Некогаш омиленото списание за млади „Политикин Забавник“ обвинето за афирмација на српските нацисти

Насловната страница на изданието на Политикин забавик од 18 јануари 2019 година и скен на контроверзниот напис насловен „Кој биле љотиќевците“, заедно со одговорот на твитерџијата @lukazb: „Фашисти“.

Дел од српската јавност изрази запрепастеност откако популарниот белградски неделник „Политикин забавник“ објави напис за кој многумина од неговите читатели сметаа дека ги игнорира воените злосторства на локалните нацистички соработници.

Написот објавен на 18 јануари под наслов „Кој биле љотиќевците“ го претставува Српскиот доброволен корпус, локални соработници на нацистичките окупатори во текот на Втората светска војна, во прилично позитивно светло.

„Политикин забавник“ е наменет „за сите на возраст од 7 до 107 години“ и генерално се смета за магазин за целото семејство. Основан во 1939 година, тој имаше култен статус низ цела Југославија како врвен израз на висококвалитена едукација низ забава, обезбедувајќи енциклопедиска мешавина на општи знаења, занимливости, кратки раскази, написи за историја, патувања и музиката, при што околу половина од страниците беа посветени на висококвалитетни стрипови.

Професионалните новинари и читателите ја осудија постапката, сметајќи ја за предавство на космополитските и прогресивни вредности на кои беше изградено списанието. Тие го сметаа написот за финален акт на понизност пред десничарската популистичка влада на Србија, која има практика на рехабилитација на соработниците на нацистите од Втората светска војна.

Меѓу 1941 и 1945 година нацистичките окупатори и нивните домашни соработници имаат убиено над 140.000 луѓе во Србија, меѓу кои се жртвите на геноцид, како над 20.000 Евреи  и меѓу 12 и 20.000 Роми.

На 20 јануари Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Независното друштво на новинари на Војводина (НДНВ) го осудија спорниот напис како „најбедна од сите можни медиумски манипулации – манипулација со најмладите читатели“. Тие посочија дека списанието шири „морничави пофални слова“ за Димитрије Љотиќ, учесник во Холокаустот, при што ја дезинформира јавноста дека тој „го осудувал погромот на Евреите“.

Istorijski revizionizam odavno je postao deo naše svakodnevice, a fašističke, nacističke i druge kvislinške i kolaboracionističke snage se na sve načine trude da falsifikuju istoriju.

Историскиот ревизионизам одамна стана дел од нашето секојдневие, а фашистичките, нацистичките и другите квислиншки и колаборационистички сили на сите начини се трудат да ја фалсификуваат историјата.

Дел од корисниците на социјалните медиуми реагираа со објавување документарни докази од тој период:

Еве, на оваа фотографија се гледа како помагаат на Ромите. Љотиќевците ги водат на стрелање.

На 21 јануари Еврејската општина од Белград објави отворено писмо до уредникот на „Политикин забавник“, изразувајќи ја својата збунетост и укажувајќи на факти за Втората светска војна.

Dimitrije Ljotić JE BIO lokalni nacista i organizovao je vojsku, Srpski dobrovoljački korpus (nem: Serbischer SS-Freiwilligen Korps) koja je bila u službi Vermahta.

Ideologija ovog korpusa je bila identična nacističkoj: istrebljenje Jevreja, komunista i zapadnjačkog kapitalizma. Korpus je bio zloglasan po zločinima nad stanovništvom, posebno Jevrejima i Romima, partizanskim ustanicima i pripadnicima pokreta otpora. Ljotićeve jedinice su učestvovale u streljanju đaka u Kragujevcu u oktobru 1941. Dan nakon ovog masakra u organizaciji ZBOR otvorena je najveća antisemitska izložba u Beogradu tzv. “Antimasonska izložba” koja je bila usmerena ka “razotkrivanju judeokomunističke zavere” a u proljotićevskim novinama su se pojavile reči “Srbi ne bi trebalo da čekaju Nemce da počnu istrebljenje Jevreja”.

Димитрије Љотиќ БИЛ локален нацист и организирал војска, Српскиот доброволен корпус (Serbischer SS-Freiwilligen Korps на германски) која била во служба на Вермахтот.

Идеологијата на овој корпус била идентична со нацистичката: истребување на Евреите, комунистите и западниот капитализам. Корпусот бил познат по злосторства против населението, особено над Евреите и Ромите, партизаните и припадниците на движењето на отпорот. Љотиќевите единици учествувале во стрелањето на учениците во Крагуевац во октомври 1941 година. Еден ден по овој масакр, во организација на ЗБОР во Белград била отворена најголемата антисемитска изложба во градот, наречена „Антимасонска изложба“ чија цел била „разоткривање на јудео-комунистичкиот заговор“, додека во про-љотиќевските весници се појавиле зборовите „Србите не би требало да чекаат на Германците за да почнат со истребувањето на Евреите“.

