детска песничка која одеше вака: „Братот на татко ми е мојот вујко. Сестрата на мајка ми, ми е тетка …Кога ја слушнав за првпат, беше вистина неверојатно и не можев да се воздржам, воздивнував. Ако продолжи политиката на генерации со само едно дете, традиционалните семејните односи ќе стане историски артефакт. Децата ќе ги препознаваат овие именки само од детските песнички. Нивните социјални односи ќе станат различни од нашите.
Блогерот Шуи Љан не се согласува со идејата дека „политиката за две деца” трајно ќе ги реши демографските проблеми на Кина и вели дека поголемата стапка на раѓање само ќе го потхрани проблемот на пренаселеност, ендемичен во минатото.
Ако политика за две деца стане реалност и имаме повеќе деца кои ќе се грижат за старите лица, тогаш кој ќе се грижи за нив кога тие ќе остарат? Ова не само што вештачки ќе ги зголеми трошоците за грижата за старите лица, но исто така, ќе бидат на товар на семејствата. Тоа е апсолутно контрадикторна логика.
Резултатите од шестото национално истражување цели кон можноста за олеснување на политиката за планирање на семејството. Southern Weekend известува дека условите кои некогаш биле дефинирани како „демографски притисок“ сега се нарекува „предност во рамките на човечките ресурси“. Она што некогаш беше „контрола на популацијата” сега е „демографска промена”, се вели во статијата.