
Игор Бојаџиев, (@I999y). Фотографијата е добиена од Игор.
Игор Бојаџиев, познат на Твитер како Иџи (@i999y), служи како неофицијален хроничар на македонската Твитер-заедница.
Тој редовно објавува интервјуа со истакнати корисници на Твитер и избор на забавни твитови. Досега, има објавено 249 интервјуа и 197 избори на неговиот блог.
Со над 14 илјади следбеници на Твитер, Иџи е и самиот влијателен корисник на социјалните медиуми. На пример, неговиот твит за „зградите во форма на бродови“ креирани во речното корито како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“, има добиено над 625 ретвитови:
Скопјани ! Бродот може лесно да отплови! Треба само да ги пуштите казанчињата у исто време
— i999y (@i999y) January 16, 2013
За неговите интервјуа тој користи однапред определен формат кој овозможува неговите читатели да добијат портрет на субјектот преку мешавина на општи и специфични прашања. Решивме истиот формат да го употребиме и за ова интервју на Глобал војсис.
Глобал војсис: Име (ник, кој ти го стави)?
Игор Бојаџиев: Нешто морав да турам шо би рекол Штулич: „Док сам као мали дошао у град, морао сам себи дати надимак.“
И као требаше од Игор нешто да биде па испадна Иги Иџи Игац тој со деветките …
ГВ: Опишете се (макс 140 нели)?
ИБ: Тежок човек (на карактер). али испод е душа(памук) шо да ви кажуам. Знам да биам и врло забавен (чак што више на граница до Глупи Август).
ГВ: Зошто си на Твитер?
ИБ: Па… терапија, Здраво јас сум Игор и јас сум ….количар.
Не стварно, прекрасно е тука, со некои твитерџии и се запознав, се дружиме,најдов роднини тука,супер е,ептен
А терапија даааа, твитер ќе те насмее така добро (некои шо викат,упс мочнав)
ГВ: Шо преставува вашиот аватар? (sic)
ИБ: Дирекно сликање у фаца од страна на ќерка ми (со мобилен к750 далечната 2009).
ГВ: Кој ве донесе на твитер и дали ве за*ба со тоа? (sic)
ИБ: Балдската, паааа поприлично. Прво бев скептик, гледајќи ја како со телефон у рака се смее, сеа ја бетер сум.
ГВ: Ова ви е прв твит (ај да видиме, шо ќе твитните)? (sic)
ИБ: Здраво угнетени, обесправени, очајни, немажени, неженети, гладни…
ГВ: Каде сте родени?
ИБ: Неготино, и ваљда тука ќе си останам доколку не емигрирам.
ГВ: Каде би сакале да отидете на еден месец? А каде на меден?
ИБ: На еден што подалеку, медениот помина.
ГВ: Брак?
ИБ: Прекрасен, еве веќе 15 години. Резултат? Син и ќерка.
ГВ: Ако реинкарнирате во животно, кое би сакале да е?
ИБ: Тасманиски ѓавол.

Игор во близина на споменикот Илинден (Македониум) во Крушево.
Дополнителни прашања:
ГВ: Што те мотивира да ги интервјуираш твитерџиите? Што имаш ти од тоа?
ИБ: Јас немам ништо од сево ова, инаку се роди како идеја со @necovski и е обид за отворање на некои твитерџии. Прашалникот е начин да дознаеме повеќе за твитерџиите кои секој дневно ги сретнуваме на ТЛ. Низ низа на прашања ,обид да дознаеме што повеќе за нив.
ГВ: Три највечатливи (туѓи) твитови?
ИБ:Еве пет:
Жените што се као „Јас не готвам“ не се модерни, него неспособни!
— Tom is Love (@egodollaric) December 29, 2012
тие шо немаат твитер мислат дека ние тука пишуваме “лежам. се бањам. пеам. се чешам итн”, уствари поима немаат дека држава управаме.
— Проданов (@bprodanov) April 5, 2013
Мувата е најмакедонскиот инсект. Ем јаде лајна, ем трие раце у стилу ‘добро е, добро е!’
— G33x0n (@jocoska) June 27, 2013
Те имам на твитер. Те имам на фејсбук. Те имам на скајп. Те имам на вајбер. А те немам.
— Ljubiša (@Sulimanovic) January 21, 2014
-ШТО СМЕ НИЕ? -Пензионери! -ШТО САКАМЕ? -Бесплатни лекови за склероза! -КОГА ГИ САКАМЕ? -Што тоа? Кој сака? Кој е овој што се дере?
— Бени (@Shushmula) July 8, 2013
ГВ: На кој начин твитерџиите може да придонесат за позитивни општествени промени во Македонија?
ИБ: Досега имаше неколку примери каде од твитер тргнале некои акции кои резултирале со конкретни резултати. Твитер како каписла за социјалните мреќи во Македонија, Евровизија, поплави Србија, Мартин, На точок и други (а можеби и за овие грешам).
ГВ: Дали има интеракција меѓу македонската Твитер-заедница со странските? Колку содржини се преземаат или прелеваат?
ИБ: Многу малку или воопшто,и доколку има тоа се со луѓе кој на некој начин се поврзани со Македонија. Прелевање на информации има во вид на шерување, но и „преведување„ на твитови од странски автори се со цел поголем рејтинг.