Три бебиња умреа од морбили во Македонија. Дали е одговорна пропагандата против вакцинирањето?

Вакцинацијата против сипаници во Македонија е во драстичен пад во последните години, период кој коинцидира со пропаганда против вакцинирањето од страна медиумите поврзани со поранешниот десничарски режим кој беше на власт до 2017 г. Илустрација од @reflektor_mk, употребена со дозвола.

Три бебиња загинаа од епидемијата на морбили, која во Македонија започна во декември 2018 година, зголемувајќи ги стравувањата дека таа е резултат на долгогодишната пропаганда против вакцинирањето промовирана од десничарските популисти.

Според Светската здравствена организација (СЗО), нивото на вакцинирање против сипаници во Македонија бележи драстичен пад во претходните пет години и сега е меѓу најниските во Европа. СЗО го има прогласено „колебањето за вакцинација“ за глобална закана за здравјето во 2019 година.

Помеѓу три и десет лица дневно се дијагностицираат со морбили во Македонија и над 259 лица се евидентирани како заболени досега, објави Институтот за јавно здравје, главната национална здравствена институција.

Институтот исто така посочи дека повеќе од половина од регистрираните случаи се деца на возраст под четири години, додека, пак, секоја петта жртва е постара од 30 години.

Според СЗО, Македонија е на дното на Европа во поглед на вакцинација против сипаници. Илустрација од @reflektor_mk, употребена со дозвола.

Околу 70 проценти од заболените или не биле вакцинирани, или не биле ревакцинирани, или пак не се знае дали воопшто биле вакцинирани.

„Болеста може да се спречи единствено со вакцинација. Апелираме уште еднаш до сите родители најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината која заштитува од ова сериозно заболување. Вакцините се со проверен и гарантиран квалитет“ гласеше изјавата од Министерството за здравство дадена на 11 јануари.

Во текот на раните фази на тековната епидемија, Министерството за здравство објави дека само во Скопје има 15.000 деца кои не се вакцинирани против морбили. Владата потоа започна кампања за вакцинирање која доведе до вакцинирање на 8.434 луѓе, од кои 5.900 во Скопје, но тоа не беше доволно да се запре епидемијата.

Во меѓувреме, прогресивни медиуми и граѓански организации обрнаа внимание на проблемот со дезинфорирањето, додека, пак, граѓаните ги корисат друштвените мрежи како средство за конфронтирање со застапниците за прекин на вакцинирањето (таканаречените „антиваксери“ или „антивакцинатори“).

Скандалот со фармацевтска компанија која наводно ставила погрешни датуми на декларациите увезени во Македонија, против која беше покрената истрага, дополнително ги засили позициите на противниците на вакцинирањето.

Тензиите пораснаа откако беше објавена веста за првата смрт на бебе. Некои граѓани го покренаа прашањето за кривична одговорност на оние кои ја шират пропагандата против вакцинирањето.

Движењето против вакцинирањето во Македонија

Македонските противници на вакцинирањето ги повторуваат лажните тврдења на сличните движења од светот, кои тврдат дека вакцините предизвикуваат аутизам или други нарушувања.

Понекогаш, тие исто така тврдат дека вакцините кои се нудат во Македонија се неквалитетни и со тоа или неефективни или штетни. Многу родители се решиле да ги имунизираат децата во странство, на пример во Грција, каде што сметаат дека квалитетот на вакцините е подобар.

Пријавени случаи на мали сипаници (морбили) во Европа.Илустрација од @reflektor_mk, употребена со дозвола.

Откако во 2008 година државата не успеа да влезе во НАТО, медиумите под директна контрола на десничарскиот режим на Никола Груевски почнаа преку нивните канали да промовираат низа популистички теми.

Почнувајќи од 2013 година, оваа практика започна со оставање поголем медиумски простор на антиваксерите. На пример, тогаш провладината национална ТВ „Сител“, имаше направено неколку интервјуа во живо со озлогласената противничка на вакцинирањето од Србија, Слаѓана Велков, во нивната емисија „Јади бурек“, каде редовно ја претставуваа како „експерт за здравствени прашања“.

Присуството на ликови кои промовираат „алтернативна медицина“ стана толку често на телевизиите на национално ниво што во 2014 година Лекарската комора на Македонија упати јавно барање до државата да преземе „конкретни мерки против“:

Медицинско преставување на лица кои даваат совети од областа на медицината и алтернативната медицина, а немаат соодветна диплома ниту соодветна лиценца за работа – на пример Слаѓана Велков на телевизија го коментира квалитетот и валидноста на вакцините, ТВ емисии во кои некомпетентни лица со билки лекуваат секакви болести, капки и раствори се рекламираат на сите телевизии, но не смее да ги препорачува доктор, самоуки нутриционисти препорачуваат рецепти за долг и здрав живот.

Кадар од екранот на кој се гледаат резултати од пребарување на архивата на весникот „Вечер“, со написи за српската антиваксерка Слаѓана Велков, во кои пишува и дека е обвинета за како шарлатан во 2015 г., а потоа ја претставуваат како медицински експерт во 2018 г. Насловот на најновиот напис е „Слаѓана Велков: Вакцините можат да бидат смртоносни!“

Во меѓувреме, во декември 2015 година, Слаѓана Велков била тужена за претставување како лекар во Србија откако наводно нудела белило како лек за деца. Таа се преселила во Македонија каде што сега живее. И во 2018 година, медиумите поврзани со претходната владеачка партија продолжија да ги презентираат нејзините теории на заговор како вистинити, без оградување или новинарска проверка.

Во август 2018 година, истражувачите од Универзитетот Џорџ Вашингтон открија дека 93 проценти од пораките за вакцинирањето објавени на Твитер меѓу 2014 и 2017 година биле од профили идентификувани како промотори на злонамерни дезинформации, меѓу кои и „руски тролови“.

Според тоа истражување, кое опфатило над 1.8 милиони твитови, „руските тролови и софистицирани ботови промовираат наративи кои се и за и против вакцинирањето“ со што креираат „лажна еквивалентност со што се намалува јавниот консензус за вакцинирањето“ и се намалува довербата во институциите.

Сегашната македонска влада вети дека ќе го подобри квалитетот на живот во Македонија, преку спроведување демократски реформи.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.