Македонија: Блогерите дискутираат за Самитот на НАТО и Грција

Попречувањето на поканата за влез во НАТО на Македонија од страна на Грција беше главна тема во македонската блогосфера минатата недела. Следи преглед на неколку типични првични реакции околу веста.

Неколку дена пред Самитот, Филип Петровски ја опиша атмосферата во земјата:

Неверојатна е тензијата којашто деновиве лебди во воздух. Претстојниот самит на НАТО во Букурешт во целиот регион создаде една тешка атмосфера на исчекување. Апсолутна непознатост е што ќе се случи навистина на крајот. Разврската и нејзиното очекување веќе се дел од нашите животи, најобични дискусии… Деновиве присуствував на расправија меѓу двајца пријатели кои имаа поделени мислења околу нашиот можен став по последниот предлог на медијаторот Нимиц. Инаку, овие двајца никогаш ги немав видено да бидат нервозни, агресивни или нетолерантни по прашања од областа на политиката и историјата во меѓусебните дискусии. Но, овој пат не беше така. Еден од нив, едноставно, стана и си замина, не отстапувајќи од неговите ставови.

Откако на 2 април дознаа дека Грција ќе го спречи НАТО да постигне консензус за покана на нови членки, десетици македонски блогери реагираа со гневни постови.

Некои ја поставуваа сликата на тековното македонско знаме на нивните сајтови, додека другите го употребуваа знамето кое се користеше од 1992 до 1995, со Сонцето од Вергина, кое не се користи официјално поради противење на Грција. Многумина, како блогот Toast Government изнесоа мислење е дека крајната цел на Грција е комплетна негација на македонскиот идентитет и исчезнување на нацијата. Заедно со честитки до Хрватска и Албанија, многу брзо се појавија и инстант-анализи, со препораки до народот за обединување, како за наредни владини чекори.

Веќе наредниот ден почнаа да се појавуваат и пооптимистички постови, често со вметнати клипови со македонски песни. На пример, еден блогер порача дека не е „крај на светот“:

Некое лудило и хистерија ги фатило на луѓево од сабајле. Влегуваат излегуваат од канцеларијава моја и само слушам лелекања, офкања, НАТО (ех мори нато, колешке), ВЕТО, Мето…

Блогерајов сега за сега се држи ама гледам попушта . Шо ќе сме правеле, де младината жална, де незнам шо . Аман бре луѓе па вака не се уплашивте војната ко почна у 2001. Ај, шо да правиме да кукаме и да го чекаме судниот ден. Како што гледам сонцето пак изгреа, куќата пак е таму каде што беше вчера, фабриката исто, а и работата пак ме чека!!!

Зорив иронично укажа и на грчките обиди да го монополизираат светското историско наследство, бидејќи вистинскиот наследник на Александар Македонски не би искажувал страв дека „неговата земја ќе биде нападната и заземан од петпати помала нација од него“.

Блогерите кои промовираат принципиелен пацифизам, како Анти и Би, повторно го искажаа својот став за неучество во воени сојузи, кој го имаа објавено и порано со барања Македонија да не зема учество во војните во Ирак и Авганистан.

Калина реагираше на новата форма на скептицизам кон интеграцијата во НАТО и ЕУ, укажувајќи дека во македонските медиуми после неуспехот на Самитот се појавиле многу неконзистентни аналитичари, кои никогаш порано не ја оспориле оваа долгогодишна стратешка определба, а сега зборуваат за откажување од обидите за зачленување.

Експертите за човекови права, Мирјана Најчевска и Жарко Трајаноски, побараа отчет од страна на Владата, која не успеала во завршување на преземената обврска за внесување на РМ во НАТО – особено со предупредувања да не се користи огромната опструктивна моќ на Грција како изговор за сите македонски неуспеси.

Баждарџијата упати критики до македонските новинари кои во знак на протест ја напуштиле конференцијата за медиуми на грчката министерка во Букурешт:

Го слушам ова и не можам да и се изначудам на горделивата глупавост. Наместо да останат на пресот и да бомбардираат со прашања со кои ќе се разгологази до крај грчката фашистичка политика, тие решиле да си заминат. Дури и не се кажа дека бучно заминале, направиле нешто со што ќе го свртат вниманието, туку само дека им го свртиле грбот. На ваквото заминување Дора сигурно во памет искрено им се заблагодарила.

Во наредните денови, свесни за потребата од комуникација со светот, сè повеќе македонски блогери почнаа да објавуваат и на англиски јазик.

ВББ преку историски примери укажува на неодржливоста на грчките аргументи:

Постои еден остров наречен Ирска. Поради историски причини слични на оние опишани погоре, оваа географска област била поделена помеѓу Република Ирска (независна држава како Република Македонија) и Северна Ирска, составен дел на друга држава – Обединетото кралство (слично како грчката провинција Македонија). Британската круна во минатото спроведувала репресалии во своите ирски територии, меѓу кои и колонизација на нејзе лојални елементи од Велика Британија. Во основа приказната е иста како со Грција. Но, има една разлика, дека денес Велика Британија не бара Република Ирска да си го смени уставното име.

Земајќи го предвид влијанието на политиката врз секојдневниот живот во Македонија, веројатно интеграцијата во НАТО ќе остане една од најгорливите политички теми за македонските блогери и во блиска иднина.

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.