Зошто „Политикин забавник“ им е важен на толку многу луѓе?

За разлика од земјите на поранешниот Советски Блок, издаваштвото во независна социјалистичка Југославија имаше повисоко ниво на слобода, а голем дел од своите содржини ги увезуваше од Западните земји. До седумдесеттите години на XX век, издавачите на списанија кои опфаќаа најразновидни теми од општ интерес, како и стрипови, пишувани романи, музика, па дури и еротика/порнографија имаа постигнато завидно ниво на комерцијална самоодржливост преку задоволување на потребите на средната класа.

Во неговите „златни години“ во седумдесеттите и осумдесеттите години, тиражот на „Политикин забавник“ надминувал 300.000. Неговата уредувачка политика се засновала на мисија чии цели биле градење „културна инфраструктура“, „развој на етичките вредности“ и негување на интегративниот југословенски патриотизам.

Списанието беше публикувано во кирилична (српска) и латинична (хрватска) верзија, како и на словенечки јазик. Написите за  историја ги промовираа антифашистички вредности на Народноослободителната борба, како и културното наследство на сите народи кои ја сочинуваа федерацијата.

По распадот на Југославиа во деведесеттите години, повеќето српски медии се повинуваа на националистичките идеологии на власта на Слободан Милошевиќ. Со тек на времето и „Политикин забавник“ се адаптираше на оваа нова пазарна реалност преку обработка на повеќе теми поврзани со потесната српска историја и традиции.

Низ годините, странски набљудувачи имаат предупредувано дека ова списание сè повеќе промовира национализам и екстремни десничарски вредности, но тоа имаше мал одек кај српската јавност до тековниов скандал:

Вака „Политикин забавник“ илустрира сторија за семејство во Израел! „Јуришник“?

Овој пат, голем број корисници на социјалните медиуми изразија огорченост, меѓу кои и сценаристот на телевизиски емисии Бане Раичевиќ:

Во недела насабајле ќе отидев во продавница, ќе си купев „јетрена“ паштета од Карнекс и Кока кола. По пат за дома ќе си купев „Политикин забавник“. Кога ќе стигнев дома, седнував во кујната, си јадев леб и паштета и Кока кола и си читав „Политикин забавник“. Така ми беше кеиф. Тоа се моите осумдесетти. Е тоа успеавте да ми го испоганите, стоко смрдлива.

Еден друг твитерџија твитна слика со познатото лого на весникот на кое е Пајо Паторот како колпортер, заменет со верзија на Пајо од цртаниот филм „Лицето на фирерот“, за кој Дизни има добиено Оскар:

И така се зафркна „Политикин забавник“…

Извинување… и нов напис

Следното издание на „Политикин забавник“, објавено на 26 јануари, објави напис насловен „Кој навистина  биле љотиќевците“, заедно со вовед кој беше објавен на официјалната страница на списанието на Фејсбук:

„Политикин Забавник” није желео да релативизује улогу злочиначких јединица организације „Збор”, као ни Димитрија Љотића, и њихових недела током Другог светског рата!

Извињавамо се свима који су наш текст тако схватили, а посебно јеврејској и ромској заједници!

„Политикин забавник“ не сакаше да ја релативизира улогата на злосторничките единици на организацијата „Збор“, како ни улогата на Димитрије Љотиќ и неговите недела во текот на Втората светска војна!

Се извинуваме на сите што така го сфатиле нашиот текст, а особено на еврејската и ромската заедница!

Оваа нова верзија содржи повеќе факти за фашистичката природа на љотиќевото движење и дури ја содржеше и фотографијата која покажува како неговите членови водат Роми на стрелање, која претходно беше споделувана на Твитер.

koristi priliku za rehabilitaciju drugih domaćih izdajnika i saradnika okupatora, ovaj put četnika, i za blaćenje partizana i komunista, odnosno “za promociju anti-antifašizma”.

НУНС и НДНВ повторно реагираа, истакнувајќи дека додека новиот напис ги осудува љотиќевите, тој истовремено користи прилика да рехабилитира други домашни предавници и соработници на окупаторот, овој пат четниците, како и за дека ја користи приликата за оцрнување на партизаните и комунистите, односно „за промоција на анти-антифашизмот“.

Скандалот со „Политикин забавник“ ја разоткрива длабоката поларизација во српското општество, која е резултат од користењето на национализмот како алатка да се експлоатираат поделбите помеѓу либералните граѓани и нивните сограѓани кои се убедени дека етничкиот идентитет како клучен фактор при одлучување дали некој заслужува пофалба или осуда.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.