Првата бразилска интернет радио станица водена од домородно население ги користи дигиталните медиуми за промоција на домородните јазици и заедници

Продуценти на „Радио Јанде“ во Парати, Рио де Жанеиро. Фотографија од официјалната страница на Фејсбук на „Радио Јанде“, објавена со дозвола.

„Радио Јанде“ го комбинира силното чувство за заедницата со дигиталните медиуми за да ги изнесе бразилските домородни култури во прв план.

Радио станицата, која започна да ја емитува својата програма во 2013 година, е првиот радиодифузер во земјата од овој вид: создаден од домородното население за домородното население, со намера да користи технологија за да ги сруши стереотипите и погрешните претстави за староседелските заедници кои произлегуваат од секојдневните наративи во медиумите.

Според податоците од новинската агенција „Агенсиа Бразил“, над 150 домородни јазици се зборуваат во Бразил, од кои тикуна, гуарани кајова и канганг се трите најшироко распространети јазици.

Овој проект зема широк пристап при покривањето на секојдневието и проблемите поврзани со бразилското домородно општество. Станицата емитува музика од домородни артисти, а програмата вклучува и вести, дебати, приказни, поезија и пораки кои доаѓаат директно од самите заедници.

„Радио Јанде“ е присутно на сите платформи: на својата веб-страница, останете во тек последните новости преку Фејсбук, а можете дури и да ја симнете мобилната апликација со која имате целосен пристап до содржините на радиото.

Иако канцелариите се наоѓаат во Рио де Жанеиро, обемот на работа на радио станицата го покрива цел Бразил. Во ова видео од Јутјуб на пример, „Радио Јанде“ интервјуира бајач од племето Десана од северниот град Манаус, при што дознава за неговите видувања за домородните перспективи за религијата, разликите меѓу традиционалната медицина и модерните медицински практики и важната улога на помладата генерација во зачувувањето на домородната култура:

Содржините на каналот на Јутјуб на радиото се главно на португалски со оглед на тоа што примарната цел на радио станицата е да ги едуцира масите за сѐ што е поврзано со домородците. Сепак, некои интервјуа се водени на домородни јазици а потоа се преведуваат од страна на новинарите во радиото. Тоа се гледа во видео подолу, во кое млад режисер од амазонското племе Кајапо зборува за неговите неодамнешни напори да произведе материјали кои ги истакнуваат и помагаат во зачувувањето на локалната култура и обичаи:   

Покрај соработката со мрежата на бразилски дописници со домородни корени, „Радио Јанде“ ги унапредува односите со иницијативите поттикнати од домородно население во странство: канадската мрежа „Индиан енд каубој“, „Радио Енкуентрос“ кое се фокусира на Латинска Америка и колумбиската станица „Информативо Дачи Бедеа“.          

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.